Поезија: Неминлив дел од животот или?

Автор: Душица Динова

Поезија: Неминлив дел од животот или?

Да ја заклучам ли душава со клучот на замрзнатите чувства,
да го исушам ли срцево-море, па да не може ТОЈ да го разбранува немирот?
Врз последниот жар да истурам млаз студена вода,
та да не може ни најмало ветре со емоции да разгори некоја искра?
Да го закопам некаде во градиве, длабоко под себе,
или да го оставам да живее?
Да го оставам да бие?
Проклет спомен на тебе.
Пече. Боли.
Сонувам или јаве е?
Го слушам твојот мил шепот или студениот ветар си поигрува со мене?
Недостигаш…
Што остана? Само солзи и сеќавања.
А утре? Истите талкања низ моите урнати светови.
Барам прошка за мирен почин на твоето рамо.
Барам да ми се врати сјајот во очиве и спокојот во душава.
Ќе земам длабоко здив, да не ми го одземеш кога ќе блеснеш под месечевата светлина.
Ќе соберам сила, да не ме соборат солзите на коленици кога ќе застанеш пред мене.
Ќе ги проголтам овие црни денови.
Ќе ја соборам суровата препрека пред мојата иднина, како што мене ме собори минатото.
Тоа е животот. Суров или не, доделен ни е.
Тоа е како клавир. Црно, бело, црно, бело и тогаш паѓа капакот.

За авторот
Читај на раат!

Поврзани содржини

Остави коментар