3 книги кои треба да ги понесете со себе на одмор

Во сезоната на летни одмори не забораваме да ви предложиме неколку добри книги. Ова се три предлог-книги за на плажа кои ќе го зачинат уживањето во летото. Дајен Чемберлен, Ерика Орлоф и Елизабет Гилберт имаат за задача да ја разбудат вашата фантазија во текот на летните месеци.

3 книги кои треба да ги понесете со себе на одмор

1. „Прекршувајќи ја тишината“ – Дајен Чемберлен

Наслов на оригиналот: Breaking the Silence – Diane Chamberlain

3 книги кои треба да ги понесете со себе на одморОдлична семејна драма, впечатливо раскажување и длабока психолошка анализа на ликовите. Токму тоа би го очекувале од оваа книга доколку порано имате прочитано нешто од Чемберлен. И воопшто нема да згрешите.

Последната желба на Карл Брендон кој е на смртна постела, е неговата ќерка Лора да оди во старечки дом и да посети старица по име Сара Толи. Лора сака да ја исполни последната желба на татко си, но нејзиниот сопруг Реј, на нејзино големо изненадување, се противи на таквата идеја.

Лора не разбира зошто Реј е против тоа и сепак одлучува да ја посети старата жена. Кога се враќа дома, го наоѓа својот сопруг облеан во крв со пиштол во рака, а нејзината 5–годишна ќерка Ема поради огромниот шок ќе потоне во молк.

Со желба да ѝ помогне на малечката Ема, Лора стапува во контакт со нејзиниот биолошки татко Дилан. Заедно пробуваат да ѝ помогнат на Ема да се опорави од шокот и повторно да почне да зборува.

Која е причината за самоубиството на Реј? Какви тајни крие старата жена и зошто Карл толку инсистирал неговата ќерка да ја посети Сара во старечкиот дом?

 

2. „Дали носат високи потпетици во рајот?“ – Ерика Орлоф

Наслов на оригиналот: Do They Wear High Heels in Heaven? – Erica Orloff

(3) 3-knigi-koi-treba-da-gi-ponesete-so-sebe-na-odmor-www.kafepauza.mkМоже да ја сместиме во категоријата драми и романси, но во никој случај не спаѓа во лесна чик лит иако баш така изгледа според нејзината корица и насловот. Длабоко навлегува во животот на една модерна жена, разведена мајка со две деца која се соочува со страшен предизвик и покажува неверојатна сила.

Лили е колумнист за њујоршки весник, таа е разведена мајка на две деца, Тара и Ноа. Мајкл е нејзиниот најдобар пријател и е геј. Тие заедно поминуваат низ многу во животот, секако, помогнати од значителна доза мартини. Но овој пат се соочуваат со најголемиот предизвик кој животот би можел да им го понуди.

Од Лили се бара да напише колумна за најраспространетата болест меѓу жените, ракот на дојката. Таа се радува на ваквата задача бидејќи точно знае како ќе ги изнесе своите размислувања на таа тема. Но нејзиниот живот целосно излегува од дотогашниот тек откако ќе дознае дека и таа боледува од страшната болест. Тука ја гледаме нејзината храброст и желба за живот. Храбро ќе се исправи во оваа борба, а со тоа нам како читатели ни дава голема инспирација.

 

3. „Јади, моли се, сакај“ – Елизабет Гилберт

Наслов на оригиналот: Eat, Pray, Love – Elizabeth Gilbert

3 книги кои треба да ги понесете со себе на одморСтанува збор за автобиографска книга на Елизабет Гилберт, во која таа го опишува опоравувањето по нејзиниот развод. Опра Винфри посвети дури две епизоди од своето шоу на овој бестселер. Несомнено и вам ќе ви се допадне исто толку.

Во своите рани триесетти, Гилберт има сè што ѝ треба. Сопруг, дом, успешна кариера како писателка. Но, не се чувствува исполнето. Напротив, таа е обземена со паника и несигурност. Така започнува бракоразводната парница, што ја прави уште понесреќна, безнадежна и скршена.

По завршувањето на разводот, таа тргнува на пат. Најпрво заминува за Италија, каде пробува најразлични гурмански специјалитети и ужива во храната. Потоа заминува во Индија каде останува три месеци, посветувајќи се на духовниот живот. На крај патува за Бали, Индонезија, каде наоѓа баланс меѓу реалниот и спиритуалниот живот, и се заљубува во бразилски бизнисмен.

Цела една година трае оваа „терапија“, и како што патува од една земја во друга, отвора ново поглавје во животот. Тогаш кога навидум имаме сè што ни треба, а сепак не сме исполнети, можеби е време да дозволиме животот да нè одведе во сосема спротивна насока. Само треба да имаме храброст да го преземеме тој ризик.

Книгата има и филмска верзија за која имаме пишувано порано.

Овие предлози не ви се доволни? Погледнете ги останатите книги за кои имаме пишувано. Уште повеќе предлози има во оваа листа на книги за на плажа.

 


Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.

За авторот
Слободното време го минува со голема шолја кафе и со добра книга во рака или пишувајќи го она што ѝ лежи на душата. Не може да поднесе неправда и негува емпатија кон луѓето. Како перфекционист опседнат да даде сè од себе, сонува да направи промена во светот околу неа. Креативна и желна за нови предизвици, со многу нови соништа секој ден, иако понекогаш плашлива од промена. По малку романтична со голема љубов кон англиските книжевни класици.

Поврзани содржини

Остави коментар