10 психолошки состојби за кои никогаш не сте слушнале

10 психолошки состојби за кои никогаш не сте слушнале

Сите го знаат значењето на среќата и тагата. Но, што е со сите оние емоционални состојби за кои не постојат зборови со кои можете да ги опишете? Погледнете ги наредниве 10 чувства кои можеби некогаш сте ги доживеале, но не сте знаеле како да си ги објасните.

10 психолошки состојби за кои никогаш не сте слушнале

1. Дисфорија

Најчесто се користи за да се објасни депресијата во психолошките нарушувања. Дисфоријата е општа состојба на тага која вклучува вознемиреност, намалена енергија, анксиозност и огромна раздразнетост. Станува збор за состојба која е спротивна од еуфоријата и која се разликува од типичната тага затоа што честопати вклучува некаков вид нервоза и гнев. Оваа состојба сигурно сте ја доживеале во ситуациите откако ќе ви помине дејството на стимуланси како чоколадо, кафе или нешто посилно. Или можеби сте ја почувствувале како одговор на некоја несреќна ситуација, екстремна досада или депресија.

2. Маѓепсаност

Професорот по психологија, В. Џерод Парот ги разделил човечките емоции во неколку поткатегории, кои имаат свои поткатегории. Поголемиот дел од емоциите кои тој ги идентификува, како среќата и лутината се лесно препознатливи. Но, постои една поткатегорија на среќата за која можеби никогаш не сте слушнале. Таа е наречена маѓепсаност. За разлика од повеселите поткатегории на среќата, како ведрина, уживање или олеснување, ова е состојба на интензивен занес. Но, не е иста како љубовта и страста. Оваа состојба можете да ја доживеете кога гледате во неверојатен спектакл – како на пример, концерт, филм, лансирање на ракета или што било друго кое го заробува вашето внимание и го покачува вашето расположение до неверојатни височини.

3. Нормопатија

Теоретичарот по психијатрија, Кристофер Болас ја создал идејата за нормопатија за да го опише однесувањето на оние луѓе кои толку многу се трудат да се вклопат и да се прилагодат на општествените норми што на некој начин тоа се претвора во манија. Личност која е нормотична, најчесто е толку многу нездраво врзана за нормите што дури изгледа како да нема сопствена личност, туку како да го прави сето она кое се очекува од општеството. Екстремната нормопатија се нарушува со кршење на нормите, кога овие личности попуштаат под притисок на прилагодувањето и стануваат насилни или пак, прават нешто опасно. Многу луѓе поминуваат низ блага нормопатија во различни периоди од нивниот живот, најчесто кога се обидуваат да се вклопат во нова социјална средина или пак, кога се обидуваат да скријат одредени однесувања за кои веруваат дека ќе бидат осудени од страна на другите луѓе.

4. Абјекција

Постојат повеќе начини да се дефинира абјекцијата, но францускиот филозоф Јулија Кристева напишала книга за тоа што точно значи да се доживее оваа состојба. Таа претпоставува дека секој човек поминува низ период на абјекција кога е дете и кога за првпат ќе сфати дека неговото тело е одделно од телата на неговите родители. Ова чувство на раздвојување знае да предизвика вистински хорор кој подоцна може да ве следи во текот на вашиот живот. Тие чувства на абјекција се реактивираат кога се доживуваат настани, кои без разлика на тоа колку се кратки знаат да нè натераат да се запрашаме до каде се границите на нашето чувство за себе. Често, абјекцијата (одвратност) е она што го чувствувате кога сте сведок на нешто толку страшно што дури добивате и нагон за повраќање. Екстремен пример за ваква ситуација е гледање мртво тело или пак, отворени рани. Овие ситуации нè тераат да се потсетиме на фактот дека единственото нешто кое нè дели од нашата смрт е… скоро ништо. Кога ќе ја сфатите целосната тежина на оваа мисла, тоа што ќе го почувствувате е одвратност.

5. Сублимација

Ако никогаш не сте биле на предавање за Фројдовите теории за сексот, големи се шансите да не сте чуле за сублимација. Фројд верувал дека човековите емоции се на некој начин како мотор на пареа и дека сексуалниот нагон е пареата која поминува низ него. Доколку блокирате еден од вентилите, притисокот ќе се собере и пареата ќе излезе од некој друг. Сублимација е процесот кој ги пренасочува вашите сексуални нагони така што ве тера да правите нешто продуктивно како на пример, пишување статија за психолошки состојби или пак, развивање на нова програма. Доколку некогаш сте се ослободиле од вашите фрустрации така што сте изградиле нешто или сте доживеале интензивно задоволство од создавањето на уметнички проект, тогаш сте ја доживеале оваа состојба на сублимација. Секако денес овој поим се сфаќа на малку поинаков начин. Според францускиот теоретичар Жак Лакан, сублимацијата не мора да значи само претворање на сексуалниот нагон во друга активност. Тоа може да значи и негов трансфер од еден објект на друг, како на пример, преместување на вашите чувства од вашиот партнер кон вашиот сосед… 🙂

6. Репетициона компулсија

Повторувањето на компулсиите е нешто што секој од нас го прави многу често. Можеби се чувствувате како да морате да си одите дома по истиот пат или пак, да ги редите книгите на полиците по одреден редослед кој е секогаш ист. Според Фројд, ние запаѓаме во овие однесувања поради она што тој го нарекува „нагон за смрт“ или потребата да престанеме со постоење. Тој верувал дека секој од нас сака да се врати во „поранешната состојба на нештата“ а таа состојба е токму онаа пред да се родиме. Во позадината на секое повторување на овие компулсии стои желбата да се вратиме во состојбата пред животот. Можеби токму поради ова постојат толку многу луѓе кои имаат потреба да повторуваат некои активности кои се деструктивни и непродуктивни како на пример, постојаното заљубување во одреден тип на личности кои едноставно не се за нив.

7. Репресивна десублимација

Политичкиот теоретичар Херберт Маркус сакал да објасни како општествата кои поминуваат низ периоди на општествено ослободување и покрај сè остануваат под контролата на владата и големите корпорации. Според него, за оваа ситуација е виновна необичната емоционална состојба која тој ја нарекува репресивна десублимација. Фројд тврдел дека сублимација постои кога ја пренасочувате вашата сексуална енергија во нешто несексуално. Но, Маркус живеел во период кога луѓето ја ослободувале својата сексуална енергија токму преку сексот и според него тогаш владеела десублимацијата. Тој верувал дека оваа состојба служела како издувен вентил за нашите желби за да не мораме да се обидуваме да се ослободиме од општествените ограничувања. Најдобар пример за десублимација се интензивните забави низ кои поминуваат студентите. Тие конзумираат многу алкохол, дрога и менуваат голем број сексуални партнери додека истовремено се обидуваат да го завршат факултетот и да се подготват за работа. Наместо да се запрашуваме зошто го правиме сево ова, ние едноставно ги почитуваме правилата преку недела и имаме луди пијани ноќи за време на викендите. И токму тоа е репресивна десублимација.

8. Апорија

Го знаете она чувство на луда празнина кога ќе сфатите дека нешто во што сте верувале всушност не е вистина? И нештата стануваат уште почудни доколку станува збор за нешто за кое можеби никогаш нема да дознаете со сигурност дали би можело да биде вистина или не? Епа токму тоа е апорија. Овој термин се појавува уште во античка Грција, но причината поради која модерните теоретичари често го употребуваат е фактот дека помага во опишување на чувството кое луѓето го имаат во свет кој е преполн со информации, каде што секојдневно сте бомбардирани со контрадикторни пораки кои ви изгледаат подеднакво вистинити.

9. Комперзија

Поимот комперзија е популаризиран од страна на луѓето во онлајн-организациите кои практикувале отворени врски за да се опише чувството кое е спротивно од љубомората кога вашиот партнер се состанува со друга личност. Моногамната личност би се почувствувала љубоморно доколку го види својот партнер како се бакнува со друга личност, додека пак оние кои не се моногамни би почувствувале комперзија, чувство на радост додека го гледаат својот партнер среќен со друга личност. Но, комперзијата не се однесува само за љубовните парови. Таа може секој од вас да ја почувствува. На пример, доколку вашиот пријател освои некоја награда вие ќе бидете среќни за него и ќе чувствувате комперзија.

10. Групни чувства

Некои психолози веруваат дека одредени чувства можат да се имаат само доколку сте член на група. Овие чувства се наречени интергрупни и интрагрупни и можете да ги забележите само кога тие се контрадикторни на вашите лични чувства. На пример, многу луѓе чувствуваат интергрупна гордост или вина за она што го направиле нивните држави. Дури и во ситуации кога тие не биле ни родени кога тоа нешто се случило. Од друга страна, една личност може да има и интрагрупни чувства (од една група кон друга). На пример, личноста може да има интрагрупно чувство дека одредена раса или религија е инфериорна во однос на неговата група и покрај тоа што лично познава многу добри луѓе од тие раси или религии кои ги смета за свои пријатели.

 


Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Дипломиран психолог кој обожава да пишува. Автор на научно-фантастичната книга „На работ од времето“. Животно мото ѝ е дека не смее да помине ниту еден ден без кафе и танцување.

Поврзани содржини

  1. Sarah Reply

    jas imam 13 i imam slusnato za fasciniranost ne mi e jasno kako moze nekoj da ne slusnal

  2. tfhj Reply

    :DD

Остави коментар