10 песни од Блаже Конески во чест на неговиот роденден

10 песни од Блаже Конески во чест на неговиот роденден

Блаже Конески е роден на 19-ти декември 1921-та година, а починал на 7-ми декември 1993-та година. Познат македонски книжевен, културен и јавен работник. Академик, поет, прозаист, есеист, литературен историчар, филолог, јазичар, преведувач и професор. Тој е еден од кодификаторите на современиот македонски литературен јазик и значајна личност во македонската книжевност.

(0) 10-pesni-od-Blazhe-Koneski-kafepauza.mk

Автор е на Граматиката на македонскиот литературен јазик (1952/54) и на Речникот на македонскиот јазик во три тома (1961/65/66). Добитник е на многу книжевни награди, меѓу кои наградите „11 Октомври“, „Ацо Шопов“, „Браќа Миладиновци“, Рациновото признание и многу други.

Во негова чест, денес ви издвојуваме 10 песни, за симболично одбележување на денот на неговото раѓање.

Шум

Почини, немирна душо,
не блуди в приквечер бледна,
во есенска.
Листот е попаднат веќе,
и ако шум се слуша,
шум е од тага една,
од есенска.

Песна

О пеј ми, пеј ми!
Каква песна!
За едно пее
за друго збори:
„Се што си рекол,
се што си сторил,
случајно не е,
простено не е.”

Жед

А како мреам кога те гледам,
не знае никој, ниту ќе знае.
Тоа е подла жед – ќе речеш.
Тоа е потез на жедна рака
до ѕвезден предел – јас ќе речам.

Грабеж

Да можев да те грабнам како змев
со силни вилни ветришта и мрак,
па макар колку омразен и грд
и свесен дека пак презрен ќе бидам,
но барем сиот опиен за час
од силата на таков грабеж див.

Врв

Еве на врвот се искачив. Сам.
Тука не ме следи око ничие.
И што? Јас во себе пак го шепотам
Жалосниот сон на своето величие.

Реки

Ги пуштив реките да течат
дека се матни, дека мислат гласно,
и може негде некому да речат
што не сум знаел да изразам јасно.

Навреди

Кога би можел да ги изумам
трите навреди во мојот живот –
ох колку лесно би живеел тогаш?
Но тие тука се, присутни везден,

но тие живи се – будни и в соне,
и тие низ себе се пречистуваат
со привкус горчливо-тих.

Бура

Колку ненадно иде бурата.
В поле се мрачи, разлава ветар буен.
Демнеме. Сега прва молна ќе светне,
во нас ќе запали силен гнев.
Грмовни тонови, груби, искинати,
и настрвени како душите што ни се
дека во крвје тонеме.
А дали ќе можеш и тивка песна да зачуеш,
како цвет на гради стиснат,
сон, оти смевнато девојче ќе видиш,
како човечкото во тебе да плаче –
дали ќе можеш?

Љубов

Не иди зашто жалосна би била,
и колку да те копнеам – се ледам.
Што младоста во темен неврат скрила
ме влече назад со измамна сила,
но зар со подбив тоа да го гледам!
Сум сакал, сега цибрина ме свила,
не иди, љубов, жалосна би била.

Спомен

Не да те гонам како итра срна,
не како галаба в рака да те земам –
јас ќе те кријам во моево срце
како во гнездо ластовица скрита,
јас ќе те чувам како таен спомен
со ужас дека те заборавам.

 


Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Дипломиран преведувач и толкувач. Непоправлив перфекционист. Љубопитна, интуитивна и насмеана. Ја сака уметноста и културниот живот. Идеалист. Верува во астрологија, убаво утринско кафе и позитивно размислување.

Поврзани содржини

Остави коментар