За танго се потребни двајца

„Во тангото телата мора да создадат поле со спротивни набои. Раката мора да биде цврста но не и да турка. Нозете се во контакт, но не смеат меѓусебно да се ограничуваат, ниту да си пречат во движењата…“

Книгата чии последни неколку страници ги завртев пред некој ден, ме поттикна да размислувам на мошне интересна тема. Нели тангото е како љубовните врски? Сите сме ја чуле онаа реченица: „Танцот е вертикално изразување на хоризонталните желби.“ И тоа е добро кажано.

За танго се потребни двајца

Моите мисли ме одведоа до таму што дури по гледањето куп клипови на интернет, пробав да го изиграм сама. Едно време знаев, земав часови по танц. Па претпоставувам проблемот е или во тоа што поминало доста време откако последен пат сум го играла, или пак бидејќи играв сама?

Заклучив дека тангото не само што наликува, туку и на некој начин претставува цела дефиниција за љубовта. Прво, мора да танцуваш со повеќе партнери дур не најдеш таков со кого чекорите просто ќе ти одат лесно како вода и со кого ќе почувствуваш дека сте родени да танцувате заедно. Вие двајца ќе бидете навидум спротивни но ќе научите да си давате простор. И баш кога ќе ви се причини дека партнерот ќе ви се излизга од рака, тој ќе ве повлече кон себе. При несогласувања ќе мора да научите да балансирате и да си давате рамнотежа.

За да се танцува, како и за да се љуби, мора да најдете партнер кој ќе ве разбира, ќе знае да ви ги прочита мислите и емоциите преку движењата, да ви го наслушне пулсот на срцето и да ве придржи за да не паднете. Тангото зрачи со сензуалност, две навидум спротивни енергии толку блиску една до друга. Неговата мажественост и нејзината женственост. И кога ќе се спојат настанува вистинска експлозија. Телесен и љубовен дијалог. На секое движење другата страна ќе одговори соодветно. Ѝ пркоси на математика. Тоа се двајца кои стануваат една целина. Тоа е танго. И доста се преокупирате да му ја најдете смислата, само танцувајте.

Најважно од сè, танцот, како и љубовта, не е теорија туку пракса.

Ели

 


Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.

За авторот
Слободното време го минува со голема шолја кафе и со добра книга во рака или пишувајќи го она што ѝ лежи на душата. Не може да поднесе неправда и негува емпатија кон луѓето. Како перфекционист опседнат да даде сè од себе, сонува да направи промена во светот околу неа. Креативна и желна за нови предизвици, со многу нови соништа секој ден, иако понекогаш плашлива од промена. По малку романтична со голема љубов кон англиските книжевни класици.

Поврзани содржини

Остави коментар