Раскинување ли е војна ли е?

Раскинување ли е војна ли е?

„Love is a battlefield“ или „Љубовта е бојно поле“, рекла Пет Бенатар на времето. А и денес сè повеќе се зборува за тоа дека љубовта е како војна, со постојани препреки и борби кои треба да се пребродат. Сите се или некогаш биле во врска. Во првата љубовна врска се влетува сè порано и порано. А има и различен вид врски. Официјална врска. Сериозна врска. Комплицирана врска. Врска без обврска… И така кога врските станаа многу модерни почна да се зборува дека да се биде во врска значи да се води војна. И тоа не каква било војна, туку војна за превласт, за доминација. Секој потег во врската мора да е однапред стратешки обмислен и анализиран инаку готово. Губиш. Ја губиш моќта, стануваш инфериорен или како што се вели „папучар“ (во негативната смисла на зборот). И војната трае и трае сè додека врската не заврши. Меѓутоа ако подобро размислите, вистинската војна почнува токму тогаш! Секое раскинување навистина се развива низ истите етапи како што се развива и една војна. Да почнеме од почеток:

Раскинување ли е војна ли е?

Повод и причини

Уште во основно училиште, кога се запознававме со Првата светска војна, нè учеа дека повод и причина не се едно исто. Убиството на австро-унгарскиот престолонаследник Франц Фердинанд не е причина за првата светска војна, туку е поводот. А причините се таложеле уште од порано и само се чекало погоден повод за да се почне. Исто е и со врските. Вистинската причина за раскинување, никогаш ама НИКОГАШ не е онаа поради којашто парот таа вечер се расправал и решил да раскине. Всушност, тој што раскинува е оној кој ја објавува војната. Да илустрираме со пример:

ТОЈ: (доаѓа дома од луд провод, со женски, пиење и што и да се прави на машки луд провод и решава дека сака да е сингл) Еее маче, ме чекаш?

ТАА: Добро што правеше до 5 саат сабајле? Цело време си со другарите, кога ќе одвоиш време за мене?

ТОЈ: (неочекувано избувнува) Ти не си нормална! Само некои љубоморни испади со тебе! Ти кажав дека сега треба да бидам со другарите, многу проблеми имаат, морам да бидам тука за нив! Ти ништо не ме разбираш. Ти раскинувам!

ТАА: Ама…

ТОЈ: Готово! Ти раскинувам! Ти мене будала ќе ме правиш. Раскинувам.

Од оваа ситуација може да се согледа дека поводот за војната е обичното прашање на девојката што тој правел до 5 часот сабајле и кога ќе одвои време за неа. Но, причините за војната се тоа што на дечкото едноставно му здодеало да биде во врска со таа девојка, му треба нешто ново, нешто возбудливо и тоа е тоа. Ама, не дај Боже да се кажат вистинските причини! Не, не. Ова е војна! Мора да се размислува стратешки! Инаку ќе се изгуби предност.

Напад, контранапад, повлекување

Откако војната е започната следува нападот. Тој може да биде директен или индиректен. Директниот напад најчесто го започнува оној на кого му било раскинато бидејќи нормално е повреден. Директниот напад може да биде вербален кој се состои од пцости и навреди кажани или директно во лицето на непријателот или преку некое средство за комуникација (мобилен, Фејсбук, Вајбер итн.), а може да биде и (не дај Боже!) физички кој се состои од удирање на непријателот или пак кршење и расфрлување на битни и небитни предмети наоколу (по можност оние кои припаѓаат на непријателот).

Индиректниот напад се случува по директниот напад. Откако завојуваните страни решиле дека нема да зборуваат повеќе, следува индиректниот напад. Индиректниот напад е многу интересна појава која значително почна да се развива со развојот на технологијата и појавата на социјалните мрежи. Порано, индиректниот напад се состоеше од озборување наоколу, споделување нинтимни или срамни работи за противникот, вистинити или невистинити, и сè се сведуваше на тоа – трач. Но, денес нештата се искомплицираа, најмногу поради појавата на… (погодувате нели), нашиот драг ценет ФЕЈСБУК. Индиректниот напад на Фејсбук се состои од: споделување статуси од типот: „Да изгубиш некој кој не те почитува, не е загуба, туку е всушност добивка“; потоа споделување песни во стилот на „I’m strong enough“, „Cry me a river“, „Нејќеш да сум сама“, „Кучка неверна“, „ Немаш ни благодарам“ и многу, многу други; пишување текстови со метафорична содржина во која е опишана моменталната ситуација и негативните чувства спрема непријателот, но на екстремно поетски начин. Најјакото е тоа што сите, ама баш СИТЕ знаат за кого се статусите, песните, текстовите и сл. А и тоа е и поентата, нели. Тој што треба да се пронајде – да се пронајде, тие што треба да разберат – да разберат. А тоа се сите 283728937239 небитни пријатели на фб.

Раскинување ли е војна ли е?

И нормално, јасно е дека на секој директен или индиректен напад следува соодветен контранапад и тоа може да трае до бескрај, сè додека попаметниот не попушти и не реши да се повлече и да ја напушти битката. Повлекувањето се состои, пак, од: блок-дилит на сите можни социјални мрежи, бришење на сите можни заеднички слики на социјалните мрежи, оттагнување и бришење на сите докази кои би можеле да ѝ укажат на јавноста дека сегашните непријатели некогаш биле во врска. Попаметниот ја напушта само битката, не и војната, затоа што следува следната етапа:

Формирање сојузи

Тука веќе војната почнува да ги засега и другите луѓе, а не само завојуваните страни. Имено, сите заеднички пријатели кои некогашниот пар ги стекнал за време на својата врска, мора да одлучат кон која страна ќе се придружат. Да се дружат и со двајцата? Не доаѓа предвид! Мора да одберат кого повеќе поддржуваат и со кого повеќе им годи да го поминуваат времето. Која страна и да се одбере, предуслов е да се стане смртен непријател на противникот како и да се стане дел од самата војна. Тоа вклучува учество во индиректниот напад и тотален игнор на сите кои се придружиле на спротивната страна. Ако некој сојузник случајно биде откриен дека стапил во каков било контакт со сојузниците на непријателот или не дај Боже со самиот непријател, тој во истиот момент ќе биде прогласен за кодош, предавник, Јуда и ќе биде исфрлен од сојузот.

Освојување територии

Откако сојузите се веќе формирани следува освојувањето територии. Тоа се местата во градот кои некогаш биле заеднички, припаѓале на некогашниот пар, биле нивна одлика, нивно убаво сеќавање… Е сега дојде времето кога треба да се изврши поделба на тие територии. Вообичаено, по дифолт, местото му припаѓа на оној кој го предложил. Противникот не смее да стапне таму освен ако не сака да предизвика уште еден напад. Ако случајно дојде до таков напад тој би бил кулминацијата на целата војна. Тоа е така затоа што овој напад вклучува и други луѓе кои најчесто се користат за да предизвикаат љубомора. На овој напад може да му се стави крај на два начина: Со предизвикување сцена или со мирно повлекување од битката.

Раскинување ли е војна ли е?

Надворешни влијанија

Надворешните влијанија можат да бидат позитивни и негативни и нив ги сочинуваат мајките, татковците, сестрите, браќата, бабите, дедовците, роднините и најблиските пријатели. Секогаш има такви кои сметаат дека оваа војна е само привремена и дека противниците ќе се смират и пак сè ќе се врати како што си било порано. Нивниот однос со сегашниот непријател бил одличен и тие не можат да замислат подобар сопатник за своето чедо (или барем се плашат дека нивното чедо не е способно да најде подобар сопатник). Некогаш се во право, некогаш се во заблуда, но како и да е тие се оние позитивни влијанија. А има и такви кои сегашниот непријател отсекогаш го сметале за непријател и со нетрпение го чекале денот кога оваа војна ќе започне. Тоа се оние кои сметаат дека непријателот никогаш не бил доволно добар за своето чедо и тие се така наречените негативни влијанија. Понекогаш овие влијанија успеваат да постигнат некаков ефект и да придонесат за развојот на војната или пак да ја прекинат, сè зависи од степенот на тврдоглавоста на завојуваните страни.

Крај на војната, потпишување на мировен договор

Откако завојуваните страни ќе ги истрошат сите свои ресурси и ќе бидат истоштени од долготрајната емоционална или (скраја да е!) физичка болка, настапува крајот на војната. Крајот е инициран од страна на порационалниот во некогашната врска или пак од некоја трета личност која најмногу го изела од оваа војна, па и на неа ѝ е дојдено преку глава и сака само сè да се заврши. Тогаш завојуваните страни се договараат мирно да разговараат и да ги решат сите работи кои останале недовршени помеѓу нив, да си кажат сè што им лежи на душичката и да се ослободат од товарот кој им тежи во градите. После овој разговор или ќе се смират, или ќе решат да останат пријатели, или од утре нема да се познаваат, трето нема. Четврто де.

Жртви и материјални штети

Најголеми жртви се оние кои биле принудени да избираат страна и со тоа изгубиле пријател, како и оние кои биле принудени по цели денови да слушаат за противникот и да развиваат стратегии и хипотези од типот на „што би било кад би било“. Материјалните штети вклучуваат: Уништување на сите заеднички слики, рамки, фрлање на ланчиња, приврзоци од тераса, кршење на предмети добиени како подарок, раскинување на плишани мечиња, лупање телефони од ѕид, кршење на монитор со тупаница и сл.

Без разлика на тоа дали војната ќе заврши со среќен или тажен крај, неминовно е зад себе да остави безброј исплакани солзи, уништени предмети, повредени личности, повредено его и многу ретко се случува да не остави последици во иднината и во понатамошниот развој на историјата на две сосема обични човечки битија.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Писателот во нејзината глава вели: Дај ми англиска книжевност. Дај ми урбан апсурд и егзистенцијализам. Дај ми мистерии за човечката психа. Дај ми театар и џез како терапија.

Поврзани содржини

Остави коментар