Поезија: Парче чоколаден сон

Автор: Пеперутка

Парче чоколаден сонПарче сон ти подарувам.
Парче од мојот сон,
како парче чоколадна торта.
Не ти се верува?
Се радуваш и се сомневаш.
Премногу шлаг?
Таква сум.
Морам да ја доукрасам суштината
да не ја разголам премногу вистината.
Внимавај!
Да не се презаситиш од површината.
Вкусна е. Знам.
Но, следува содржината.
Ред тесто:
Сами меѓу многуте.
Прелив од блескави погледи,
тајни состојки.
Не се забележуваат
но имаат скокотливо нежен вкус,
се чувствуваат.
Ред фил:
Многу расфрлани зборови
чиниш случајно изгубени
бадеми и лешници.
Кремот се топи сам,
а нив треба добро да ги изџвакаш.
Да ја сфатиш смислата,
да ја доиграш играта,
да ја вкусиш суштината.
Ред тесто:
Шербетно слатки насмевки.
Ја чувствуваш блажината?
Допира до секоја клетка.
Наежува.
И пак ти се развлекува насмевка.
Задоволен?
Но, чекај, има уште…
Најубавиот ред фил:
Сите состојки соединети,
магични преливи разлеани,
страсни бакнежи растреперени.
Кулминација.
Го проголта последното залче од чоколадното парче.
Разбуди се!
Почна да го сонуваш мојот сон.
А јас сакам сонот да ми се оствари. На здравје!

За авторот
Читај на раат!

Поврзани содржини

  1. katerina Reply

    овој сон беше најсладок……….

Остави коментар