Догодина јубилејот 20 години Нокаут ќе го одбележат со концерт и нов албум

Никола Перевски-Пере: Идната година јубилејот 20 години Нокаут ќе го одбележиме со концерт и нов албум

„Нокаут е роден како позитивна искра, која трае и никогаш нема да изгасне, како што не може да изгасне вистинската љубов меѓу луѓето“ – Пере.

1-nikola-perevski-pere-idnata-godina-jubilejot-20-godini-nokaut-kje-go-odbelezhime-so-koncert-i-nov-album-kafepauza.mk

Ги паметиме по интересните видео записи „Временска Машина“, првиот професионален видео запис снимен во 1997 година во Белград со режисерот Дејан Миличевиќ, пa соработката со познатото музичко семејство Ковач, на хитот „Телефонскиот број не постои“ и на темата „Feel the music“ од вториот албум.

Свиреа на иста сцена како предгрупа на Дуран Дуран. Нокаут е бенд кој го слушаат речиси сите генерации, кој остави уникатен уметнички печат во нашата музичка историја. Покрај богатиот музички опус, на радост на илјадниците обожаватели бендот најавува нови хитови, нов албум, ново музичко патување кое изобилува со љубов, топлина и оптимизам.

Бендот помина турбуленции, го менуваше составот од различни причини, но со секоја промена созреваше, добиваше на квалитет. Неговиот уметнички лидер, вокал, композитор и продуцент Никола Перевски-Пере вели дека Нокаут е роден како позитивна искра, која трае и никогаш нема да изгасне, како што не може да изгасне вистинската љубов меѓу луѓето. Бендот постојано работи, а веќе најавува нов албум, и свој концерт следната година, со кој ќе го одбележи јубилејот 20 години континуирано присуство на македонската музичка сцена.

Интересен, упорен, со неограничен уметнички арсенал, како што го опишуваат колегите Никола Перевски-Пере изминатава година живее на релација Скопје-Барселона. Желбата за ново искуство, страста за музичко надградување го однесоа во Шпанија, а сето тоа беше добар повод за нас да разговарaме со овој музички гуру.

2-nikola-perevski-pere-idnata-godina-jubilejot-20-godini-nokaut-kje-go-odbelezhime-so-koncert-i-nov-album-kafepauza.mk

САЕ Институтот во Барселона беше причина да се преселите за одреден период. Какво е искуството?

Навистина е престиж да се учи на реномираниот САЕ Институт во Барселона и програмата за аудиопродукција на електронска музика и композиција, што беше една од главните причини да се решам за музичка надградба баш во Барселона. Овде студираат луѓе од цел свет, предаваат еминентни професори, на располагање имаме супер опремени студија, особено внимание се посветува на практичниот дел, што севкупно престојот на овој академски институт го прави исклучително корисен за мене. Во оваа медитеранска земја има посебна енергија, опуштеност а и насмеани лица. Барселона е градот на Пикасо, на Миро, Гауди, изобилува со култура и уметност. За секој еден уметник, без оглед на тоа за кој вид уметност живее, искуствата стекнати во повеќе земји се вистински благослов, затоа што само така можат да го разберат светот. Овде живеам со мојата љубов, со која си ја даваме максималната поддршка во животот и времето што го поминуваме заедно за подобро утре.

Авионскиот лет до дома трае само 3 часа. Колку што ми треба да го извозам патот Струга-Скопје, на пример. Така слободно можам да кажам дека живеам на релација Скопје-Барселона. Од Македонија не можеш да побегнеш, ниту пак сакам. Не можеш да бегаш од нешто што го носиш во срцето.

Најавувате нов албум?

На новиот албум се работи од 2015 година, песните ќе бидат во диско, фанк, поп стил а ќе има и неколку балади, што е типично за Нокаут. Малку би сакале да се навратиме на стилот од првиот албум но со помодерен призвук, со истите продуценти и текстописци кои беа застапени на тој материјал. Работам и на една тема која ќе биде со „шмек“ на шпански фламенго. Иако живеам на релација Скопје-Барселона, благодарејќи на технологијата постојано сум во контакт со останатите членови на бендот, со текстописци, продуценти. Работиме напорно, и верувам дека позитивно ќе изненадиме, и дека ќе направиме нешто спектакуларно.

Нокаут веќе следната година слави јубилеј, 20 години постоење на македонската сцена. Какво е чувството?

Во секој случај сум многу горд на себе и на останатите од бендот за она што е зад нас. Ретко кој во Македонија, па и во светот стоел на истата бина во иста вечер со „Дјуран Дјуран“, Џо Кокер, Џони Ротен („Секс пистолс“), снимал и продуцирал со бендот на Дино Дворник. Љубовта кон музиката е она што ни дава сила никогаш да не се откажеме да создаваме песни, квалитетна македонска музика со која ако ништо друго, барем сме направиле многу луѓе среќни, сме сплотиле илјадници луѓе на едно место пред една сцена, а тоа ќе продолжиме да го правиме и понатаму. Планираме идната година концерт, нов албум, многу нови содржини со кои ќе продолжиме и понатаму да креираме културни вредности, и да им овозможиме на луѓето кои не сакаат да уживаат и барем за моменти да им ја вратиме вербата во љубовта.

3-nikola-perevski-pere-idnata-godina-jubilejot-20-godini-nokaut-kje-go-odbelezhime-so-koncert-i-nov-album-kafepauza.mk

Што е она што е највпечатливо во Шпанија, во споредба со животот во Македонија?

Без разлика каде се наоѓаш, во кое место, град или држава, не е важна твојата имотна состојба, ниту професијата, важно е само како се чувствуваш и колку често се смееш од срце. Кога ќе ги видите лицата на луѓето во Шпанија и кога ќе го почувствувате каталонскиот дух, тоа е тоа што ве купува на прв поглед и останува длабоко врежано во сеќавањето. Зошто го кажувам ова? За да им порачам на луѓето во Македонија да се смеат повеќе. Да отидат чекор понатаму во животот со исправена глава, гордост во срцето и со насмевка на лицето.

Друга голема разлика чувствувам во храната. Во Шпанија многу се јаде морска храна, а се познати и по квалитетното вино и сангрија. А секако многу ми недостига нашиот вкусен зеленчук и квалитетното бело сирење. Шпанија е интересна од многу аспекти.

За крај само би сакал да споделам една информација, а тоа е за градоначалничката на Барселона која е ултралевичар, која живее во 56 квадрати и која си ја намали платата за 60 проценти, за тие 60 проценти да ги донира во дом за деца без родители. Барселона е град на море, што повеќе да кажам!


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Читај на раат!

Поврзани содржини

Остави коментар