Каква технологија нè очекува до 2020 година?

Автор: Петар Тодоровски

Истражувања на вселената, совладување на тешките болести, неверојатна компјутерска технологија, супервозила и многу други нешта биле ветувани од страна на научниците кога предвидувале како ќе изгледа светот во иднина. Очекувањата не секогаш биле исполнувани, па затоа одбравме некои технолошки откритија кои не само што се најавуваат, туку на кои веќе се работи, со цел да добиеме некаква слика за она што нè очекува до крајот на оваа декада.

2012

Веќе во август, 2012 година, нашите сфаќања за вселената може да се сменат зависно од информациите што ќе ги испрати најновата мисија на Марс. Роверот „Curiosity“ ќе обезбеди сознанија околу можноста за населување на најблиската планета, како и информации околу тоа дали некогаш таму постоел живот.Каква технологија не очекува до 2020 година

2013

Нов современ телескоп наречен „Окото на Гаја“ ќе биде пуштен во вселената во 2013 година, каде што ќе направи фотографии од ѕвезди кои не сме можеле да ги видиме со досегашната технологија, а кои ќе бидат со квалитет од милијарда пиксели. Телескопот ќе испита околу еден процент од ѕвездите на Млечниот пат и уште многу далечни галаксии кои досега беа недостижни.

Речиси сите мобилни телефони ќе користат 4Г технологија, што значи дека симнувањето на податоци на мобилен телефон ќе биде со иста брзина како на компјутер.

Широката примена на електронската хартија е нешто што може да се очекува, со оглед на тоа дека веќе се користи (главно во е-читачи како Киндл), цените на таблет-компјутерите опаѓаат, а весниците се соочуваат со проблем да се одржат во својата традиционална материјална форма. Следниот чекор би бил целосна интеграција на видео содржини во боја и збогување со весниците какви што ги познаваме денес.

2014

Ако компанијата „Бионано Геномикс“ го исполни ветувањето, наскоро за ниска цена ќе може да се испитува ДНК со употребата на нивното откритие наречено нанофлуиден чип. Во ситуација кога, на пример ќе биде откриен тумор, пред себе лекарот ќе има ДНК анализа на пациентот и ќе му препише терапија адекватна на гените, па лекувањето на вакви тешки болести значително ќе се олесни.

Иако изгледа како непотребна технолошка инвестиција, сепак SD мемориски картички со капацитет од 1 терабајт веројатно ќе се појават до 2014. Навистина, сè повеќе се ориентираме кон чување на нашите податоци во „облакот“ (на веб), па сепак веројатно е дека ќе дојде време кога ќе ни треба физички простор за да ги чуваме нашите дигитални содржини.

Само 90 години по првиот лет со авион околу светот, човекот ќе може да направи сличен подвиг со авион кој користи исклучиво сончева енергија.Каква технологија не очекува до 2020 година

2015

Печатењето во 3Д техника во моментов е луксуз кој си го дозволуваат само оние кои можат да издвојат голема сума пари за тоа, но за неколку години со развојот на 3Д технологијата, ќе стане дел од сечиј дом.

Во 2015 година се очекува да заврши веќе започната изградба на Масдар Сити, сосема нов град во близина на Абу Даби кој се гради исклучиво од еколошки материјали и кој ќе користи исклучиво обновливи извори на енергија. За почеток ќе вдоми 50.000 луѓе.Каква технологија не очекува до 2020 година

2016

Вселенскиот туризам ќе стане многу популарен. Денес само Вирџин Галактик нуди вакво задоволство за сума од дваесет до триесет милион долари, но се очекува во следните неколку години, повеќе нови компании да се појават на пазарот, па цената на кратка екскурзија да се спушти на прифатливи десет илјади долари, а подолг престој да чини околу еден милион долари.

Можно е да се појави таблета за заштита од УВ зрачењето. Имајќи ги предвид сознанијата околу заштитата од Сонцето која си ја користат коралните гребени, кај научниците постои оптимизам дека наскоро ќе дојдат до вакво откритие.

Ако им се верува на научниците од „Рикен“, центарот за развојна биологија од Јапонија, наскоро ќе можеме во живо да видиме некои видови животни кои досега сме ги гледале само во книгите. Тие веќе успеале да клонираат глушец од друг кој бил смрзнат шеснаесет години претходно, па веруваат дека на ист начин ќе успеат да создадат мамут и други видови кои што се одамна исчезнати.Каква технологија не очекува до 2020 година

2017

Ако во 2017 година поседувате ласерски уред за зараснување на рани, ќе исчезне опасноста од смрт поради губење големо количество крв. Уредот би требало да личи на пенкало и да го собере во сечиј џеб.

2018

За жал помеѓу најимпресивните технолошки откритија во најава има место и за воената технологија. Американската армија напорно работи да создаде шпионски роботи во форма на инсекти. Малите машини-бубачки ќе бидат опремени со камери кои ќе ги обезбедуваат потребните податоци, а ќе бидат и доста отпорни.

Копирањето на податоци помеѓу компјутерски уреди ќе стане значително побрзо. Можете да очекувате дека во 2018 година ќе копирате податоци со брзина од 100 гигабајти во секунда.

2019

Постои можност во 2019 година да се случи револуција во обезбедувањето со енергија. На југот на Франција веќе се гради реактор кој преку процесот на фузија, според очекувањата ќе обезбедува огромни количини енергија користејќи многу мала количина ресурси. Машината ќе мора да издржи реакција која настанува на температура од 125.000.000 степени, а целосниот потенцијал би требало да го достигне некаде околу 2030 година.Каква технологија не очекува до 2020 година

2020

Кон крајот на декадата ќе ги видиме првите некршливи автомобили. Барем такво е ветувањето од Волво, кои најавуваат дека со развојот на технологија која вклучува радар и систем на предупредувања за возачот, ќе создадат автомобил кој сообраќајните несреќи ќе ги направи минато.

Вебот бележи развој низ годините, па според големите промени во начинот на кој го користиме, во 2020 веќе ќе биде во својата трета верзија. Иако т.н. веб 3.0 веќе го има во некоја доза, тогаш ќе го користиме во својот целосен потенцијал. Ако веб 1.0 беше базиран на линкови, веб 2.0 е во знакот на споделувањето помеѓу поединци и социјалната интеракција, веб 3.0 претставува комбинација од информации добиени преку социјални врски, но строго рафинирани со персонализиран алгоритам (познат и како семантички веб).


Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.

За авторот
Читај на раат!

Поврзани содржини

  1. Luki Reply

    Edvaj cekam da vidam i da ja koristam tehnologijava zasto poveke nemam strplenie !!

Остави коментар