Дали црвената боја е за сите црвена?

Секој кој нормално ги распознава боите би се согласил дека крвта има отприлика иста боја како јагодите, одредени ружи и планетата Марс. Тоа значи дека сите тие се црвени. Но, дали е можно тоа што вие го нарекувате „црвено“ за некој друг да значи „сино“?Дали црвената боја е за сите црвена?„Ова прашање сите ние го поставуваме уште од основно училиште,“ вели Џеј Нитс, научник од Универзитетот во Вашингтон. Во минатото многу научници би одговориле така што ќе објаснеле дека секоја личност со нормален вид би требало да гледа исто на боите. Тие сметале дека нашите мозоци имаат стандарден начин за процесирање на светлината низ клетките во нашите очи и дека перцепцијата на бојата на светлината е поврзана со универзални емоционални одговори. Но, неодамна, нивниот одговор се променил.

„Можам слободно да кажам дека неодамнешните експерименти нè натераа да ја земеме предвид идејата дека ние навистина не ги гледаме истите бои,“ вели Нитс. Џозеф Керол од Медицинскиот Колеџ во Висконсин го одвел ова размислување еден чекор понапред тврдејќи дека луѓето навистина не ги гледаат боите на ист начин.

Црвената боја за една личност, може да е сина боја за некој друг, или обратно. Вие можеби ја гледате крвта во боја која некој друг ја нарекува сина, додека пак вашето небо за некој друг е црвено. Но, сепак нашите индивидуални перцепции не влијаат на начинот на кој бојата на крвта или пак, на небото нè прави да се чувствуваме.

Одредени истражувања покажале дека не постои предодредена перцепција припишана за секоја бранова должина на боите. Способноста да се разликуваат одредени бранови должини буквално се појавува од никаде. На пример, со додавањето на нов ген во експериментите со мајмуни, нивниот мозок едноставно почнува да ги разбира новите информации и ги претвора во одредена перцепција за бои кои нивниот мозок не е способен да ги распознава. Кога ние се раѓаме, нашиот мозок го прави истото. Нашите неврони не се конфигурирани да реагираат на боите на единствен начин, па поради тоа секој од нас развива уникатна перцепција на бојата. „Доживувањето на боите е приватно чувство,“ вели Керол.

Други истражувања сугерираат дека разликите во начинот на кој ние ги перцепираме боите не го менуваат универзалниот одговор кој ние го имаме на нив. Без разлика која боја ја гледаме кога го набљудуваме небото, таа е со пократка бранова должина (сината) која има смирувачко дејство врз нас, додека пак оние со подолги бранови должини (жолта, портокалова и црвена) нè прават да бидеме повеќе на „штрек“. Овие одговори, кои не се присутни само кај луѓето, се смета дека еволуирале како начин за одредување на дневниот и ноќниот циклус на сите живи нешта.

Поради начинот на кој атмосферата ја распрскува сончевата светлина во текот на денот, сината светлина доминира за време на ноќта, како и во средината на денот кога сите живи нешта мируваат, за да ја избегнат темнината или силната УВ светлина. Додека пак, жолтата светлина доминира за време на изгрејсонцето и зајдисонцето, кога животот на Земјата е најактивен.

Сè уште не може со сигурност да се потврди дали навистина некои луѓе различно ги гледаат боите, но сепак интересно е да се замисли каков би бил светот доколку боите не се онакви на кои ние сме навикнати. Пробајте да замислите како би изгледало зајдисонцето доколку е сино, или пак чистото попладневно небо да е црвено? Би ви се допаѓал ли тој свет?


Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.

За авторот
Дипломиран психолог кој обожава да пишува. Отсекогаш многу ја интересирала астрономијата и физиката, а животно мото ѝ е дека не смее да помине ни еден ден без танцување. Автор на книгата „На работ од времето“, првиот дел од трилогијата „Наследството на Вероника“.

Поврзани содржини

  1. Makedonka Chadinoska Reply

    Ако „Доживувањето на боите е приватно чувство,“ тогаш го обожавам моето приватно чувство за боите :)

Остави коментар