Баба Рога и нејзините „митолошки колеги“

Дознајте нешто повеќе за неколку митолошки суштества кои додека бевме деца ни влеваа страв во коски…

Внимавајте иде Баба Рога!

Се сеќавате ли на Баба Рога? Многумина од нас штом го слушнеа ова име стануваа најпослушните деца на светот, ги празнеа чиниите и веднаш заминуваа на спиење. Според митолошките преданија, таа е страшна вештерка која живее во шума. Нејзината куќа е оградена со коски и черепи од деца, кои откако ќе ги намами во својот дом, ги вари во голем котел и ги јаде.

Покрај во нашата земја, Баба Рога е синоним за детски страв и во Хрватска, Србија, Босна и Херцеговина, Русија, Украина, Бугарија, Полска, Чешка, Словачка и Словенија. Позната е уште и како Баба Јага, односно Јага Баба.Баба Рога и нејзините „митолошки колеги“Во руските приказни, Баба Рога (Баба Јага) е грда и стара жена која живее во куќа што се движи на кокошкини нозе. Клучалката на вратата има остри заби и не може да се отвори ако не ги знаете магичните зборови. Нивната Баба Рога не лета на метла, туку на нејзиниот бастун.

Во сказните „Василица Прекрасна“ на рускиот ислустратор и сценограф Иван Јаковлевич Билибин, оваа страшна баба има невидливи слуги за кои никој не смее да ја праша. Според делата на Билибин, нејзината куќа ја влечат тројца јавачи. Едниот јава на бел коњ и го означува денот, другиот на црвен и го сибмолизира Сонцето и третиот е на црн коњ и царува со ноќта.

„Баба Рога“ на Александар Пушкин во поемата „Руслан и Људмила“ е штрбава старица, која исто така, живее во куќа на нозе од кокошка. Но, нејзиниот дом е без врати и без прозорци.

Полските деца пак, Баба Рога ја знаат како вештерка која живее во куќа со само само една нога од кокошка. Таа лета на метла и е облечена во полска народна носија (црвено-црна). Во нивните приказни има повеќе Баба Роги. Така ги нарекуваат и страшните вештерки кои живеат во куќички од колачиња.

Погледнете и една куса анимација за оваа хорор-баба:


А, сте слушнале ли за Караконџула?

Караконџула е женски демон кој живее во македонските, српските и бугарските приказни. И таа е со лик на старицa, носи бастун, има долги нокти, рогови, железни заби и продорни светли очи. Ова митолошко суштество лута доцна во ноќта за време на т.н. некрстени денови, често стои пред вратите и таму ја чека нејзината жртва. Таа може да се јави и во облик на многу слаба и висока жена или пак, да се трансформира во мало девојче.

Кога петелот ќе го означи почетокот на новиот ден, Караконџулата се повлекува во нејзиното дувло. Што значи, не чекајте да падне мрак, па да си одите дома, приберете се со време. :-)Баба Рога и нејзините „митолошки колеги“

Итрите самовили ќе ви ги земат очите?!

Самовилите се убави, но злобни девојки, кои уживаат во музика и постојано играат оро. Имаат златни долги коси и крилја. Тие поседуваат неверојатна моќ да го заведат и маѓепсаат човекот. Живеат високо на планините, покрај извори на вода и во раскошни дворци на облаците.

Според јужнословенската митологија, самовилите се раѓаат од росата на некое цвеќе, во моментот кога се појавува виножито. Можат да заземат најразлични форми, да се преобразат во лебед, сокол, волк и во други животни, и имаат неверојатна способност за пророкување. Ако побараат нешто од вас, а вие не го исполните, ќе ви ги земат очите. Нивната моќ лежи во косите и во крилјата. Ако некој им ги отсече, тие се претвораат во обични жени. Ако пак, им ја украдете облеката, самовилите ви се потчинуваат.Баба Рога и нејзините „митолошки колеги“Интересно е тоа што во некои записи се сретнуваат и мажи-самовили. Тие се синови на самовилите и имаат неверојатна мажествена моќ. Ова секако, се само мал дел од податоците за овие суштества од митологијата. За нив, повеќе можете да прочитате во делата на Марко Цепенков.

Таму е дувлото на неуништливата ламја

Ламјата најчесто има кучешка глава со големи остри заби и нокти. Таа се движи на четири нозе и има опашка која завршува во облик на рог. Телото на ламјата е покриено со големи лушпи, слично како кај рибите. Овие митолошки суштества живеат во пештери и во длабоки дупки, каде чуваат големи богатства. Во некои записи, тие се претставени и како чувари на водите и на изворите.

И ламјата има моќ да се трансформира. Таа може да заземе форма на човек, на орел или на змија. Нејзината појава се врзува со силните ветрови и со грмотевиците. Тие имаат силно развиен осет за мирис и се хранат со човечко месо. Ламјата е еден вид противтежа на змејот. Кога ќе се сретнат овие две митолошки суштества, тие веднаш влегуваат во борба, заради која се јавуваат грмотевиците и светкавите молњи на небото.Баба Рога и нејзините „митолошки колеги“Сме гледале и слушале многу приказни за нив, со храбри и сиромашни јунаци, кои за да дојдат до срцето на богатите цареви ќерки, мораат да се соочат со овие опасни и неуништливи ѕверови…

Па, заради кое од овие суштества и вие бевте послушни деца? :-)


Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.

За авторот
Минималист ;)

Поврзани содржини

  1. soraja Reply

    hehe bravo za temata inace kako dete i jas se plasev od Baba Roga :):):):)

  2. aleksis Reply

    vo prikaznite isto taka se raskazuva deka karakondzulot e masko koe trazelo za zrtvi ubavi i mladi devojki…

Остави коментар