Само пријатели или нешто повеќе?

Постои ли искрено пријателство меѓу машко и женско? Колку е само стара оваа тема на муабет. Едни негираат а други се сосем сигурни дека пријателството меѓу личности од спротивен пол може да опстои. Да бидеме реални, секојдневно сме во контакт со многу личности. Колеги од работа, од факултет, клиенти и уште многу други во секакви околности. Но, дали имате пријател/ка од спротивен пол, со кој/а не само што имате едно „Здраво“, туку си одите на кафе и трошите солидно време на муабет? Значи зборуваме за интензивно пријателство.

Дали може да постои без да се јават поинакви чувства макар од едната страна? Дали доколку сте веќе во врска а сте склопиле пријателство со личност од спротивен пол ќе се чувствувате како емоционално да го/ја изневерувате својот/ата партнер/ка? А од друга страна, ако вашето пријателство трае веќе со години, како ќе се чувствува личноста со која сте во врска знаејќи дека сте толку блиски со личност од спротивен пол? Ајде да одиме со ред…

Само пријатели или нешто повеќе?

Кога веќе темава има толку аргументи за и против, одучив да побарам помош од вас. На Кафе пауза поставивме различни анкети поврзани со оваа тема. На прашањето Верувате ли дека постои искрено пријателство меѓу машко и женско?, 37% од вас одговорија дека постои но е многу ретко, 30% беа сигурни дека постои, 20% мислат дека постои само во случај кога и двајцата ја поминале фазата на „допаѓање“, а само 13% се одлучни дека не постои.

Како всушност ги одбираме пријателите од спротивен пол? Дали ги одбираме бидејќи нè привлекуваат (можеби не сексуално, но сепак), и дали тоа би значело дека уште од самиот почеток постои шанса да се случи нешто повеќе?

Дали може двајца вистински да уживаат во своето пријателство без да почувствуваат потреба за нешто повеќе или пријателството меѓу личности од спротивен пол е само фарса, или чекор кој се прави кога во суштина се сака нешто повеќе? Демек ајде ќе бидеме пријатели, додека не станеме доволно блиски за нешто повеќе. Дури и ако пријателството започнало најневино и без никакви „задни“ намери, кој ви гарантира дека макар од едната страна нема да се јават поинакви чувства? Адам и Ева живееле чист и безгрешен живот во рајската градина. Но, откако биле избркани тие сепак станале обични смртници (какви што сме ние сега), почнале да си ги покриваат срамните делови од телото и да се посакуваат еден со друг телесно. Колкава е шансата твојот другар, на пример, со кого поминуваш добар дел од денот (училиште, факултет, работа), да не пријави никакви чувства на сексуална привлечност кон тебе? Затоа, исто така ве прашав и Дали сте имале пријатели од спротивниот пол, а еве што добив како одговор. Дури 80% од вас тврдат дека имале и сè уште го негуваат пријателството, само 11% кажаа дека имале но прекинало, и многу беше мал процентот на оние кои кажаа дека немале никогаш или дека пријателството преминало на „наредната фаза“.

Да бидеме искрени, огромна е веројатноста да се појават поинакви чувства макар од едната страна, само разликата е дали се доволно силни, дали личноста ќе се обиде за нешто повеќе или она што го чувствува ќе одбере да го потисне во себе. Замислете дека вашата другарка која секогаш била покрај вас по секоја пропадната врска, всушност цело време се борела со поинакви чувства без да собере храброст да ви каже или едноставно без да има прилика за тоа.

Едно е сигурно, зафркнатата ситуација настапува тогаш кога вие ќе мора да се изјаснете дека сепак, не ги делите истите чувства. Па ќе почнете да се оддалечувате со цел да не испратите погрешни сигнали, а другата страна ќе почне да се оддалечува поради повреденото его. Колку често се случува ваквото пријателство да прекине поради сексуална привлечност? И тука ми требаше ваша помош. Никогаш не им се случило тоа на 47%, на 41% им се случило, а во случајот на останатите 12% пријателството преминало во нешто повеќе.

Сигурно ја паметите серијата „Пријатели“, (не може да не ги памтите, легенди се). На Моника и Чендлер им беа потребни години за да сфатат дека се совршени еден за друг, ама не само како пријатели. Дали доколку добро ја познавате личноста, имате поголеми шанси за зрела љубовна врска во иднина?

Може ли да го замислите вашиот другар како татко на вашите деца во иднина, или вашата пријателка како жената со која за некоја година ќе делите постела? На прашањето Дали пријателството е цврст темел за љубовна врска во иднина?, најмногу од вас одговорија дека е важно но не е пресудно, 43% мислат дека пријателството е клучно за успешна врска во иднина, а само 5% мислат дека врската никогаш не би успеала.

Едно е сигурно, кога врската би прекинала истото би се случило и со пријателството. Ќе останеме пријатели, нели? (АУЧ) Не, нема да останеме. Ќе се гледаме многу ретко на почеток, ќе престанеме да се бараме за брзо, а средбите на улица ќе бидат кратки и непријатни.

Ете, тоа е тоа. Пријателството меѓу машко и женско е тешко да опстои. Можеби најизводлива ситуација е и двајцата да ја имаат поминато фазата на „допаѓање“, па слободно можат да си бидат пријатели. Со многумина имам „Здраво, како си“, и кафе-муабет во друштво, но имам само еден вистински пријател веќе со години. Значи не е неизводливо, но е ретко.

Ели

 


Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.

За авторот
Слободното време го минува со голема шолја кафе и со добра книга во рака или пишувајќи го она што ѝ лежи на душата. Не може да поднесе неправда и негува емпатија кон луѓето. Како перфекционист опседнат да даде сè од себе, сонува да направи промена во светот околу неа. Креативна и желна за нови предизвици, со многу нови соништа секој ден, иако понекогаш плашлива од промена. По малку романтична со голема љубов кон англиските книжевни класици.

Поврзани содржини

  1. admin Reply

    “Можеби најизводлива ситуација е и двајцата да ја имаат поминато фазата на „допаѓање“, па слободно можат да си бидат пријатели.”

  2. Ѓоко Reply

    Одлично напишано Ели. Кажуваш дека имаш само еден вистински пријател со години. Верувам дека е така. Но, дали твојот пријател не чуствува потреба за нешто повеќе од пријателство? Дали го знаеш одговорот или претпоставуваш? Мислам дека ќе дадеш погрешен одговор на овие прашања, а еве линк за да дознаеш зашто тоа го тврдам…

Остави коментар