Интервју со Serpentine Fire

Интервју со Serpentine FireБенд: Serpentine Fire

Основан: април, 2005

Состав: Филип Златковски – ритам гитара, Дамјан Јанев – соло гитара, Игор Панев – вокал, Милош Дејановиќ – бас и Љубомир Јовановиќ – тапани

Тип музика: хеви метал со примеси на треш метал и прогресив

Издадени албуми: Out to the light

___________________________________________________________________________________________
Serpentine Fire е хеви метал бенд кој годинава обележува 6 години од своето постоење. Зад себе имаат еден самоиздаден албум и неиздаден
материјал од 2010 кој е бесплатно споделен преку интернет, а во подготовка е вториот албум, кој планираат да го завршат годинава. Секој во бендот си има своја улога: Игор ги прави вокалните линии и текстовите заедно со Милош, Филип и Дамјан се грижат за компонирањето и аранжманот на песните, а Бубе доволно е само да тропа :). Но на крајот, сите заедно одлучуваат за сè, не постои „газда“ во бендот. Редовни настапи како „тезгари“ немаат, а позначајните свирки им биле на Рок Фест, Плагијат и Дојди Веслај во Струга.
___________________________________________________________________________________________
Интервју со Serpentine Fire

  • Кои странски музички изведувачи се вашиот фаворит и главна инспирација?

Странските бендови кои влијаеле на нас со текот на годините се менувале, како и нашиот стил, но едни од фаворитите кои на сите нас ни извршиле влијание се бендови како KIng DIamond, Pantera, Flotsam and Jetsam, Forbidden и многу многу други. Горе-доле нашата музика е комбинација од стиловите на овие бендови, додека инспирацијата доаѓа директно од душата, не од некој бенд.

  • Колку често правите проби?

Се трудиме тоа да биде колку можеме почесто, со оглед на обврските кои ги имаме сите, така што релативно е, но тоа се движи од ниеднаш до 2-3 пати неделно.

  • Кога и каде можат да ве чујат фановите? Кои песни може да се чујат на вашите свирки?

Нашите фанови знаат кај да не најдат. Тоа најчесто е или Кастро или Хавана. Секој што сака да слушне добар и моќен метал нема да има проблем да не најде. Воглавно свириме наши песни, но одвреме навреме знаеме да отсвириме и некоја преработка од некои од познатите бендови. Целта ни е само луѓето да си поминат убаво на свирка и да им се исплатат парите кои ги дале.


    .
  • Што правите кога не се занимавате со музика?

Постарите во бендот работат, помладите студираат :). Имено: Игор е доктор, јас (Филип) работам со ентериери, Милош и Дамјан се студенти, а Бубе држи Фаст фуд ресторан. Останатото време кулираме и чат-пат некоја песна може да излезе од дремењето по дома.

  • Текстовите на вашите песни се на англиски јазик. Зошто?

Па, од една страна на англиски е многу полесно изразувањето поради тоа што има голем фонд на зборови и нивни варијации, додека македонскиот е поограничен во тој поглед, а од друга страна сакаме нашата музика да ја разбираат во секој дел од светот, не само во Македонија. Но, тоа не значи дека во иднина не би направиле песна на македонски јазик.

  • Која песна е ваш фаворит?

На сите најголем фаворит ни е „Hypocrisy of Life“ која исто така ја сметаме за нашиот најголем успех. И најверојатно во таа насока ќе се движи бендот во наредните години.


.
  • Кои македонски бендови или изведувачи особено ги почитувате?

Од постарите бендови, би ги наброиле Sanatorium и Orion, кои влијаеле на доста генерации, а од нашите сегашни колеги Vandal, Raven, Furion и многу други кои доста добро си ја вршат својата работа.

  • Што би сакале да ви се случи за да бидете задоволни од успехот на вашиот бенд?

Обично одговорот на ова прашање би бил издавање за позната издавачка куќа, турнеи низ цел свет и многу жени и пари (што не би било далеку од вистината :)), но искрено не сме во потрага по успех кој само би не направил познати. Сакаме нашата музика да допре до што повеќе луѓе и да не почитуваат само поради нашата музика, прилично искрено го работиме ова и сакаме поради тоа да бидеме ценети.

  • Дали би го смениле стилот на музиката, доколку некој познат продуцент во Македонија ви понуди соработка која ќе го вклучува овој услов?

Мислам дека нашите продуценти имаат доволно кловнови, така да не верувам дека сме им ние потребни само за да им пркосиме на неквалитетот. Но кога би дошло до тоа најверојатно би им рекле: „SCREW YOU GUYS, WE’RE GOING HOME“.

Интервју со Serpentine Fire

  • Како го гледате бендот после 25 години?

Па се надеваме дека ќе оставиме печат на македонската андерграунд сцена, како бенд кој истрајал, има барем 5-6 албуми позади него и многу концерти. Се разбира, сакаме да бидеме бенд кој би влијаел на идните генерации и да бидеме инспирација за некој да направи поголем успех.

За авторот
Читај на раат!

Поврзани содржини

Остави коментар