16 причини за веднаш да се преселите во некоја од нордиските земји

16 причини за веднаш да се преселите во некоја од нордиските земји

Доколку размислувате за промена на местото на живеење, сигурно ќе ве интересираат овие 16 причини тоа да биде некоја од нордиските земји. Данска, Норвешка, Шведска, Финска и Исланд располагаат со нешта со кои малку земји можат да се пофалат.

16 причини за веднаш да се преселите во некоја од нордиските земји

1. Прекрасна природа

Северот на Европа располага со неверојатна природа. Секој пејзаж е толку живописен што изгледа како да не е на оваа планета. Некои научно-фантастични филмови чии дејства се случуваат на други планети се снимаат на Исланд, а покрај тоа тука се и норвешките фјордови, финските езера, поларната светлина…

2. Најсреќните луѓе на светот

Постојат некои мерења за тоа колку се среќни луѓето од разни делови на светот, а нордијците доминираат овде. Сите пет се во најдобрите десет. Причините кои носат толку среќа како последица се стандардот на живеење, должината на животот, правото да се направи слободен избор во многу сфери на животот и државната поддршка за населението.

3. Луѓето јадат често и обилно

Луѓето во овие земји јадат доста обилно. Храната која ја консумираат е здрава и квалитетна, а и можат да си ја дозволат поради високиот животен стандард. И покрај тоа воопшто не се дебели поради тоа што многу се физички активни. Многу ги користат велосипедите, а покрај тоа кај нив популарни се некои исцрпувачки спортови како хокеј на мраз или скијање. Друг фактор е тоа што поради студената клима им е потребна повеќе храна.

4. Парламентот е полн со жени

Нордиските земји ја имаат можеби најеманципираната женска популација на светот. Тие немаат квоти за пополнување на Парламентот со жени, туку тие сами се изборуваат за своите мандати. Тоа се должи на нивната активна вклученост на пазарот на трудот, одвоеноста на државата од црквата и развојот на системот на социјална благосостојба. Инаку околу 40% од пратениците припаѓаат на понежниот пол.

16 причини за веднаш да се преселите во некоја од нордиските земји

5. Речиси и нема корупција

Според индексот на Transparency International за корупција, Данска е најмалку корумпирана земја во светот, а и Финска, Норвешка и Шведска се исто така меѓу првите пет. Колку за споредба, Македонија е на 64-то место.

6. И татковците земаат долго породилно отсуство

Тамошните власти и работодавци знаат дека на детето и на мајката потребно им е и таткото да биде во нивна близина непосредно по породувањето. Норвешка е првата земја во светот која го вовела ваквото правило во 1977 година. Денеска, обата родители заедно имаат право на 47 недели породилно отсуство, од кои 14 се загарантирани за таткото. Во Финска таткото има право на најмалку 54 денови отсуство, а во Шведска тој број е 60. Овие денови можат да се искористат додека детето не наполни осум години.

7. Бејби боксот во Финска

Финците имаат една прекрасна традиција поврзана со идните мајки која веќе е озаконета. Секоја бремена жена од државата добива кутија полна со работи кои му се неопходни на малото бебе за да преживее, како облека, кремови и слични работи. Иако според стандардот тоа таму секој може да си го дозволи, државата ја продолжува оваа традиција на покажување внимание за мајките.

8. Извонреден образовен систем

Нордиските земји ги имаат најдобрите образовни системи во светот. Тие не ги тераат децата да повторуваат по наставникот, туку им даваат време да се пронајдат себеси во системот, да истражуваат, иновираат и фантазираат. Овие земји секогаш се првите во светот кои ги имплементираат најновите научни откритија од областа на образованието и тоа добро им се исплати. Повеќе за образовниот систем во Финска прочитајте на овој линк.

16 причини за веднаш да се преселите во некоја од нордиските земји

9. Новинарите се слободни

Сите пет нордиски земји се на врвот на листата по новинарски слободи на „Репортери без граници“. Според оваа организација, овие земји имаат добри закони кои успеале да се претворат и во култура на однесување. Пак за споредба, Македонија е на 123-то место.

10. Либерално општество

Како што веќе споменавме, нордиските земји важат за доста либерални, пред сè поради еманципацијата на жените и одбивањето на влијанието на црквата. Тоа се огледа и преку фактот што тие се меѓу првите во светот кои ги легализирале партнерствата на хомосексуалните двојки. Првата воопшто во светот била Данска со 1989 година. Нордиските земји се меѓу првите кои ја легализирале и проституцијата.

11. Казнувањето

Овие земји, особено Норвешка и Шведска, секогаш се првите во светот кои воведуваат револуционерни методи на казнување. Тие се доста полабави со санкционирањето на погрешното однесување и не се фокусирани кон одмазда на сторителот, туку кон негова рехабилитација. Кога некој оди во затвор во некоја од овие земји, тој ја губи само својата слобода, а не и својата безбедност и можност да биде здрав и да одржува лична хигиена. Затоа тие имаат помали казни и сè помала стапка на криминал и прекршоци.

12. Рециклирањето е религија

Нордиските земји си го рециклираат сето ѓубре кое го создаваат и го претвораат во енергија или во нови производи. Како прво, тие не ги фрлаат отпадоците насекаде туку ги селектираат, а втор важен фактор е тоа што таму тоа е доходовен бизнис. Шведска, на пример, не само што успева да го рециклира сиот свој отпад, туку и увезува по 800.000 тони отпад годишно од други европски земји со цел да го преработи во нешто друго.

16 причини за веднаш да се преселите во некоја од нордиските земји

13. Музика

На нивната музичка сцена има од сè по нешто. Имаат доста развиена рок и метал сцена, вклучувајќи бендови како ХИМ и Најтвиш, необични пејачки како Бјорк, па сè до славни мејнстрим диџеи како Авичи. Меѓу другото, заразени се со Евровизија.

14. Филмови

Жителите на овие земји се привилегирани и можат во нивните кина да гледаат некои од нивните за нас непознати, но прекрасни филмови. Нивната филмска продукција располага со емоционални драми и крими трилери кои се поразлични од холивудските и имаат некој специфичен шмек кој ги прави посебни.

15. Кампувањето е слободно и бесплатно

За разлика од повеќето земји во светот, во нордиските земји можете да поставите шатор каде што ќе посакате и полицијата нема да ви прави проблем заради тоа. Дозволено е да правите што сакате во шумите сè додека тоа го правите одговорно.

16. Дедо Мраз живее во нивниот крај

Неговото село се наоѓа на крајниот север, во Лапонија. Кој не верува може да го посети и да се увери.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Го интересираат општествените науки и сето она што ја истражува повеќедимензионалноста на светот и човековото однесување, но од тоа само правото му е професија. Вљубеник во филмот, фотографијата, читањето и сите спортови на овој свет. Пишувањето му е задоволство кое му овозможува да биде во контакт со нив секој ден.

Поврзани содржини

Остави коментар