Второ издание на „ПОНЕКОГАШ ДОАЃА СРЕЌА“ од најчитаниот македонски автор Винка Саздова

По само две недели од официјалната промоција на новиот роман на Винка Саздова „Понекогаш доаѓа среќа“, издавачкиот центар „ТРИ“ веќе го испечати неговото второ издание. Првиот тираж од илјада примероци е веќе распродаден, во најголем дел на овогодишниот Саем на книгата.

„Пријатно сме изненадени од интересот за овој роман, и воопшто за македонските автори во последно време. Нè радува фактот што читателите сè повеќе препознаваат квалитет во делата на македонските автори, и дека тие се едни од најпродаваните во нашата издавачка куќа. Како издавачка куќа отсекогаш сме настојувале да го поддржуваме и промовираме нашите автори, а тоа ќе продолжиме да го правиме и понатаму. Воедно сите оние креативни и талентирани млади луѓе кои поседуваат потенцијал за пишување ги охрабруваме да ни се обратат“, изјави Александар Саздов Маркетинг Директор на „ТРИ“.

„Понекогаш доаѓа среќа“ е едноставен и интересен роман, кој го карактеризира ненаметливост и топлина, кој изобилува со длабоки емотивни дијалози, како со самите себе, така и со другите, книга која ја одликува топла енергија, која со леснотија те носи на секоја нова страна, со крајно разбирлив стил на пишување и разиграност.

„Понекогаш доаѓа среќа“, е роман кој ќе ги разбуди вашите чувства, ќе ве замисли, ќе ве возбуди, ќе ве растажи, ќе ве разнежни…