10 природни феномени на Земјата

Нашата планета има многу чудни и прекрасни места кои ја имаат моќта да инспирираат и да зачудуваат. Тие нè потсетуваат дека дури и во оваа ера на технолошки чуда, во природата сè уште постојат неверојатни места за откривање. Ова се само 10 од многуте кои ги има на Земјата.

1. Памуккале, Турција

Прекрасните балконски базени на Памуккале, иако се познато место за луѓето од нашите краишта, сепак претставуваат помалку познато чудо за останатиот свет. Пред неколку илјадници години, земјотресите, кои се честа појава во Турција, создале фрактури во земјата преку кои моќни топли извори богати со калциум карбонат избиле на површината. Како што водата испарувала, варовитиот материјал кондензирал и таложел слоеви над слоеви од травертин, притоа создавајќи ѕидови. Буквално „Памуккале“ значи тврдина од памук, а над него Римјаните изградиле град и го нарекле Хиераполис (Светиот град). Тие биле првите кои го откриле местото и лековитите моќи на млечно белата вода.

10 природни феномени на земјата

2. Моераки, Нов Зеланд

Овие големи, тркалезни камења со вонземски изглед се наоѓаат на плажата Коекохе, која пак е дел од брегот Отаго на Јужниот новозеландски остров. „Камењата Моераки“ првично биле создадени на дното од морето, преку наталожување слоеви околу јадро, на ист начин како што бисер се формира околу честичка од песок. Некои од карпите тежат по неколку тони и се широки по три метри.

10 природни феномени на земјата

3. Деветте пекола од Бепу, Јапонија

Градот Бепу, се наоѓа на островот Кјушу, вториот најголем „производител“ на геотермална вода во светот. Во истата област се наоѓаат „Деветте пекола“, таканаречените базени кои меѓусебно се разликуваат по своите карактеристики и бои, благодарение на различните минерали во нив. Овие базени се многу популарна туристичка атракција во Јапонија, но сепак ретко кој ги знае надвор од земјата. За жал, како и за многу други неверојатни природни чуда, областа околу нив стана премногу комерцијализирана и „невкусна“.

10 природни феномени на земјата

4. Големата сина морска дупка во Белизе

Големата сина морска дупка во Белизе е една од најимпресивните природни убавини во светот. Таа е со дијаметар од 300 метри и е длабока околу 150, а најверојатно се создала поради наглото покачување на нивото на водата пред околу 65.000 години. Нуркачите известуваат дека дупката е преполна со разновиден животински свет, а дел од него сè уште е непознат за науката и го има само овде.

10 природни феномени на земјата

5. Вратата на пеколот, Туркменистан

Во близина на селото Дарваза, кое е лоцирано во пустината Каракум во Туркменистан, во 1971 година, тим на истражувачи од Советскиот Сојуз пробушиле голема комора полна со природен гас. Кровот на јамата пропаднал, оставајќи кратер длабок 25 метри со дијаметар од околу 60-70 метри. Наскоро станало евидентно дека природниот гас сè уште излегувал низ кратерот од подлабоки извори, па приказната оди дотаму дека била донесена одлука да се запали гасот и да не се ризикува тој да се прошири или да доведе до локално труење. Според повеќе извори, оттогаш огнот постојано гори, а локалното население местото го нарекло „Портата на пеколот“. Сепак, други лица, по неколку разговори со локални водачи од регионот, тврдат дека станува збор за неверојатен природен феномен.

10  природни феномени на земјата

6. Санциншан, Кина

Санциншан е релативно мал национален парк во близина на градот Шанжао. Но тоа што е мал по големина, само го прави голем по убавина. Националниот парк е прогласен за седмо светско наследство во Кина и е познат по неговата сценична атрактивност. Клучот за мистиката на ова место е комбинацијата од извонредни гранитни столбови и карпи, заедно со сезонските климатски варијации кои често создаваат магла и маркантни зајдисонца. Оние кои го посетиле ова место велат дека им создава неверојатно чувство, кое го опишуваат како мир и спокојство. Овој ефект е подобрен благодарение на бројните водопади, природни базени и извори.

10 природни феномени на земјата

7. Окото на Африка, Мавританија

Од вселената, оваа мистериозна вдлабнатина во пустината Сахара во Мавританија, навистина наликува на човечко око. Според една од теориите, окото се создало откако метеор паднал на земјата, додека други веруваат дека тоа претставува трага од подземна нуклеарна експлозија. Сепак, според огромниот дијаметар тоа би значело детонација со огромен опсег. Моментално не постои земја во светот што поседува оружје кое може да направи ни одблизу толкава детонација.

10 природни феномени на земјата

8. Островот Сокотра, Јемен

Овој волшебен и не толку познат остров, Сокотра се наоѓа во близина на брегот на Јемен во Блискиот Исток. Изолиран од остатокот од светот, неговите растенија еволуирале во толку многу бизарни облици и форми, што не им се познати на другите краишта на Земјата. Едно од најпознатите е дрвото „Крвта на змејот“ чиј сок може да се употреби за создавање кристали кои можат да се користат како боја или како афродизијак. Островот пополека почнува да станува познат за остатокот од светот и може да прерасне во одлично место за еко-туризам, сè додека неговите посетители не прават штети.

10 природни феномени на земјата

9. Тркачката патека, САД

Лоцирани во една од најбезживотните места на светот, во Долината на смртта, Калифорнија, чудните и необјасниви „Камења кои пловат“ се вистински феномен. Еднаш, во текот на годината, во сувото езеро се случува да паднат зимските дождови и површината наеднаш станува лизгава и каллива. За време на овој период, карпите и камењата почнуваат да се движат, оставајќи зад себе видливи траги. Иако научниците веруваат дека за ова придонесуваат и силните ветрови, некои од карпите ненадејно го менуваат правецот и вртат совршени прави агли, изместувајќи се од нивната претходна патека. Сите докази потврдуваат дека тука не станува збор за некаква измама, но сепак овие движења никогаш не биле фатени на снимка.

10 природни феномени на земјата

10. Лас Канадас, Тенерифе

На врвот на планината Теиде, се наоѓа еден од најголемите островски вулкани во светот Лас Канадас. Кратерот, кој има пречник од 16 километри е како слика од пеколот. Стрмните ѕидови кои се формирале кога „котелот“ престанал да врие, формираат голема сува површина со вонземски изглед. Во околината се изградени патишта и обзерватории, што е чудно за оваа „ничија земја“ каде постои заспан, но сепак сè уште огромен активен вулкан, кој одвреме навреме ја затресува земјата. Од масата на вулканот е создаден Тенерифе, еден од Канарските острови.

10 природни феномени на земјата

 


Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.

За авторот
Дипломиран новинар со широк спектар на интереси. Љубител на ТВ серии, фудбал и Цедевита. Статистичар по природа и страстен фан на Јувентус и Роџер Федерер.

Поврзани содржини

  1. Anomis Reply

    5toto…wow =]]

Остави коментар