Дали францускиот бакнеж навистина потекнува од Франција?

Луѓето ја искажуваат својата наклонетост на различни начини, како прегратка, бакнување, ракување и слично. Но можеби најинтересната интеракција помеѓу двајца е познатиот француски бакнеж, односно бакнување со јазик кое најчесто се користи за сексуална стимулација. Францускиот бакнеж е начин на покажување љубов кој е прифатен низ целиот свет, но првиот човек кој го пробал сигурно бил многу храбар. Па кој бил овој човек?

dali-francuskiot-baknezh-navistina-poteknuva-od-francija-kafepauza.mk

Бакнувањето со отворена уста се појавува во многу древни текстови. Најраното спомнување е во делата на санскрит од околу 1.500 година пред нашата ера. Во познатиот текст „Кама сутра“ од 3-иот век од нашата ера, спомнати се неколку места на човечкото тело за бакнување. Овде спаѓаат усните, како и внатрешноста на устата, а ова сугерира дека францускиот бакнеж не бил нешто ново во Индија во овој период.

Има претпоставка за еволуцијата на бакнувањето со јазик која наводно е последица од хранењето на децата кај цицачите. Сепак, ова не објаснува како овој „ритуал“ се прославил во некои општества, а не и во други. Постојат човечки заедници кои никогаш не слушнале за бакнување со јазик пред да стапат во контакт со Европејците. Овие заедници биле згрозени од овој начин на искажување љубов.

Најверојатно, проширувањето на францускиот бакнеж во Европа може да им се припише на Римјаните. Според нив постоеле 3 вида бакнежи – „osculum“ (пријателски бакнеж на образот), „basium“ (еротски бакнеж на усните) и „savium“ (страстен бакнеж со устата). Во римското општество начинот и местото на бакнување било показател на социјалниот статус.

Поимот „француски бакнеж“ најверојатно е смислен од американските и британските војници во Франција за време на Првата светска војна. Тие забележале дека жените од овој регион се многу поотворени за користење на оваа еротска техника за разлика од жените во Америка. Па, иако Французите не се првите луѓе кои се бакнувале со јазик, сосема е во ред што добиле признание за ова поради ентузијазмот на француските љубовници од пред еден век.

Интересно е што Французите немале одреден збор за овој бакнеж сè до неодамна. Францускиот глагол „galocher“, кој е дефиниран како „бакнување со јазик“, бил додаден во францускиот речник „Le Petit Robert“ во 2014 година. Појавувањето во овој популарен, но неофицијален речник не му дава вистинско признание на зборот. Сепак глаголот „galocher“ се појавува во „Academie Francaise“, во регулацијата на францускиот јазик која е стара 378 години.

Денес францускиот бакнеж е толку познат што тим од јапонски научници направиле направа за бакнување со јазик според него. Оваа машина им овозможува на паровите кои се разделени да се поврзат со направи кои работат преку компјутер. Ова е навистина голема посветеност на врските на далечина.

Според овие факти, јасно е дека францускиот бакнеж не потекнува од Франција. Но кристално јасно е дека имаме отворени срца (и усти) како и француските љубовници од 20-тиот век благодарение на овој поим.

Погледнете ги и овие интересни факти за бакнувањето.

За авторот
Студент кој секојдневно се губи низ страниците на некоја книга. Пишувањето и јогата го прават нејзиниот ден целосен.

Поврзани содржини

Остави коментар