Сингл – да се биде или не, прашање е сега!

Како што читам текстови за луѓето кои не се во врска, сè повеќе сфаќам дека денес не е ин да си сингл. Ако повеќе обрнеш внимание, ќе сфатиш дека статусот „сингл“ го спомнуваат во таков контекст како да е болест.

Дали сè уште сте сингл? Што не е во ред со вас? Како да си најдете момче? Како да го освоите принцот од бајките? Зошто не можете да запознаете некој по ваша мерка? И вие ми ги нудите сите тие одговори, како на послужавник? Браво! А што ако, ете по некоја чудна претпоставка, некој сам си одлучил дека сака да биде сингл? Замислете си, постојат и такви луѓе, кои се сингл зашто така им се сака!

Сингл – да се биде или не, прашање е сега!

Знам доволно личности кои влетале во врска, не зашто тие сакале туку дека така требало, па затоа си имам поткрепа за една моја теорија. Луѓето забораваат да си го тераат својот ќеф. Некои од нас се толку опседнати со тоа да не бидат осудувани и покажувани со прст, што забораваат на она што навистина им е важно во животот. Општеството не е монотона шема, барем не сега во 21-ви век! Не мора да значи дека по завршувањето факултет мора да се мажиш, во случај да не се запишеш на факултет, дека ќе се мажиш по завршувањето средно, не мора да имаш дечко/девојка само затоа што сите останати од твоето друштво имаат, не мора да имаш сериозна врска само зашто ти било дојдено времето за сериозна врска. Секој си го тера животот по своја шема, на секого различно ќе му се наместат коцките, секој си ја наоѓа среќата во различни работи.

Ако таа сака да биде сингл и на 30 години, ќе биде, ако сака да ù се посвети на кариерата ќе го стори тоа, а нема да ги слуша бабите и тетките по свадби како благословуваат 20-годишни девојчиња „И на ваша глава, што поскоро!“ Сакав да применам една добро позната финта за на погреби ама ми звучеше многу лошо, па научив да си ја таложам нервозата и да возвратам со насмевка и едно кратко и безначајно „Благорадам“. Сепак е благослов, не велам не, само немојте што поскоро, туку кога вие ќе мислите дека е правото време. Свадбите и слични семејни собири за сингл-луѓето можат да бидат вистински пекол, но и рај, кој како ќе си ја сфати ситуацијата. Исто како што и животот е трагичен за оние кои премногу размислуваат.

Убаво ми вели тато и ќе си го послушам, Не фаќај дечко кој ќе го стави фудбалот пред тебе како примарна работа, најди некој кој ќе го исклучи телевизорот кога ќе види дека имаш проблеми, исто како што тоа го правам јас.“ Ете така, а кога ќе мислам дека ми треба некој ќе си распишам оглас: „Барам дечко за озбилно, ама не за везден, да не ме замара 24/7.“

Шала на страна, мој совет е да го следите РАЗУМОТ. Кога вие ќе се чувствувате подготвени за врска или за брак, а не кога вашата комшивка ќе ви рече дека ви заминал возот. Проблемот на нашето општество е тоа што секој си го пика носот таму каде не му е местото. Кога секој би си ги гледал своите грижи и проблеми сè би било поинаку! Имате право да пребирате и на 40 години, никој на ништо не смее да биде приморан, сакам веќе еднаш да дојде тоа време кога луѓето ќе ги рашират видиците, ќе гледаат подалеку од носот и ќе престанат да осудуваат. Подобро да си сингл отколку да си во врска која те гуши, подобро не биди во брак на колку било години отколку да се мажиш/жениш зашто општеството така налага. Не смееме да правиме нешто што не нè исполнува и не нè прави среќни.

Да се биде сингл има свои предности и недостатоци, но да не бидеш сингл само поради непишаните критериуми на општеството е трагичо.

Не знам за вашето, но моето кафе е „дабл“ и покрај тоа што е наменето за една личност, како инаку да се справам со овој мамурлак?

Бидете сингл ако ви се сака, бидете дабл ако уживате повеќе така,

Терајте си ќеф, до следното читање,

Вашата Ели.

 


Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.

За авторот
Слободното време го минува со голема шолја кафе и со добра книга во рака или пишувајќи го она што ѝ лежи на душата. Не може да поднесе неправда и негува емпатија кон луѓето. Како перфекционист опседнат да даде сè од себе, сонува да направи промена во светот околу неа. Креативна и желна за нови предизвици, со многу нови соништа секој ден, иако понекогаш плашлива од промена. По малку романтична со голема љубов кон англиските книжевни класици.

Поврзани содржини

  1. Demonic Reply

    „…не мора да имаш дечко/девојка само затоа што сите останати од твоето друштво имаат“

    Ова, пред некој ден, со еден мој сингл машки пријател го зборувавме, и сфатив дека не е така. На луѓето им требаат пријатели, луѓе за социјализација. Но кога тројца од твоите најблиски пријатели те „извисуваат“ недела-дена уназад заради партнерот, посебно ако се во пресна врска (можам сосем да се ставам во кожата и на едната и на другата страна), се осеќаш донекаде приморен и ти да најдеш некого засебе.

    Она мене што ме к*рчи е тоа што на „статуси“ се гледа како на нешто толку битно, као демек живот ти зависи од тоа. Премногу исфорсирано, ко божем не постои друга побитна работа на светот за нас, од тоа да си го мачиме мозочето дали сме со или без некој. Па каде е тука кариерата, каде е школото, себе-изградувањето, себе-одржувањето, себе-почитувањето? Да станам човек, и да застанам на свои нозе, за мене е многу побитно од тоа дали ќе имам некого да држам за рака. Можда вака делувам помалку себично, но да се нервирам за тоа дали сум со некој или не, за мене барем…е крајно површно.

    Постојано сме бомбардирани со статии кои за сингл зошто е добро/лошо, како тоа да го „преживееш“, кои за врски и зошто е добро/лошо и како да ги оддржуваш…
    Ако немате никој…посветете си се самите на себе. Покрај толку стресно и напорно секојдневие, дополнителна обврска како врската…на секого не му оди во прилог. А ако има некој кој ви одговара…нема зошто да го „шитнете“ од својот живот. Се` во свое време.

  2. Иви Reply

    Се согласувам… и со статијата и со коментарот.

Остави коментар