5 цитати кои ќе ве инспирираат да ги победите предизвиците

„Луѓето често велат дека ефектот на мотивацијата не трае долго. Но, не трае ни оној на туширањето, затоа се препорачува да се прави секојдневно“. – Зиг Зиглар, мотивациски говорител.

Имате идеја за нешто ново, пред вас е некаков предизвик, клучен фактор за да остварите некоја цел, да си го остварите сонот? Дали понекогаш помислувате дека она што сте наумиле да го направите е невозможно и дека никогаш нема да ви успее? Размислете добро. Ова се 5 цитати кои ќе ве инспирираат да се соочите со предизвиците и да излезете како апсолутен победник.5 цитати кои ќе ве инспирираат да ги победите предизвиците

1. „Во дваесеттите години од мојот живот НИЕДНАШ не зедов слободен ден“. – Бил Гејтс, ко-основач на Мајкрософт

Во ред, можеби не треба ова да се сфати буквално, но главната порака е многу јасна. Додека вие кревате раце од вашиот сон мислејќи дека не сте доволно добри, некој го „загрева“ столчето и смислува начин да ја победи својата конкуренција, односно вас. Секако дека во младоста треба да се ужива, но младоста е клучен период кога имате доволно енергија и желба да внесете промени во светот, а жалосно е таквата енергија да се потроши залудно.

2. „Може да имате милион идеи, но сите се безвредни доколку не преземете нешто за да ги реализирате“. – Лаурен Амаранте, основач на Светскиот ден на претприемништвото

Можеби сакате да основате свој бизнис, да креирате нешто ново, да продолжите со вашето образование, и секогаш си велите себеси дека не е вистинското време. А кога всушност ќе дојде правото време за да станете од кревет и да го реализирате замисленото? Вистинскиот момент не постои, треба сами да го создадете. Вие можеби во вашата глава имате решение за некој светски проблем, но тоа е залудно сè додека не преземете акција.

3. „Чекањето совршенство никогаш не е толку паметно колку правењето напредок“. – Сет Годин, претприемач, автор, јавен говорител, основач на Squidoo

Слично како претходниот цитат, но со една важна разлика. Доколку сте опседнати со совршенство, голема е веројатноста да не постигнете ништо. Во групата перфекционисти би ни се придружиле многумина, но колку што е добро да се биде перфекционист, толку е и негативно. Во животот треба да оставиме некои работи да минат несовршено, за да знаеме да ги изработиме до перфекција нареден пат. Да се преземе нешто, значи да се научи лекција доколку не излезе како што треба, да се чека за совршениот момент значи да не се напредува воопшто.

4. „Најопасниот отров е чувството на успех. Противотровот е секој ден да се размислува што може да се направи за подобро утре“. – Ингвар Кампрад, основач на ИКЕА

Во животот секој доживува успеси. Разликата е во тоа што некој дозволува да се заслади и да биде заслепен од неколку успеси па прекинува со работа, а друг продолжува да се надградува и достигнува повеќе. Успехот прави да сакате повеќе, и во ред е одвреме-навреме да запрете за момент и да земете здив, но лошо е да кренете раце задоволувајќи се со почетнички успех кога можете многу повеќе.

5. „Тогаш кога ќе сакате да се откажете сте многу поблиску отколку што мислите“. – Боб Парсонс, ко-основач на GoDaddy

Зарем успешните личности никогаш не доживеале падови, зарем ним никој никогаш не им рекол дека нема да успеат, мислите дека не доживеале моменти кога помислиле едноставно да се откажат од сè? Но сепак, продолжиле да се обидуваат. Целта може да ви биде пред нос, никогаш не кревајте раце од вашиот сон.

 


Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.

За авторот
Слободното време го минува со голема шолја кафе и со добра книга во рака или пишувајќи го она што ѝ лежи на душата. Не може да поднесе неправда и негува емпатија кон луѓето. Како перфекционист опседнат да даде сè од себе, сонува да направи промена во светот околу неа. Креативна и желна за нови предизвици, со многу нови соништа секој ден, иако понекогаш плашлива од промена. По малку романтична со голема љубов кон англиските книжевни класици.

Поврзани содржини

Остави коментар