7 мудри лекции за парите од Брус Ли

Првата асоцијација за Брус Ли е мајсторството за боречките вештини и филмовите во кои истите ги употребува, но малкумина знаат дека студирал филозофија, пишувал поезија и бил многу начитан. Се интересирал за многу сегменти од животот, вклучително и за парите, за кои има да ни пренесе неколку важни лекции.

7 мудри лекции за парите од Брус Ли

1. Карактерот на парите


„Парите сами по себе немаат одреден карактер. Парите се она што човек ќе направи од нив.“

Парите се само средство кое ни овозможува да дојдеме до нештата кои ни се неопходни, а можат да се купат. Од големината на нашите потреби зависи и моќта што тие ја имаат во нашиот живот. Ако веќе ги поседуваме тие нешта, тогаш парите не ни се многу потребни, но ако посакуваме многу повеќе од тоа, тогаш нивната моќ сосема се менува.

2. Парите се средство со кое може да се постигнат само некои цели


Детето мора уште рано во животот да научи дека парите се само средство, еден вид корист, инструмент. Како и сите други средства, тие имаат одредена намена, но не можат да сторат сè за нас. Човек мора да научи како да ги користи, што може да направи со нив, но пред сè што не може да направи со нив.“

И премногу пати е повторена тезата дека љубов или пријателство не се купуваат со пари, но светот и понатаму пати од истиот проблем. За да не се воспитаат децата во тој манир, Брус Ли препорачува да им се објасни дека моќта на парите е ограничена. Нивната намена не е бесконечна, така што со нив можат да купат само одредени работи, но има многу нешта кои не се купуваат со пари.

7 мудри лекции за парите од Брус Ли

3. Парите се споредна работа


„Според мене парите се споредна работа. Основна и важна е твојата способност и она што го правиш за да ги стекнеш. Кога тоа ќе го постигнеш и останатите работи ќе си дојдат.

Кога човек го прави она што му претставува задоволство, тогаш помалку ќе му требаат нештата до кои се стигнува само со пари.

4. Чесна поделба на добивката


„Многу филмски продуценти мислат дека мене ме интересираат само парите. Затоа се обидуваат да ме намамат на снимање, ветувајќи ми огромни суми и ништо друго. Но, во моето срце, јас сакам само чесна поделба на добивката“.

Парите не биле сè што го интересирало Брус Ли. Тој сакал да му биде полно срцето. Кога соработувал заедно со повеќе луѓе, го сакал само својот дел од добивката. Ни помалку, ни повеќе. Според него, тоа е единствениот начин сите да бидат задоволни од заедничкиот труд.

5. Добрите денови не траат вечно


„Многу научив од филозофијата за парите на мојот татко. Тој ми велеше: ‘Ако годинава заработиш 10 долари, имај на ум дека идната година можеби ќе заработиш само 5 – мора да бидеш спремен на тоа’“.

Мора да се чуваат пари за црни денови. Не е лесно да се штеди во ситуација кога заработката е мала, но паметно е колку-толку да се остава нешто на страна.

7 мудри лекции за парите од Брус Ли

6. Парите не се најважни во животот


„Секако дека парите се важни и ми овозможуваат да го обезбедам за семејството она што е потребно. Но не се сè во животот“.

Колку далеку сте спремни да одите за повеќе пари? Дали вреди да се пропушти премногу време со семејството или пријателите за да се заработи сума која не може да го надомести пропуштеното? Дали на нашите блиски им е поважно да поминуваме повеќе време покрај нив или да им однесеме дома голема плата?

7. Важно е да го правиш она што го сакаш


„Едно време ги сакав споредните работи – парите, славата, филмските премиери. Сега кога ги имам или почнувам да ги добивам, тоа не ми изгледа толку важно. Сфатив дека најважно е да го правам тоа што го сакам. И се забавувам додека го правам тоа. Парите доаѓаат после.“

И оваа лекција потврдува дека парите се само средство со кое се стигнува до некои цели, но штом човек стигне до состојба на задоволство од животот, тие добиваат второстепено значење. Кога срцето е полно, парите не се најбитни.


Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.

За авторот
Го интересираат општествените науки и сето она што ја истражува повеќедимензионалноста на светот и човековото однесување, но од тоа само правото му е професија. Вљубеник во филмот, фотографијата, читањето и сите спортови на овој свет. Пишувањето му е задоволство кое му овозможува да биде во контакт со нив секој ден.

Поврзани содржини

Остави коментар