#СегаКажувам: Вистинското прашање не е зошто сега, туку што потоа?

На 16-ти јануари Македонија доби свој хаштаг кој им овозможи на сите жртви и сведоци на сексуално вознемирување отворено да проговорат за нивните искуства и да ги споделат приказните со јавноста. Фејсбук беше преплавен со статуси означени со #СегаКажувам и сите корисници добија можност да прочитаат низ што минуваат жените и девојчињата секојдневно. Секако дека и искуствата на мажите не беа исклучени од кампањата. Иако се појавија во значително помал број, тие исто така придонесуваат за подобро отсликување на ситуацијата во општеството.

#СегаКажувам: Вистинското прашање не е зошто сега, туку што потоа?

Неоспорно е дека сексуалното вознемирување е ужасен дел од нашата реалност и страшно е кога ќе се помисли дека луѓето кои ја имаат сета наша доверба, најмногу ја злоупотребуваат својата функција и моќ. Прочитавме приказни во кои оние што би требало да даваат знаење, кажуваат недолични шеги пред малолетници и ја израмнуваат оценката со сексуална услуга. Видовме примери во кои оние што би требало да нѐ заштитуваат и да се грижат за нашата безбедност, нѐ уценуваат и се изживуваат врз нас само затоа што униформата им го овозможува тоа. Дознавме дека постојат луѓе кои сметаат дека белиот мантил им дозволува да се однесуваат непристојно со пациентите.

#СегаКажувам ја кажа вистината што сите со години ја премолчуваме: Сексуалното вознемирување може да му се случи секому и во кое било време, а најчестите сторители се оние кои имаат најголем авторитет, како што се професори, полицајци, доктори, шефови и директори. Суровата вистина ни удри шлаканица пред неколку дена и сега не можеме повеќе да се преправаме дека не знаеме што се случува. Стотици жени и неколкумина мажи ги преточија своите премолчени искуства во зборови и имаа можност да добијат сочувство, разбирање и поддршка од сите нивни познати и непознати пријатели на Фејсбук.

#СегаКажувам: Вистинското прашање не е зошто сега, туку што потоа?

Активистките што ја започнаа оваа кампања изјавија дека главната нејзина цел е да се подигне свеста за токсичното машко однесување кое е крајно неприфатливо и да се охрабрат жените и девојките да му се спротивстават и отворено да проговорат за него. И покрај храбрата и позитивна цел на моќниот хаштаг, многумина се скептични во однос на неговата ефективност.

Многу луѓе објавија статуси во кои ги исмеваат приказните означени со овој хаштаг и ги осудуваат како невистинити. Некои одат дотаму што тврдат дека оваа кампања е очаен потег за привлекување внимание, собирање лајкови и промовирање квази феминизам. Многу мажи сметаат дека хаштагот создава непотребна паника, ги генерализира припадниците од машкиот пол и создава одбивност кон обичното флертување. Се поставуваат прашањата „Зошто се чекало толку време за да се пријави случајот?“ и „Зошто не се открива името на сторителот?“. Иако многу институции, меѓу кои и МВР и МОН, ја поддржаа кампањата, сѐ уште постојат луѓе кои сметаат дека таа не придонесува никако за решавање на проблемот, туку дека ја засилува омразата кон мажите.

#СегаКажувам: Вистинското прашање не е зошто сега, туку што потоа?

Се појавија мислења дека неколкуте сериозни случаи кои вклучуваат „вистинско“ сексуално злоупотребување се губат во морето од преувеличени приказни и лажни обвинувања. Фејсбук не е местото каде што би требало да се говори за вакви нешта. Наместо тоа, жртвите би требало да им се обратат на надлежните институции и да побараат помош од стручни лица. Се поставува и прашањето што е со оние жени кои живеат во помали места и немаат Фејсбук ниту, пак, Интернет за да ја споделат нивната приказна, а секојдневно се малтретирани и сексуално злоупотребувани од страна на нивните сопрузи и соседи. Освен тоа, некои мажи потенцираа дека ним не им е дозволено да кажат дека биле сексуално вознемирени, бидејќи веднаш ќе бидат прогласени за слабаци кои не знаат да се одбранат од жена или пак нема да бидат сфатени сериозно и ќе бидат изложени на потсмев. Некои ја изразија својата загриженост во врска со тоа дека жените не ги обвинуваат мажите кои се физички привлечни, туку само оние кои според нив се стари и „грди“.

Иако генерално оваа кампања доживеа позитивен одѕив и доби многу пофалби, вреди да се запрашаме колку вистина има во негативните мислења за #СегаКажувам? Не можеме да знаеме дали некој измислил приказна за да собира лајкови и да привлече внимание, но можеме да направиме разлика помеѓу сексуалното вознемирување и флертувањето. Под сексуално вознемирување спаѓаат сите видови несакано сексуално однесување, како што се допирите, но и недоличните коментари. Понекогаш мажите не ја разбираат (или не сакаат) да ја разберат границата помеѓу сексуалното вознемирување и флертувањето, но таа е прилично очигледна. Доколку девојката покаже знаци на нервоза, страв или вознемиреност во близина на мажот, отворено му каже „Не“ или го оттурне од себе, не може да каже некој дека не знаел дали таа се чувствувала непријатно. Можеби девојката флертувала на почетокот, но таа смее да се премисли и тоа не му дава право на мажот да настојува и да станува насилен. Можно е поголемиот дел од мажите кои реагираат негативно и притоа го користат овој аргумент да си ја „имаат мувата на капата“ и да се препознале во оние случаи каде што флертот преминал во сексуално вознемирување.

#СегаКажувам: Вистинското прашање не е зошто сега, туку што потоа?

Во однос на прашањата „Зошто сега?“ и „Зошто не се објавуваат имињата на сторителите?“, активистките открија дека целта на кампањата не е да се казнат престапниците, туку да се потенцира начинот на кој жените го доживуваат ваквото токсично однесување. Повеќето од случаите се застарени, а некои од сторителите се на толку моќни позиции што не би можеле да добијат никаква казна, а би можело да им се наштети на жртвите доколку ги разоткријат. Зошто сега? Зошто да не?! Ова прашање не е воопшто важно кога станува збор за нешто олку сериозно. На жените не им е лесно да признаат дека биле жртви на сексуално вознемирување, бидејќи постојат големи шанси да бидат осудувани, обвинувани и опсипувани со прашања од типот „Зошто не си кажала порано?“. Во многу случаи кога жените се осмелиле да го кажат нивниот проблем, биле сфатени несериозно со изговор дека таквото однесување е нормално кога мажите ќе видат убава жена, дека претеруваат и дека не треба да му придаваат големо значење на тоа.

Вистината е дека треба да му се придава големо значење на секое сексуално вознемирување, без разлика дали станува збор за дофрлување недоличен коментар или несоодветно допирање. Не мора да дојде до најстрашното за да се сфати случајот сериозно. Треба да се обрне внимание на сите видови однесување што направиле жените да се чувствуваат непријатно и вознемирено. Но, мора да се напомене дека, за жал, навистина постојат жени што ја злоупотребуваат туѓата емпатија и ја искористуваат за да се одмаздат некому и да обвинат некого лажно. Најверојатно, оттаму произлегува машкиот револт кон оваа кампања. Во такви случаи, неправедно обвинетите мажи не би требало да бегаат туку да ја раскажат својата страна на приказна и да ја докажат својата невиност. Со оглед на тоа што постојат навистина вешти манипулатори и помеѓу мажите и помеѓу жените, тешко би било да се одреди кој лаже, но факт е дека постои само една вистина во густата шума од различни гледишта.

Секако дека #СегаКажувам не може да ги опфати сите случаи на сексуално вознемирување и многу од нив ќе останат неоткриени и нерешени. Многу жени и мажи нема да добијат шанса да проговорат јавно и да бидат чуени, од разни причини. Тоа не значи дека кампањата не го постигнува посакуваниот ефект. Напротив, ова навистина е првиот чекор кон подигнувањето на свеста кај народот за општеството во кое живееме и за неприфатливото однесување со кое секојдневно се соочуваме, а се смета за нормално и „фраерско“. Освен тоа, овој едноставен хаштаг им нуди можност на луѓето да сфатат дека не се сами и дека има многу други кои поминале низ истото. На тој начин, се промовира ширењето емпатија и поддршка помеѓу поединците кои биле жртви или сведоци на сексуално вознемирување.

#СегаКажувам: Вистинското прашање не е зошто сега, туку што потоа?

Главното прашање не е „Зошто сега?“ туку „Што потоа?“. Првиот чекор е направен, но кои се следните чекори? Дали единствената цел на кампањата е да се подигне свеста и да почнеме отворено да зборуваме за ова или ќе почне да нуди вистински решенија за проблемот? Дали жртвите навистина ќе се осмелат да ги пријавуваат случаите на сексуално вознемирување по оваа кампања? Дали ќе се смени нешто или сѐ ќе си остане по старо? Дали овој хаштаг ќе потоне во заборав заедно со многуте други иницијативи кои имале моќен почеток, но неуспешен континуитет? Секако дека не би требало сето ова да сѐ сведе и остане на статуси на Фејсбук. Следно од #СегаКажувам е разговор на ПичПрич на Канал 103 вечерва во 20 часот, а останува да видиме што ќе се случува понатаму.

Нам ни преостанува да ја поддржиме оваа кампања како што можеме и колку што можеме и да не ја осудуваме како неуспешна уште на самиот почеток. Нормално дека не можеме да добиеме видливи резултати уште веднаш. Потребно е трпение и упорност за да се истера сето ова до крај и да доживееме промена во општеството преполно со токсично однесување кое се прикрива под придавката „нормално“. Пред да донесувате избрзани заклучоци, ставете се во кожата на сите оние кои биле жртви на сексуално вознемирување и обидете се да си замислите колку им било тешко да си ги враќаат болните сеќавања и да пишуваат за тоа јавно. Не се прашувајте зошто сега. Запрашајте се како да им помогнете на луѓето на кои најмногу им треба вашата помош.


За авторот
Писателот во нејзината глава вели: Дај ми англиска книжевност. Дај ми урбан апсурд и егзистенцијализам. Дај ми мистерии за човечката психа. Дај ми театар и џез како терапија.

Поврзани содржини

Остави коментар