Вие сте единствени

Вие сте единствени

Автор: Маја Кузмановска

„Животот е море, а човекот – кораб. Умот е сидрото на тој кораб, срцето е едро, а страста – ветер во тоа едро. Каква полза од едро без ветер?“ – Вештица, Венко Андоновски

Вие сте единствени

Навистина, каква полза од едро без ветер? Што е животот без страст за живеење? Постои миг во нашиот живот кога ќе сфатиме зошто сме тука, но никогаш нема да дознаеме до кога, бидејќи ако го знаеме тоа ќе ја изгубиме смислата на животот, на нашето живеење. Сега дознав дека јас сум на овој свет за да живеам, да станам конкретна појава во секојдневието како и другите околу мене, сите оние кои ја бараат смислата на денешнината, оставајќи го минатото зад своите чекори и чекајќи ја иднината со сјај на надеж во очите кои се измориле од болка и тага.

Кога ќе се пронајдеме себеси во овој мал свет ќе најдеме мир за душата. Светот ќе почне да си ги менува боите и кислородот кој го вдишуваме ќе биде најголемиот доказ дека сме живи. Не ни треба посебна филозофија за живеење, бидејќи добрината и љубовта би требало да бидат наша филозофија, стил на живеење. Доволно е да предизвикаме насмевка на лицето на некој што ни значи, да го сакаме сонцето кое симболизира живот, да научиме да ги прифаќаме луѓето околу нас такви какви што се, без да се трудиме да ги промениме. Да си простуваме самите на себеси за да можеме да им простиме на другите, да ги цениме миговите кои иако мали, можат да нè направат среќни. Да сонуваме, затоа што не е грев да се сонува, затоа што понекогаш фантазијата е поважна од знаењето.

Подарувајте време и внимание. Не бидете подобри од другите, туку подобри од тоа што сте. По секој дождлив ден, доаѓа виножитото! И тогаш на површината испливува страста за живеење. Да се биде сега и тука. Затоа што никој не знае што носи утре. И сега почнав да размислувам за своите постапки:

Секојдневно се пронаоѓам во страниците на секоја книга што ќе ја допре мојата дланка, сакам од секоја книга да ја исцрпам сета мудрост што така невино се сокрила таму…

Сакам да пропаѓам во музика која ми ги буди сетилата и моите спомени почнуваат да танцуваат во ритамот на животот.

Секогаш искрена, доволна самата на себеси со смисла за хумор токму кога тоа е најпотребно.

За мене и обичното кафе и муабет со пријателите може да биде сосем поинакво ако јас го посакам тоа…

И доста ми е од критики, не се грижам за нив, веројатно затоа што никој досега не подигнал споменик на критичар.

Сакам да патувам низ сонот откривајќи го светот во неговите вистински бои…

Не сум Бодлер, па да ги бојадисувам прозорците, не сум Гог, па да си го отсечам увото…
Јас сум само аматер кој се обидува да стане уметник, а ако станам можеби ќе бидам и контроверзна…

Но, засега останувам верна на моите очи, срцево и разумот, па макар тие не биле во право. Јас сум само ЈАС, ЕДНА И ЕДИНСТВЕНА. Сега се моите пет минути. Никогаш повеќе природата нема да ме создаде повторно, затоа што секој од нас е уникатен примерок на љубовта.

Сега се и вашите пет минути. Секој ги доживува токму сега и никогаш нема да доживеете реприза. Бидете тоа што сте и живејте го мигот. Мигот кој е целиот наш живот. Во тој миг ние ја вложуваме сета своја енергија, сите свои емоции за да бидеме нешто повеќе. И на крајот пак се враќаме на она првобитното: човекот е кораб во морето, неговиот ум е сидро, неговото срце – едро, а љубовта и страста – ветер во тоа едро. И бидете тоа што сте, живејте, сакајте и радувајте му се на секој нов ден.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Читај на раат!

Поврзани содржини

Остави коментар