Како да изберете безбедна лозинка?

Како да изберете безбедна лозинка?

Во денешно време, лозинка ни е потребна речиси за сè за што секојдневно го користиме Интернетот – праќаме и примаме имејл пораки, ја проверуваме состојбата на сметката во банка, користиме програми за чет и видео разговори како што се МСН и Скајп, а да не ја споменуваме масовната комуникација во светски рамки преку социјалните мрежи Фејсбук и Твитер.

Бидејќи сите полека, но сигурно стануваме сè позависни од Интернет и тој стана составен дел од нашиот начин на живот, многу е важно да знаеме дали лозинките кои ги одбираме се безбедни. Следуваат неколку совети за правилен избор на вашите лозинки при регистрација.

Како да изберете безбедна лозинка?

1. Што повеќе карактери – толку подобро

Никогаш не креирајте лозинка со помалку од 6 карактери, бидејќи таквата може лесно да биде „пробиена“ од страна на хакери со користење brute-force софтвери. Мајкрософт препорачува да се создаваат лозинки од минимум 14 карактери, доколку е тоа возможно.

2. Не користете постоечки зборови

Зборовите кои постојат во речникот на кој било јазик во светот, напишани од лево кон десно или од десно кон лево, не треба да се користат како лозинки, бидејќи лесно можат да бидат „уловени“од страна на сајбер-криминалците.

Како да изберете безбедна лозинка?

3. Создадете едноставна формула

Создадете лозинка базирана на некоја едноставна реченица, која ќе можете да ја запаметите. На пример, ако реченицата ви гласи: „Сакам да научам како да креирам безбедна лозинка со овие совети“, вашата лозинка нека биде составена од првите букви на секој збор, (на латиница) а потоа по случаен пат изберете кои букви да ви бидат големи, а кои мали за да ја направите покомплицирана за декодирање: SdnKDKblsOS.

4. Со бројки е побезбедно

Следно што треба да направите за да биде вашата лозинка уште побезбедна, е да додадете бројки во средина, но избегнувајте да го внесувате бројот на вашите години, датумот на раѓање или бројот на адресата на живеење: SdnKD74KblsOS. Потоа, додадете симбол и/или интерпункциски знак, на почетокот и на крајот на лозинката: %SdnKD74KblsOS?

5. Не користете една лозинка за сè

Немојте истата лозинка која ја креиравте да ја користите за пристапување на вашиот Фејсбук профил, за проверување на сметката во банка на Интернет, за Скајп и во сите ваши онлајн регистрации. Ако вашата лозинка еднаш ја пробијат, ќе станете чувствителни на сите видови сајбер-опасности.

Како да изберете безбедна лозинка?

6. Меморирање на лозинки

Ако имате многу лозинки за меморирање, несомнено ќе имате тешкотија да ги запаметите сите. Најсигурно ви е да пробате да ги запаметите, но ако не можете, тогаш запишете ги на лист, кој ќе го чувате на безбедно место, каде никој нема да ви го види (никако немојте да го залепите на бирото каде што ви стои компјутерот). Ако и таа варијанта не ви е баш практична, тогаш почнете да користите пасворд менаџер, на пример KeyPass, кој безбедно ќе ги чува сите ваши лозинки на едно место, а вие ќе треба да запаметите само една лозинка, за да пристапите до него.

Како да изберете безбедна лозинка?

7. Заштитете ја вашата лозинка

Поради безбедносни причини, избегнувајте да ја користите вашата лозинка на јавни компјутери и никако немојте да ја споделувате преку имејл порака, дури и ако истата е побарана да ја испратите од страна на компанија во која имате доверба.

 


Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Љубопитна новинарка и маркетерка со истражувачки дух, која е во вечна потрага по доза креативност. Животно мото ѝ е дека без утринско кафе, испеана песна и барем малку возбуда, не треба да ѝ помине ниту еден ден. Неостварен сон - да го прошета светот.

Поврзани содржини

Остави коментар