4 ситници што многу ни недостасуваат од времето пред Интернетот

4 ситници што многу ни недостасуваат од времето пред Интернетот

Кога и да се сетиме на животот пред појавата на Интернетот, нè фаќа мала симпатична носталгија и се потсетуваме на сите оние мали возбудувања што секојдневно ни го исполнувале денот. Дури и наједноставните работи, како чекање на омилената песна на радио и видео спотот за истата на телевизија или пак, снимање на филмот што ни е во срцето на видео касета, за да можеме по сто пати да го прегледуваме, ни предизвикуваа повеќе задоволство од што било денес.

4-sitnici-shto-mnogu-ni-nedostasuvaat-od-vremeto-pred-internetot-ww.kafepauza.mk

Денес до сè можеме да пристапиме со само еден клик, кога и да го посакаме тоа, па како да го заборавивме задоволството што произлегуваше од самото исчекување на омилените песни или филмови и среќата што ја чувствувавме додека ги слушавме или гледавме. Токму затоа и направивме мала листа од 4 сосема обични, но толку посебни нешта што ни недостигаат од тоа време.

1. Пишување писма и испраќање разгледници

Кога и да се излезе од градот, секогаш се праќале разгледници или се пишувале писма. Дури и да не сте отишле некаде, писмата беа единствениот начин да останете во контакт со роднините и пријателите во други земји. Се сеќавате ли колку се радувавте кога по неколку недели ќе ви стигне одговор? Некои луѓе се допишувале и со личности со кои се запознале токму преку писмата, па не знаеле како изгледаат сè додека не испратат и фотографија со самото писмо, оставајќи ѝ простор на фантазијата да создаде некаков изглед преку напишаните зборови.

2. Снимање песни на аудио касета

Во саботните и неделните попладневни и вечерни часови, сите беа пред своето радио бидејќи тогаш беа емитувани музичките емисии. Ако сакате да ја снимите вашата омилена песна на касета, тогаш би требало со време да стигнете дома за да не ја пропуштите. Најдобро од сè беше моментот кога ќе заврши целата песна без прекин од страна на водителот, а оние што можеа да преснимуваат од една касета на друга, е тие беа најголеми фраери!

3. Снимање спотови и филмови на видео касета

Кога на телевизија се прикажуваа емисии со музички спотови, вие трпеливо ги чекавте вашите омилени за да можете да си направите сопствена плејлиста за домашните забави и собири со пријателите. Од друга страна пак, омилените филмови, снимени на видео касети, беа толку многу прегледувани, што поголемиот дел од нив имаа оштетена лента и матна слика. Во тој момент моравте да купите нова касета и повторно трпеливо да го чекате филмот на телевизија за да го снимите одново.

4. Читање печатени списанија

Во потрага по изгубеното време, не можеме да не се сетиме на опојниот мирис од свежо испечатените списанија и звукот на листањето страници додека ги дознававме новостите од светот на забавата, модата, здравјето, љубовта… Нетрпеливо го чекавме излегувањето на новиот број на омиленото списание бидејќи тоа ни беше единствениот извор на оној вид информации што денес може да се дознае со само еден клик на Интернет.

Што вам ви недостига од тоа време?


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Дипломиран психолог кој обожава да пишува. Автор на научно-фантастичната книга „На работ од времето“. Животно мото ѝ е дека не смее да помине ниту еден ден без кафе и танцување.

Поврзани содржини

Остави коментар