ЖЕНА – битен фактор во општеството

Автор: Маја Кузмановска

Да сме начисто со една работа – времето кога понежниот пол ја играше улогата на мајка, домаќинка и совршено пожртвувана сопруга помина. Дами и господо, викнете трипати „УА“ за стереотипите и уште погласно, трипати „УРА“ за еманципираноста на жените. Да живеат жените кои имаат кариера, а меѓувремено успехот го надополнуваат со среќата да бидат сопруги и мајки. Искрено, сѐ уште не ми е јасно како е возможно да постојат мажи кои стојат на радикалниот став дека местото на жената е во кујната и како воопшто постојат жени кои се помируваат со шовинистичко мислење.

ЖЕНА - битен фактор во општеството

Во Македонија си имаме проблем со традицијата. Таа останала: мажот да работи, да печали, а жената да биде во домот и да се пријави на „портирница“ дури и ако оди до кај сосетката на кафе.

Ако живеете во метрополата или во некој поголем град од земјава, веројатно ви звучам како да сум излегла од некој серген и сега ви продавам приказни за ич пари. Но, ако ја земеме бројката на жени кои живеат во мали градови и рурални средини во земјава, тогаш сигурно не бладам од некое феминистичко бунило. Жално е што кај нас живеат стереотипите. Жени кои седат дома, кои немаат право на сопствен став, онемени, нешколувани, физички и психички злоупотребени, ете и такви жени има во Македонија. Ние како народ сме навикнати ѓубрето наместо да го собереме и фрлиме, да го потпикнеме под теписонот. Но, нели е крајно време да кажеме „СТОП“ и да ѝ кажеме „ДОБРЕДОЈДЕ“ на независната жена во современото општество!?

Се сеќавам на кампањата на норвешката амбасада пред неколку години која имаше за цел да ги поттикне младите жени активно да учествуваат во политиката. Кампањата немаше голем одек во јавноста и ни стана секојдневие вратоврските да ги решаваат државните, политичките, социјалните, економските, образовните и медицинските проблеми. Претпоставувам дека Македонија за скоро време нема да види жена на чело на државата поради пустиот менталитет.

Според машкото мислење жена не може да биде претседателка на држава и во исто време да биде добра сопруга и мајка. Непишано правило е да не ѝ се дава авторитет и кредибилитет на дамата. Ако таа се обиде тие да ги стекне со сѐ она што го поседува (овде не мислам на нејзиното деколте, туку на нејзиното образование, карактер, моќ за убедување, енергијата која ја поседува), тогаш тие би требало да ѝ бидат одземени со постојано негирање на нејзините креации.

Ајде да не биде така! Да ги охрабриме жените активно да учествуваат во социјалниот живот. Да бидат амбициозни, со сите свои доблести кои ги поседуваат да се борат за своето место во општеството, да имаат кариера, да бидат граѓански активистки, да си ги знаат и бараат своите права. Ајде заедно да се бориме за ова, силната, едуцираната и независна жена може да биде добра и пожртвувана мајка и да покаже дека со партнерот мора да биде рамноправна.

За авторот
Читај на раат!

Поврзани содржини

Остави коментар