Интервју со бендот „Т.Б. Трачери“

Сподели

Автор: Александра Чакаровска

Интервју со бендот „Т.Б. Трачери“Група: Т.Б. Трачери

Основана: 1991 година

Тип музика: рокенрол

Издадени албуми: „Клати и тркалај“ (2001), „Купи ме“ (2003), „Шлагери од Содома“ (2005), „Кинки во нервозна џунгла“ (2011)
.

Состав: Кирчо Арсовски – гитара и вокал, Кирил Арсов – бас, придружни вокали и гитара, Андреј Анастасов – тапани и придружни вокали, Ивица Димитријевиќ – гитара, Александра Поповска – придружни вокали, Марија Арсова – придружни вокали.


Т.Б. Трачери како бенд постои уште од 1991 година. Сепак, од тогаш до денес составот на групата е променет, a сегашната постава на Трачери настапува веќе 7 години. Пред настапи не вежбаат, бидејќи немаат потреба за тоа, а кога не настапуваат и не работат, слободното време го користат да прочитаат некоја книга, како што велат тие – „да не заглупавиме“.

Актуелни се со својот последен албум „Кинки во нервозна џунгла“ (2011), кој привлече голем интерес кај нивните фанови. Како бенд, препознатливи се по своите песни кои се мелодични, лесни за паметење и одлични за играње. Сепак, текстовите многумина би ги опишале како да се без „влакна на јазикот“. Имаат профил само на фејсбук, каде ги известуваат сите свои фанови за тоа каде ќе имаат свирки, како и за најновите случувања поврзани со бендот. Вокалот на групата – Кирчо Арсовски, ќе ни открие нешто повеќе за бендот.



Интервју со бендот „Т.Б. Трачери“Т.Б. Трачери официјално ѝ се претстави на публиката во новиот милениум со првиот свој албум „Клати и Тркалај“(2001). Но, бендот постои многу одамна. Кога беа вашите почетоци и по што најмногу ќе ги паметите?

Почетоците скоро и да не ги паметам. Одамна не постои првата постава на Трачери. Сè беше некако романтично и глупаво, како и секое прво заљубување.

Т.Б. Трачери е всушност скратеница од Терористичка Банда Трачери. Од каде е идејата за името на бендот?

Идејата дојде после една пијанка во еден кафич. Занимлив е парадоксот на Трачери како терористи. Но, кога ќе погледнеш од друга страна, еден трач може да ти донесе многу проблеми. Има нешто терористичко во него.

Која е вашата главна инспирација за создавање на песните?

Овој живот.

На вашите концерти можат да се видат луѓе од различни генерации. На што се должи тоа?

Тоа се должи на нашиот квалитет како музичари и на мене како композитор, пејач и појава.

Најпознати песни по кои публиката ве препознава се „Елтон факинг Џон“, „Мама не ти дава“, „Шиз а бомб“, „Јас сум кинки“. Дали се тоа и песните кои мора да ги отсвирите на секоја свирка?

Не мора сите нив. Но, барем една од овие што ги наброја. Тие се нашиот бренд, по тоа нè препознаваат.Интервју со бендот „Т.Б. Трачери“Која е пораката која им ја праќате на фановите со своите песни?

Пораката е да бидат добри луѓе и да се сакаат со своите ближни.

Дали сте свиреле на свадби или сте имале понуди за свирење?

Не, никогаш не сме свиреле на свадби. Рокенролот е измислен на некое друго место, поинакво од она каде што се прават свадби.

Неодамна настапивте на реномираниот фестивал „Таксират 13“, рамо до рамо со многу познати странски и домашни изведувачи. На кои други позначајни концерти имате свирено?

Секој наш настап е значаен, било да е Таксират или настап во некое кафуле или клуб. Никогаш не сме биле во ситуација да ја потценуваме публиката. Таа за нас е свето нешто.

Каде може да ве слушнат фановите?

Рок музиката не е популарна доволно кај нас, затоа немаме редовни настапи. Кога свириме, публиката е известена преку Фејсбук.

Што би им препорачале на младите генерации?

Нека ги слушаат Трачери.

За крај, каде се гледате после 10 години?

Не знам ни утре што ќе биде, а камо ли за десет години. Најбитно е здравјето.



Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.

За авторот
Читај на раат!

Поврзани содржини

Остави коментар