20 кратки, но слатки животни задоволства

20 кратки, но слатки животни задоволства

Најубавите нешта во животот се бесплатни. Секој ден е исполнет со мали, слатки задоволства, кои најчесто се неочекувани, краткотрајни, но сепак даваат чувство на среќа и уживање. Тие се дарови од животот, кои секој од нас потсвесно ги прославува на свој, уникатен начин. Прочитајте ги овие дваесет животни задоволства и не заборавајте да додадете некое ваше.

20 кратки, но слатки животни задоволства

1. Спиење во дождлив ден. Како што капките дожд нежно тропкаат по прозорецот од вашата соба, вие сè подлабоко ја нурнувате главата во перницата. Спиењето додека врне дожд е најслатко.

2. Пронаоѓање пари кои не сте знаеле дека ги имате. Дали ви се случило да си најдете пари во џеб од некоја јакна или фармерки кои одамна не сте ги носеле? Дури и да станува збор за 10 денари, невозможно е да не се израдувате за момент.

3. Краток контакт со очи со тотален странец од спротивниот пол. Чекорите по улица и разменувате страстен поглед очи в очи, кој ви кажува дека личноста е заинтересирана за вас. На момент се замислувате и после неколку секунди „магијата“ исчезнува, но убавото чувство останува.

4. Капење голи во езеро. Има нешто мистериозно, ослободително, а сепак природно во капењето голи во вода.

5. Добивање писмо или честитка од стар другар/роднина. Електронската пошта и социјалните медиуми станаа примарен начин за пишана комуникација. Но, сепак кога во вашето традиционално поштенско сандаче ќе добиете писмо или пакет испратен до вас, се возбудувате што сте добиле таков необичен подарок.

6. Поминување на жолто светло со вашиот автомобил. Ова е ситуација, која секојпат создава чувство на задоволство. Како што поминувате на жолто светло, ѕирнувате на ретровизорот и ги гледате сите автомобили зад вас, кои мораат да чекаат 90 секунди на црвено. Се чувствувате како газда!

7. Раскажување интересна приказна. Има ли некој кој не ужива да биде во улога на раскажувач на интересна приказна која ќе предизвика длабока љубопитност и насмевки кај слушателите?

8. Смешно сопнување на некој ваш пријател. Како што пешачите со вашиот пријател по улица, тој прави некој невообичаен чекор, поради кој убаво се сопнува и паѓа на задник. После неколку секунди станува, го исправува телото како пушка и се преправа како ништо да не се случило. Ова може да биде премногу смешна глетка, се разбира доколку никој не е повреден.

9. Слушањето на вистинската песна во вистинскиот момент. Не е важно дали станува збор за ситуација кога се чувствувате среќно, тажно, исполнето, разочарано или заљубено, нема поубаво чувство од слушањето песна која ги пресликува вашите моментални емоции и му дава смисла на вашиот живот во целина.

10. Првата голтка од пијалакот кога сте многу жедни. Само што се вративте од џогирање и сè што ви се врти во глава е чаша студена вода. Кога сте навистина многу жедни, првата голтка од чашата е вистинско блаженство.

11. Ситуација во која со некоја личност кажувате истовремено иста реченица. Пред ова да се случи, најчесто има момент на тишина и после одненадеж, вие и вашиот соговорник истовремено го изустувате истиот редослед на зборови. Овие моменти се ретки и необични и секогаш успеваат да нè расположат.

12. Чувството кога ќе сфатите дека имате уште време за спиење. Нешто изненадно ве разбудило и вие си мислите дека секој момент ќе заѕвони и вашиот аларм, бидејќи дошло време за станување. Но, го погледнувате часовникот и сфаќате дека имате уште 2 часа за спиење. Наеднаш ве облева нежно чувство на задоволство и подвиткани во ќебенцето, со задоволство се враќате назад во вашите соништа.

13. Чувството кога вашата идеја станува реалност. Цел ден сте се мачеле обидувајќи се да решите некаков проблем, но едноставно не ви успева. Обземени од фрустрацијата, решавате да пробате уште една идеја, пред да се откажете. Токму таа идеја е вистинското решение на вашиот проблем и вие задоволни и исполнети си легнувате да спиете.

14. Чиста, свежа постела на вашиот кревет. Изморени од напорниот ден, си легнувате в постела и сфаќате дека утрово ја заменивте со чиста, која мириса на омекнувач за алишта. Задоволни си легнувате, чувствувајќи се чисто и убаво, како никој досега да не легнал на тој кревет.

15. Уживање во прекрасен поглед. Препуштете се на убавините на кои ќе наидете возејќи се по прекрасните планински предели или планинарејќи по врвовите. Нека прекрасниот пејзаж пред вас ви даде енергија која ќе ви помогне да уживате повеќе во животот.

16. Навраќањето на старите добри времиња со пријателите. Нема поубаво чувство од навраќањето на убавите случки со луѓето со кои сте ги доживеале истите. Можеби не можете да го вратите времето, но сигурно можете да го вратите чувството.

17. Смеење до солзи. Смеењето лечи сè. Животот е прекрасен во моментите кога се смеете толку силно, што ви се чини дека секој момент ќе се задушите затоа што не можете да земете воздух. Ваквите моменти ви го подобруваат расположението и ве прават весели и позитивни.

18. Чувството после добар тренинг. Вежбањето е една од оние активности која ви создава одлично чувство после доброто потење и од која подоцна можете да го подобрите изгледот на вашето тело.

19. Ситуација кога ќе изнудите насмевка на нечие лице. Забележувате дека вашиот колега се наоѓа под стрес поради големиот број работни обврски, па тајно преземате дел од нив. Кога тој ќе сфати што сте сториле за него, со насмевка ќе ви заблагодари, а вие ќе се чувствувате одлично поради направеното доброто дело.

20. Релаксирање на сончев ден. Седнати на удобното меко столче на вашиот балкон, со книгата в рака која толку долго чекавте да ја започнете, уживате додека птиците пеат, а Сонцето ја милува вашата кожа. Совршенство!

 


Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Љубопитна новинарка и маркетерка со истражувачки дух, која е во вечна потрага по доза креативност. Животно мото ѝ е дека без утринско кафе, испеана песна и барем малку возбуда, не треба да ѝ помине ниту еден ден. Неостварен сон - да го прошета светот.

Поврзани содржини

  1. Kristijan Reply

    Se e OK samo toa so zoltoto svetlo moze da e rizicno 🙂

Напиши одговор на Kristijan Откажи одговор