Поезија: Војник

Автор: Илина Ѓорѓиевска

Поезија: ВојникСе сеќаваш ли, на песната
од мојата музичка кутија?
Секоја ноќ, ја отворав…
и срцево почнуваше да крвари.
А се сеќаваш ли како игравме?
Ти ми ставаше цвет во косата.
Се припивав до тебе и игравме,
се нишавме полека, галежно,
таговно следејќи ја музиката.
Ти ми ја стегаше нежно раката
и ме љубеше на усни огнено
и ми ветуваше: ќе заврши.
Ќе помине, ќе дојдам пак!
Пак ќе ја слушаме песната,
ќе ти ставам цвет во косата,
ќе играме цела ноќ
и повторно ќе ти ги љубам усните.
Се сеќаваш ли, како ти заспивав на гради?
Сигурна, задоволна и вљубена..
Се сеќаваш ли, се сеќаваш ли?!
Јас се сеќавам на сè,
на ноќите прекрасни и погледите безгласни,
мирисот на цветот и топлината на здивот.
Ќе дојдам пак, ми рече ти.
Ќе помине, ќе заврши, ми вети.
Заврши… и помина.
Но мојата музичка кутија остана затворена.
Мојата коса остана без подарениот цвет.
Моиве раце празни и напуштени.
А усните, суви и студени.
Рече: ќе дојдам пак!
Не дојде.
Замина, со песната и цветот,
прегратката и бакнежот…
и со моето срце.

За авторот
Читај на раат!

Поврзани содржини

Остави коментар