Ода за Господин Совршен и неговата црна мечка

Одлучно кликам „Close“ и ми се чини дека ако изгледам уште една романтична комедија каде просто сè е толку совршено има да врескам. Не за нешто друго туку јас си го сакам животот со сите убавини, но и несовршености. А како капак на сè не се само филмовите туку и книгите. Ми се чини како најдобрите пријатели полека да почнуваат да ме разочаруваат. Зборувам дури и за книги чии автори некогаш ме воодушевувале.

Ода за Господин Совршен и неговата црна мечка

Бајроновиот херој просто го има речиси во секое парче од модерната литература а да не зборувам за филмовите. Тој е висок, згоден, неопходен, така совршен и прекрасен, и секако, со полни џебови. Толку сексапилен што на жените им се тресат колената пред него, а по можност крие по некоја мрачна тајна за да биде поинтересен, и е вистински „бед бој“. Ја здогледува неа и се вљубува, и само неа ја сака. Таа може да го врти околу малото прсте, сè прави за неа, таа го сменува и веќе не е женкар. Нема очи за другите жени.

Оф.

Досега барем девојката беше не-толку-совршена. Знаете, трапава, изгубена, „филмски несовршена“. Сега и нејзиниот карактер го градат како да е цвеќе за мирисање. И тоа ме нервира. Ајде јас можам да разберам дека тоа е така само во романите. Мајка ми отсекогаш ми велела, не плаши се од страшните филмови, тие се само куп измислици за некој да си го наполни џебот. Јас велам, не верувајте во романтичните комедии, тие се само куп измислици за некој да си го наполни џебот. Што се случи со книгите и филмовите каде дечкото ја воодушевуваше девојката на точак со ружа скината од двор, ја носеше на сладолед па играа и танцуваа до зори?

Сега почнувам добро да се преиспитувам пред да одберам која книга ќе ѝ ја предложам на мојата помала сестра или братучетка. Нејќам да се стремат кон „ловење“ на лошо момче кое ќе биде „добар само спрема нив“, кој ќе им свирнува од својата црна „мечка“, ќе ги чека со букет цвеќе секоја вечер, и ќе ги изнесува во луксузен ресторан. Во реалноста, таквите се обично ловци на спонзоруши, а феноменот „лошо момче“ е чиста измислица. Всушност вистинскиот назив е „невоспитано магаре“.

Кога ќе излезам на кафе и ги гледам средношколците кои палат цигара по цигара мислејќи дека така се поголеми фаци (притоа несвесни дека им мафта стентот за срце негде од далеку и им вели ‘се гледаме за дваесетина години’), сфаќам колку погрешна претстава имаат девојките за „господин господин совршен“ кој треба да наликува на лош дечко. Додека „материјалот“ за сериозна врска и брак, мирно чека да дојде неговото време.

Дечкото треба да ве сака, цени, вреднува, почитува. Да ве забавува, засмејува, да биде искрен со вас. Па дури и тоа да биде во обична кола, точак, со една ружа и во сендвичара. Оти ако на 20 години тој вози некое џипиште (без разлика колку пари имаат неговите), тоа не е негово, и тој никогаш нема да знае вистински да ги вреднува работите.

Извинете ако не се согласуваме, ама многу порадо би живеела во реалноста и би уживала со некој несовршен исто како мене.

Ели

 


Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.

За авторот
Слободното време го минува со голема шолја кафе и со добра книга во рака или пишувајќи го она што ѝ лежи на душата. Не може да поднесе неправда и негува емпатија кон луѓето. Како перфекционист опседнат да даде сè од себе, сонува да направи промена во светот околу неа. Креативна и желна за нови предизвици, со многу нови соништа секој ден, иако понекогаш плашлива од промена. По малку романтична со голема љубов кон англиските книжевни класици.

Поврзани содржини

  1. Maya the Bee Reply

    Одлична си! Браво! :)

Остави коментар