„Sea Hero Quest” – Прва мобилна игра во светот за борба против деменцијата на групацијата Дојче Телеком

„Sea Hero Quest“ – Прва мобилна игра во светот за борба против деменцијата на групацијата Дојче Телеком

Македонски Телеком се вклучува во глобалната борба против деменцијата и Алцхајмеровата болест

„Sea Hero Quest“ е нова и иновативна мобилна игра со која секој може да придонесе во создавањето на најголемиот извор на податоци во светот за човековата способност за ориентација и просторната навигација, како основа за поставување на споредбени параметри и стандарди за нови дијагностички тестови за деменцијата кај луѓето.

sea-hero-quest-prva-mobilna-igra-vo-svetot-za-borba-protiv-demencijata-na-grupacijata-dojche-telekom-kafepauza.mk

Групацијата Дојче Телеком лансираше нова иновативна мобилна игра „Sea Hero Quest“ инспирирана од борбата против деменцијата и Алцхајмеровата болест како нејзин најчест причинител.

Македонски Телеком како дел од Групацијата Дојче Телеком, се придружува кон оваа глобална кампања за подигнување на свесноста за деменцијата и Алцхајмеровата болест, како и во доближувањето на играта до македонската јавност, преку која секој од нас ќе има можност да придонесе за што поскоро откривање на нови можности за дијагностицирање и третирање на овие болести.

„Sea Hero Quest“ е мулти-платформска игра за мобилни телефони специјално креирана за да ни помогне да го подобриме нашето разбирање за просторната ориентација и како функционира овој аспект од нашиот мозок, како дел од еден заеднички и координиран напор на науката во справувањето со растечката појава на деменцијата во светот.

Според Извештајот за глобалното влијание на деменцијата (2013–2050), се проценува дека до 2050 година, бројот на луѓе заболени од деменција, во светот ќе достигне до фрапантни 135 милиони. Секоја година во светски рамки се јавуваат 7,7 милиони нови случаи на пациенти со деменција, со што таа станува една од најбрзо растечките болести во светот.

Кај нас, се проценува дека околу 20.000 луѓе патат од Алцхајмерова деменција, но само мал дел се третираат или се свесни дека ја имаат болеста, поради заблудата дека е тоа нормален дел од човековото стареење, а всушност може да станува збор за прогресивно уништување на мозочните функции, најчесто предизвикано од  Алцхајмеровата болест. Креирање на глобален стандард за тоа како се ориентираме е широко прифатено како еден од клучните чекори кон развивање на нови дијагностички тестови за болестите коишто предизвикуваат деменција.

Раното откривање на симптомите и болеста е неопходно за откривање на нови ефикасни лекови за успорување на болеста, за која засега не е пронајден лек за нејзино спречување.  Таа им ги одзема на луѓето спомените, способноста за ориентацијата во простор и време, сè до целосно губење на способноста за себеспознавање и неможноста да ги обавуваат самостојно основните животни фукции.

„Sea Hero Quest“ е приказна за едно младо момче кое тргнува по стапките на својот татко морепловец, со цел да му ги врати сеќавањата на некогашниот живот и морските подвизи. Само 2-минутно играње на „Sea Hero Quest“ обезбедува податоци кои во слични конвенционални услови би се добиле за 5 часа, а доколку 100.000 лица ја играат играта 2 минути, би надоместиле над 50 годишно вакво истражување во лабораториски услови. Самото тоа доволно говори за важноста на оваа игра во која веруваме секој од нас ќе учествува и ќе се вивне во авантурите на морскиот херој, за добра и хумана цел, која сите нас не засега .

„Sea Hero Quest“ е достапна на глобално ниво за iOS и Android системите и може бесплатно да се преземе од App Store и Google Play.

Повеќе информации за оваа уникатна добротворна игра, приказната за нејзиното креирање и болеста поради која што е дизајнирана, може да се најде на www.seaheroquest.com.

***

„Sea Hero Quest“ е креирана во соработка со интернационални партнери, меѓу кои: добротворната организација за истражување на Алцхајмеровата болест Alzheimer’s Research, Универзитетот во  Лондон, Универзитетот на Источна Англија и развивачите на игри од компанијата Glitchers.

Играта не е наменета како тест за деменција, туку за утврдување на способноста за навигацијата кај здравите луѓе, што понатаму ќе обезбеди критериуми за споредба со лицата со симптоми на деменција и можност за креирање тестови за рана дијагноза на болеста.

Сите податоци собрани од играта ќе бидат анонимни и безбедно ќе се чуваат во дата центарот на Т-Системс во Германија со цел да се осигури интегритет и приватност на податоците во согласност со германскиот закон за заштита на податоците, што е еден од најстрогите во Европа.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Читај на раат!

Поврзани содржини

Остави коментар