11 знаци дека вашите пријатели ви љубоморат

11 знаци дека вашите пријатели ви љубоморат

Многу почесто се зборува за љубомората што постои во љубовната врска, отколку за пријателската љубомора. И во двата случаи станува збор за чувство од кое дефинитивно треба да се ослободите. Таа се јавува во различни форми, сите подеднакво ужасни и фрустрирачки. Доколку сте забележале дека во последно време односите со вашите пријатели се оладени или чувствувате некаква негативна енергија кога сте со нив, голема е веројатноста тие да ви се љубоморни. Ова се 11-те знаци кои ќе ви помогнат да ја препознаете нивната љубомора…

11 знаци дека вашите пријатели ви љубоморат

1. Велат дека животот не е фер

Дали вашите пријатели често ви велат дека не е фер тоа што вие имате некои работи кои тие ги немаат? Ова може да се однесува на работата, на љубовната врска или на материјални работи, како што е добриот автомобил. Многу често, овие луѓе го користат терминот „не е фер“ со цел да ги обвинат надворешните фактори за тоа што не можат да го постигнат она што нивниот пријател може.

2. Секогаш се премногу натпреварувачки настроени

Добро е да се има по малку конкуренција, но ако ја има премногу, тоа може да е знак дека зеленото чудовиште ги посетило вашите пријатели. Ако забележите дека тие ве доживуваат како конкуренција, вашите пријатели не само што ви се љубоморни, туку и пријателството во целост е токсично.

3. Секогаш се многу негативни

Им соопштувате на вашите пријатели дека сте добиле унапредување и одеднаш забележувате негативност од нивна страна. Се прашувате како е тоа возможно? Љубомората функционира токму на овој начин. Тие ќе се обидат да ве омаловажат со зборови како „Па, добро, се знаеше, и онака немаше кој друг да унапредат“. Внимавајте на скриената негативност и сфатете ја како знак.

4. Имаат потреба да ве засенат

Да се вратиме на примерот со унапредувањето. Ако си имате работа со љубоморни пријатели, тие прво ќе ве нападнат со гореспоменатата негативност, и потоа веднаш ќе преминат на коментари наменети за да го засенат вашиот успех. Љубоморните пријатели кога ќе чујат за вашето достигнување, веднаш ќе почнат да зборуваат за тоа како тие постигнале нешто подобро и поголемо.

5. Многу се несигурни

Зад секоја љубоморна личност се кријат нејзините несигурности. Дали вашите пријатели се несигурни во себе? Докажано е дека луѓето на кои им е пријатно во своја кожа и кои имаат цврста самодоверба, не им љубоморат на останатите. Спротивно на тоа, доколку забележите дека вашите пријатели не се воопшто самоуверени, голема е веројатноста дека ќе ја развијат нивната љубомора и ќе ја насочат кон вас.

6. Прават да се чувствувате лошо во секоја можна прилика

Сте земале слободни денови од работа за да отидете на одмор со вашиот партнер. Наместо да се радуваат за вас и за тоа што конечно ќе го добиете потребниот одмор, тие прават да се чувствувате виновни за тоа што ја запоставувате работата. Веројатно ќе ви кажат нешто како: „Одморот звучи супер, но да бев на твое место немаше да ја оставам работата туку-така“. Ако ви се чини дека вашите пријатели ја потценуваат секоја одлука што ќе ја донесете, тоа може да биде уште еден знак дека тие ви се љубоморни.

11 знаци дека вашите пријатели ви љубоморат

7. Опседнати се со престиж

Дали вашите пријатели се опседнати со тоа да бидат поканети на некои елитни настани? Дали секогаш сакаат да бидат во друштво на популарни и финансиски моќни луѓе? И потоа кога ќе добиете нешто повеќе од она што го имаат, тие одеднаш полудуваат. Статусот и успехот имаат голема улога во љубомората. Понекогаш, амбицијата е поттикната од несигурноста.

8. Се преправаат кога ќе им кажете некои добри вести

Имате некои возбудливи вести кои сакате да ги споделите со пријателите, но кога ќе ги изговорите зборовите, веднаш ги забележувате нивните лажни насмевки. Ова не се случува еднаш, туку секогаш. Покажувањето лажна среќа е уште еден знак за љубоморен пријател. Со нивното преправање тие сакаат да компензираат за љубомората што ја чувствуваат поради тоа што не се на ваше место.

9. Потценуваат сѐ што ќе постигнете

Сте постигнале нешто големо? За вашите пријатели тоа воопшто не е голема работа. Дури може и да ви кажат нешто како: „Доби покачување? Добро де, и јас добив. Многу луѓе добија покачување оваа година“. На овој начин љубоморните луѓе сакаат да направат да се чувствуваат подобро во врска со самите себеси.

10. Секогаш ве обесхрабруваат

Пријателите би требало да ве охрабруваат, а не обратно, нели? Кога си имате работа со љубоморни пријатели токму обратното се случува. Љубоморните луѓе се фокусираат на причините зошто не можете да направите нешто, а не на причините зошто можете.

11. Воопшто не ве поддржуваат

Секогаш кога ви е потребно некој да ве сослуша, не можете да најдете ни еден од вашите пријатели. Не само што тие ги потценуваат вашите цели и желби, туку и воопшто не се тука за вас. Вистинскиот пријател ќе сака да успеете и да бидете среќни, и секогаш ќе биде подготвен да ви ја даде неговата поддршка.

Доколку ги препознаете овие знаци кај вашите пријатели, сигурно ќе се запрашате што треба да направите. Љубомората не значи дека пријателството е готово. Постои начин да го решите овој проблем, а тоа подразбира да бидете отворени и искрени со пријателите кои сметате дека се љубоморни. Треба да ги отворите картите и да им објасните што ви пречи. На тој начин, вашите пријатели можеби ќе размислат два пати пред да коментираат нешто и да се однесуваат на начин кој прави да се чувствувате лошо. Запаметете дека треба да бидете искрени со нив, бидејќи само на тој начин ќе успеете да го зачувате и зацврстите вашето пријателство.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Писателот во нејзината глава вели: Дај ми англиска книжевност. Дај ми урбан апсурд и егзистенцијализам. Дај ми мистерии за човечката психа. Дај ми театар и џез како терапија.

Поврзани содржини

Остави коментар