Како да пишувате имејл-пораки кои ќе ви ги читаат?

Како да пишувате имејл-пораки кои ќе ви ги читаат?

Пишувањето електронски пораки е секојдневна и едноставна постапка, на која многумина не ѝ обрнуваат особено внимание. Лесно е да се напише и прати пораката, но важно е дали таа ќе биде прочитана или инстантно ќе биде фрлена во сандачето за отпад, уште пред да биде отворена. Благодарение на овие неколку совети, ќе научите како да напишете имејл за да ви го прочитаат.

Како да пишувате имејл-пораки кои ќе ви ги читаат?

1. Не пишувајте долги пораки освен…

Луѓето немаат време да читаат огромни пораки. Затоа треба да пишувате кратко, конкретно и насочено. Во спротивно, ако упатите долга порака кон некој што добива десетици или стотици на ден, таа веројатно нема да доживее да биде прочитана.

Не пишувајте долги воведни обраќања и „романтични“ збогувања. Тоа истовремено не значи ниту дека треба да пишувате како роботи. Имајте предвид дека од другата страна треба да ве прочита човек, а не машина. Но, тоа што ќе го прочита, сепак треба да биде кратко.

Ако веќе треба да напишете подолг имејл, изберете го внимателно човекот кој треба да има време да го прочита. Секако, вашиот пријател што живее веќе 3 години во Америка или новиот колега на работа на кој му требаат инструкции, ќе сакаат да прочитаат подолг имејл. Но, зафатените луѓе, најчесто немаат толку време.

2. Ставајте добри предмети на пораките

За да ја прочита некој вашата порака, најпрво треба да го забележи нејзиниот наслов, односно  предметот. Тоа е првото нешто што се гледа и затоа е важно тој да информира, по малку да провоцира, но истовремено да не биде предолг.

Пораките насловени како „Hi“, „Zdr“ и сл. не го привлекуваат вниманието и секако не кажуваат ништо за содржината на пораката. Но, доколку испратите имејл со пораката од типот: „Ви треба совет за подобра промоција на вашиот сајт?“, можете да го привлечете вниманието. Притоа, внимавајте да не ја преминете границата и вашата мала провокација да звучи „спамерски“.

3. Бидете креативни

Креативноста може да биде многу важен фактор доколку со имејл-пораката му се обраќате на некој од кој сакате нешто да добиете. Напишете интересен и креативен имејл за да му го привлечете и задржите вниманието на вашиот примач.

На пример, ако сакате да добиете работа или волонтерски ангажман во вашето омилено списание или компанија, а тие моментално не бараат таква личност, можеби сепак е добра идеја да се обидете, доколку имате интересна идеја за начинот на вашето обраќање. Размислувајте надвор од границите на формалното. Дајте ѝ ваша структура на вашата порака.

4. Не пишувајте spam-пораки

Рековме дека имејл пораките ги читаат луѓе и затоа тие треба да се пишуваат со доза на лично обраќање. Многу луѓе пишуваат пораки кои личат како да се автоматизирани и како да им е местото во spam-фолдерот. Луѓето не читаат и не одговараат на вакви пораки.

5. Проверете пред да притиснете „Send“

Прочитајте ја пораката пред да притиснете на копчето „Send“. Ова е најважната и најзанемаруваната работа при испраќањето имејл-пораки.

Сигурно некогаш сте пратиле имејл без документот кој го спомнувате (attachment), на погрешна личност или во погрешна состојба (пијани, нервозни?). Да не ги ни спомнуваме правописните грешки, кои некогаш можат да доведат и до погрешно толкување на содржината.

За корисниците на Gmail, постои опција со која можете да го откажете праќањето на пораката до крајниот испраќач, дури и откако сте го притиснале копчето „Send“. Оваа опција можете да ја активирате во Gmail Labs, а можете да ја искористите во рок од 5 секунди по стискањето на копчето. Често, точно толку време и ни треба за да се сетиме дека нешто важно сме испуштиле. Како по правило, на пропустите и грешките обично ни текнува истовремено додека го стискаме копчето „Send, нели“?

Што друго би рекле дека е важно за пораките кои ги испраќаме?

Потсете се и на ситуациите во кои не треба да праќате СМС. Правилата, горе-долу, важат за каков било тип порака.

Поздрав,

Кафе пауза

 


Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Читај на раат!

Поврзани содржини

Остави коментар