Одлични софтвери за бизнис-презентации како алтернативи на PowerPoint

Кога ќе помислите на презентациите во PowerPoint сигурно првото нешто што ви паѓа на памет се бескрајните серии на слајдови и огромната потреба да задремете. И покрај тоа што Microsoft PowerPoint според повеќето корисници е можеби најдобрата програма за стандардни презентации, сепак тој понекогаш знае да биде многу монотон. Па, доколку сакате да внесете свежина во вашата работа, погледнете ги наредниве неколку софтвери за бизнис презентации.Одлични софтвери за бизнис-презентации како алтернативи на PowerPoint

1. Prezi

Prezi е нешто сосема спротивно од PowerPoint. Наместо стандардните слајд-по-слајд презентации, станува збор за повизуелна и поинтерактивна умствена мапа, каде што сте во директна интеракција со различните елементи на виртуелното платно. Претворете ги вашите едноставни презентации во динамично искуство кое вашите колеги никогаш нема да го заборават.

Prezi е онлајн-алатка и токму поради тоа е достапна секаде каде што има интернет конекција, но можете да работите и офлајн. Има различни нивоа на приватност во однос на тоа кој може да ја види вашата анимирана презентација. Бидејќи Prezi не е линеарен, при обработката на презентацијата можете многу лесно да прескокнувате од еден на друг дел. Откако ќе завршите, вашата работа можете да ја објавите на prezi.com или пак да ја вградите на вашиот веб-сајт.

2. GoAnimate

Во многу случаи, информативната и анимирана видео презентација е најдобриот начин за пренесување на вашата порака. И покрај тоа што овој софтвер не е ограничен само за бизнис-презентации, тој сепак има алатки со кои ви овозможува да создадете анимација која ќе се издвојува од останатите.

GoAnimate е одлична платформа за презентација на вашите идеи со огромен избор на готови теми, додатоци и карактери кои се совршени за професионални бизнис-презентации. Наместо да редите фотографии во слајдови, можете да направите професионално видео за само неколку минути. Откако ќе завршите, симнете го видеото на вашиот компјутер и споделете го преку Јутјуб.

3. Google Drive

Речиси секој од вас има акаунт на Гугл, а со тоа и пристап до Google Drive. И покрај тоа што оваа алтернатива на PowerPoint не е толку моќна, сепак до неа можете да пристапите бесплатно.

Презентациите можат лесно да се обработуваат со текст, фотографии, видеа, слајдови и многу други нешта. Работата се одвива „во облак“, па токму поради тоа можете многу лесно да ги споделите вашите документи со соработниците и да продолжите заеднички да работите на нив. Исто така имате можност и да ја симнете вашата презентација како PowerPoint-фајл, како и да ја споделите преку линк.

4. Sliderocket

Sliderocket е премиум алтернатива на PowerPoint која ви нуди огромен број можности. Можете да пренесете веќе готова PowerPoint-презентација или пак, да започнете од почеток. Овој софтвер ви овозможува вметнување на фотографии, дијаграми, видеа, транзиции, специјални ефекти и многу други нешта кои можат да бидат запомнети за повторна употреба. Исто така можете да направите и онлајн-слајдови кои ќе автоматски ќе се освежуваат со нови податоци во живо, од изворите кои претходно сте им ги задале.

Дополнителните можности вклучуваат контрола на приватноста – кој ќе има пристап до вашиот документ, кој смее да прави измени и споделувања на вашите слајдови, како и метрички податоци за тоа кој ги гледа вашите презентации, од каде ги гледаат, кој со кого ги споделил и колку долго се задржуваат посетителите на вашите презентации. Презентациите изработени во Sliderocket се HTML5 компатибилни.

5. Zoho Show

Овој софтвер за презентации е базиран на облак кој ви овозможува внесување на многу видови фајлови (.ppt, .pptx, .pps, .ppsx, .odp, .sxi), при што има можност за задржување на оригиналниот изглед на документот. Како алтернатива на PowerPoint, овој софтвер има чист и едноставен интерфејс кој е лесен за навигација.

Секој кој креира бизнис-презентации ќе ги цени можностите за дизајнирање на графикони и дијаграми кои се со динамични форми. Подобрете ги вашите презентации со фотографии и видеа кои можат да бидат додадени директно од интернет, од Пикаса или Фликр. Исто така можете да додадете различни ефекти при обработката на фотографии. Да бидат нештата уште поинтересни, постои огромна галерија на анимации и ефекти за транзиција помеѓу слајдови.

Поддржана е синхронизацијата во вистинско време со останатите корисници. Имате можност да одредите кој може да ги менува или гледа вашите презентации. Вашите готови презентации можете да ги споделите преку линк, да ги објавите на zoho.com или пак, да ги вградите на вашиот веб-сајт.

6. Slidesnack

Овој софтвер е релативно нов и има базични можности за креирање слајдови и презентации со глас. Започнувате така што го претворате вашиот документ во PDF верзија, а потоа дизајнирате слајдшоу од веќе постоечките темплејти. Исто така можете да снимите коментари за гласовниот дел од презентацијата кои подоцна може да бидат симнати како видеа и да се споделат преку Јутјуб, Вимео или други интернет-сервиси за видеа. Вашите презентации можат да бидат додадени на вашиот блог или веб-сајт за да може цел свет да ги види.



Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.

За авторот
Дипломиран психолог кој обожава да пишува. Отсекогаш многу ја интересирала астрономијата и физиката, а животно мото ѝ е дека не смее да помине ни еден ден без танцување. Автор на книгата „На работ од времето“, првиот дел од трилогијата „Наследството на Вероника“.

Поврзани содржини

Остави коментар