Успешната приказна на Теодора Филиповска: Од училиштето „Нова“ продолжува на Универзитетот во Утрехт

Успешна академска приказна: Македонката Теодора Филиповска од училиштето „Нова“ продолжува на Универзитетот во Утрехт

Продолжувањето на образованието е тежок избор и процес за секој средношколец. Сепак, успешните приказни како оваа нѐ мотивираат да го бараме и да го добиеме најдоброто за себе.

5-uspeshna-akademska-prikazna-makedonkata-teodora-filipovska-od-uchilishteto-nova-prodolzhuva-na-univerzitetot-vo-utreht-kafepauza.mk

1. Заминуваш во Холандија каде ќе студираш на „Utrecht University“. Кога и како одлучи дека образованието ќе го продолжиш надвор од земјава?

Продолжувањето на моето образование во некој европски град отсекогаш било нешто за што потсвесно сум размислувала. Уште од мала, имав можности да патувам низ светот благодарение на спортот, училиштето, или на моите родители, а секое ново патување за мене претставуваше ново доживување, носејќи со себе нови искуства, впечатоци и желби. Патувањата ми ги прошируваа видиците од година во година, а јас постепено се привикнував на идејата да студирам во некој западноевропски град. Во трета година започнав со изучување на програмата по меѓународна матура во „НОВА“ кога и поактивно почнав да работам на остварувањето на мојата желба.

2. Зошто твој избор е токму овој универзитет?

При процесот на избор на „идеалниот“ факултет, предвид земав повеќе фактори, меѓу кои се можностите што ги нуди самиот универзитет, квалитетот на наставата и кадарот, околината во која се наоѓа универзитетот, културниот живот, и секако финансиските фактори. Според сите овие критериуми, „Utrecht University“ се покажа како полн погодок. Рангиран е на 56-то место на Шангајската листа на најдобри светски универзитети за 2015, а програмата и наставата се признаени на светско ниво. Од финансиски аспект, стипендијата која што ми беше доделена од универзитетот одигра одлучувачки фактор. Исто така, меѓународниот амбиент на овој западноевропски студентски град е во скалд со моите очекувања во какво местото би сакала да престојувам додека студирам.

4-uspeshna-akademska-prikazna-makedonkata-teodora-filipovska-od-uchilishteto-nova-prodolzhuva-na-univerzitetot-vo-utreht-kafepauza.mk

3. Колку е комплицирано или пак лесно за една средношколка од Македонија да се запише на факултет од ваков калибар?

Повеќето европски универзитети бараат разновидност во однос на националностите на своите студенти, така што средношколците од Македонија се во поволна положба од тој аспект. Од учениците е потребно да постигнуваат континуиран академски успех, да спортуваат или да земаат активно учество во воншколски активности, и со тоа да побудат интерес кај универзитетите. Важно е преку апликацијата ученикот да покаже колку универзитетот би имал придобивка со неговиот прием, и што може ученикот како индивидуа да придонесе за разлика од илјадниците останати апликанти.

4. Каков беше процесот за упис на „Utrecht University“ и дали освен во оваа образовна установа аплицираше и на други места?

Иако „Utrecht University“ ми беше приоритет уште од самиот почеток, аплицирав и бев примена на вкупно 8 универзитети, 3 во Холандија и 5 во Велика Британија, чии програми беа најсоодветни со моите барања и замисли за високо образование. Процесот за упис на „Utrecht University“, а воедно и на сите други факултети во Холандија, беше прилично јасно објаснет и олеснет преку порталите за онлајн апликации. Сепак, со тоа што секој универзитет има специфични прашања на кои треба да се одговори преку мотивациското писмо, процесот бара значителен ангажман. Апликациите за универзитетите во Холандија и Велика Британија бараат временски многу работа, импресивно мотивациско писмо, како и богато резиме со активности.

2-uspeshna-akademska-prikazna-makedonkata-teodora-filipovska-od-uchilishteto-nova-prodolzhuva-na-univerzitetot-vo-utreht-kafepauza.mk

5. Кое е твоето работно место од соништата? Каде би сакала да се вработиш?

Она што во моментов го знам е дека своето високо образование ќе го продолжам во областа на биологијата, на истиот универзитет, и ќе ја изучувам молекуларната биологија и екологијата. Во однос на изборот на идна професија, ова прашање во моментот го оставам отворено. Мојата работа од соништата би била таа која што максимално би ги искористила моите знаења и можности, и воедно би ми претставувала повеќе задоволство отколку обврска, исполнувајќи ме во секој поглед.

6. Дали твојата иднина ја гледаш во Македонија или надвор од земјава?

Бидејќи себеси се сметам за личност отворена за нови искуства и предизвици, тешко ми е да имам дефинитивен одговор на ова прашање. Доколку ми биде пружена одлична можност, сметам дека би ја прифатила и најверојатно би останала во странство. Но, доколку по завршувањето на моето високо образование имам желба да се вратам во својата држава, и таму да придонесам со своето знаење, секако дека би го зела тоа предвид.

3-uspeshna-akademska-prikazna-makedonkata-teodora-filipovska-od-uchilishteto-nova-prodolzhuva-na-univerzitetot-vo-utreht-kafepauza.mk

7. Средношколка си во училиштето „Нова“. Колку оваа гимназија ти помогна да влезеш токму на „Utrecht University“?

Една од причините поради којашто решив својата трета и четврта година средно образование да ги продолжам во „Нова“ беше квалитетот на наставата и ангажираноста на наставниот кадар, чија улога е да му помогне на ученикот во остварување на неговите цели. Советниците и професорите во „Нова“ одиграа важна улога во процесот на аплицирање, помагајќи ми со своите совети, за надминување на предизвиците на кои наидував, разјаснувајќи ми ги нејаснотиите, целосно посветувајќи се на улогата којашто ја имаат. Оваа улога е навистина важна, имајќи предвид дека аплицирањето на светски универзитети беше ново искуство за мене и мојата фамилија, процес во кој се соочивме со голем број прашања и недоумици.

Понатаму, самата меѓународна средина во „Нова“ претставуваше дополнителна мотивација да се вклучам во многу нови активности, како што се HOSIC (Hands-On Students Involvement Conference), организацијата на настанот TEDxYouth@NOVA или пак учеството на меѓународниот одбојкарски турнир. Воншколските активности беа голема придобивка за мене како личност, но и во однос на апликациите, затоа што беа еден од важните фактори, покрај академскиот успех, што ми помогнаа да бидам примена на сите 8 факултети на коишто аплицирав.

1-uspeshna-akademska-prikazna-makedonkata-teodora-filipovska-od-uchilishteto-nova-prodolzhuva-na-univerzitetot-vo-utreht-kafepauza.mk


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Читај на раат!

Поврзани содржини

Остави коментар