5 најчести причини поради кои жените не сакаат да имаат деца

Во денешно време постојат сè повеќе разводи, па поради тоа ни најмалку не изненадува зошто голем број жени воопшто не ни помислуваат на брак, а уште помалку на мајчинство. Но, кои се причините поради кои одредени жени не сакаат да имаат деца? Погледнете ги следниве 5 одговори на ова прашање, како и исповедите на 5 различни жени кои одлучиле дека сакаат да живеат живот без деца кои ќе ви помогнат подобро да ги сфатите нивните ставови на оваа тема…

5 најчести причини поради кои жените не сакаат да имаат деца

1. Сфаќаат дека никогаш нема да бидат подготвени за таа одговорност

Да се роди дете и да му се биде на располагање 24 часа, секојдневно, до крајот на животот е навистина голем чекор. Секако, се работи за фигуративна претпоставка, но фактот е дека вие сте целосно резервирани барем првите 18 години од неговиот или нејзиниот живот. Вие мора да бидете покрај нив сè додека и тие самите не станат возрасни, а потоа да продолжите да им давате психолошка, физичка и многу често финансиска поддршка која трае засекогаш. Тоа е огромна одговорност дури и за оние кои се подготвени.

„Не е во прашање само слободата. Јас сакам да имам енергија, време, пари и тоа е крајот на приказната. Не сум се родила со мајчински инстинкт и едноставно не сакам да имам деца. Имам внуци и тоа ми е доволно.“

2. Сакаат да се посветат на себе

Нема ништо лошо во тоа. Жените кои сакаат да се посветат на себе, работејќи, патувајќи и забавувајќи се исто така се и свесни дека нивното дете би патело во овој животен стил. Но, тие исто така премногу го сакаат својот начин на живеење и не би сакале да се откажат од него, па токму затоа и се одлучуваат да немаат деца.

„Доволно сум зрела да признаам дека не сакам да имам деца. Сакам да можам да се спакувам во било кое време и да отидам онаму каде што душата ми посакува во тој момент. Сакам да патувам, да трошам пари, да работам без чувство на вина и да спијам кога сум уморна.“

3. Не ја сакаат „најтешката работа на светот“

Не е тајна колку е тешко да се има дете. Тоа е работа од која не можете едноставно да дадете отказ доколку ви стане премногу тешко – вие ќе бидете родители до крајот на вашиот живот.

„На децата мора да им дадете 100% од вашето време. Мене понекогаш ми е тешко да се грижам за сите работи кои досега ги имам во мојот живот, не сакам ни да помислам како би ми било со дете. Кога слушам дека мајчинството е најтешката работа на светот, апсолутно верувам во тоа. А јас не ја сакам таа работа. Јас сум си самата на прво место.“

4. Не сакаат да доведат деца во рацете на овој свет

Времињата драстично се променети, а со нив и начинот на растењето. Децата многу побрзо се развиваат и растат, понекогаш со толкава брзина што може да ви изгледа како тие воопшто да немале детство. Од мали нозе се опкружени со технологијата која целосно го менува и значително влијае на нивното детство.

„Кога би била сигурна дека ќе можам да ја задржам невиноста на моето дете и да му овозможам да расте нормално, како и ние некогаш, тогаш можеби и би размислувала за мајчинството. Но, да донесам дете во овој свет… Тоа едноставно не можам.“

5. Не се снаоѓаат добро со деца

Често слушаме за мајчински инстинкт или пак, за биолошки часовник, но изгледа овие нешта не се дел од секоја жена. Без разлика на тоа што тие имаат репродуктивен систем за создавање и донесување дете на овој свет, сепак во нив не се појавува таа потреба. Многу жени не знаат што би правеле со деца, не се снаоѓаат добро покрај нив и не чувствуваат потреба да се остварат преку мајчинството.

„Никогаш не сум сакала деца. Тие не ме привлекуваат и не се чувствувам добро во нивна близина. Јас сакам да бидам фокусирана на други нешта, како и да го живеам животот онака како што јас сакам.“

За авторот
Дипломиран психолог кој обожава да пишува. Отсекогаш многу ја интересирала астрономијата и физиката, а животно мото ѝ е дека не смее да помине ни еден ден без танцување. Автор на книгата „На работ од времето“, првиот дел од трилогијата „Наследството на Вероника“.

Поврзани содржини

  1. Mimi Reply

    Onie zeni sto vaka razmisluvaat i ne treba da se razmnozuvaat. Ne zasluzuvaat da ja osetat najgolemata radost na svetot. Mnogu sebicno. I zalno.

Остави коментар