Почнува новата македонска ТВ серија „Фамилијата Марковски“ на „Канал 5“

Почнува новата македонска ТВ серија „Фамилијата Марковски“ на „Канал 5“

Новата серија „Фамилијата Марковски“ чие дејствие е инспирирано од вистинити настани од секојдневието на македонските граѓани, од 23 септември (сабота) во 19.30 часот ќе почне да се прикажува на телевизијата „Канал 5“. Првата сезона има осум епизоди во кои се претставени приказните на Иван, Лиле, Јана, Виктор и Бојан Марковски кои се соочуваат со многу предизвици што ги носи животот во едно општество со константни политички и социјални турбуленции.

(1) pochnuva-novata-makedonska-tv-serija-familijata-markovski-na-kanal-5-www.kafepauza.mk

Серијата ќе се емитува секоја сабота и недела од 19.30 часот, a по премиерното телевизиско прикажување, епизодите ќе бидат достапни да се гледаат и онлајн.

Режисер е Даријан Пејовски, а главните улоги ги толкуваат: Петар Петковски, Тамара Ристоска, Владимир Петровиќ, Александар Микиќ и Силвија Стојановска. Проектот „Фамилијата Марковски“ е во продукција на АРТ ПРОЕКТ ЛАБ Скопје и е овозможен со поддршка од Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД).

(2) pochnuva-novata-makedonska-tv-serija-familijata-markovski-na-kanal-5-www.kafepauza.mk

„Целта беше да се креира серија која ќе кореспондира со реалноста која ја живеат македонските граѓани. Во секоја епизода се прикажани различни проблеми со кои се соочуваат главните протагонисти, а кои воедно се и проблеми со кои се соочува самата држава. Станува збор за фамилијарна драма и иако се зборува за конкретна фамилија- Марковски, во приказните или во одредени сегменти од нив ќе се препознаат голем број на гледачи“, истакнуваат од продукцијата.

Александар Микиќ го игра ликот на таткото и сопруг Иван Марковски чии планови и амбиции се распаѓаат во времето на приватизацијата поради што прифаќа разни ангажмани и привремени работи играјќи на картата на политичка неутралност.

(2) pochnuva-novata-makedonska-tv-serija-familijata-markovski-na-kanal-5-www.kafepauza.mk

Силвија Стојановска ја толкува сопругата и мајка Лиле која е голем поборник за правда, но нејзината издржливост е ставена на тест откако е присилена да учествува во сомнителни активности на своето работно место.

Младата актерка Тамара Ристоска се појавува во улогата на најстарото дете во фамилијата Марковски, Јана која се соочува со морална дилема – дали да застане зад сомнителните проекти на  архитектонското студио во кое работи, а го води нејзиното момче, или да го зачува сопствениот интегритет.

(1) pochnuva-novata-makedonska-tv-serija-familijata-markovski-na-kanal-5-www.kafepauza.mk

Владимир Петровиќ го игра Виктор Марковски кој и покрај магистерската диплома се мачи да најде работа, а паралелно крие и голема тајна од своите најблиски. Ликот на најмалото дете, Бојан Марковски го толкува младиот Петар Петковски на кого ова му е прво актерско искуство. Тој игра 15-годишно момче чија пасија е снимање на видео – блогови (влогови) што од забава стануваат негова моќна алатка за иницирање на промени.

Во серијата играат и Сабина Ајрула, Сашко Коцев, Горан Трифуновски, Драган Спасов – Дац, Нино Леви, Зоран Љутков, Ивица Димитријевиќ,Сара Климовска, Јовица Михајловски, Предраг Павловски и многу други. Во „Фамилијата Марковски“ голем дел од улогите ги толкуваат млади основци и средношколци кои првпат се појавуваат во телевизиски проект.

(3) pochnuva-novata-makedonska-tv-serija-familijata-markovski-na-kanal-5-www.kafepauza.mk


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Читај на раат!

Остави коментар