Нештата кои ќе нè одминат

Постојано сме во исчекување на нешто големо, нешто важно, на некаков „БУМ“ во нашиот живот, што не сме свесни за малите нешта кои ќе нè одминат.

Ненаситното човечко его секогаш бара повеќе и повеќе! Кој и да ви каже дека е потполно задоволен со она што го има, ќе ве излаже. Да, постојат луѓе кои се делумно задоволни со сè она што го имаат, но сите во суштина сакаме повеќе. Гласот на алчноста (кај некого погласен, кај некого потивок), длабоко во нас вели: „Сакам уште, сакам повеќе!“ Но од друга страна, која е поентата ако сме целосно задоволни со она што го имаме и не бараме ништо повеќе? Како во нас би горела амбиција за понатамошни успеси ако се задоволиме со сегашната положба?

Нештата кои ќе нè одминат

Веројатно одговорот би бил да пронајдеме баланс. На одредено ниво да бидеме задоволни со она што го имаме, зашто во спротивно по улица би шетале само „мрчала“ кои шират негативна енергија. Но исто така, да имаме желба за повеќе. Кога тој баланс во човештвото целосно би се изгубил, нас би нè задушила амбицијата. Би настанал еден огромен хаос, натпревар за успех, за покажување и истакнување. Луѓето би се „јаделе“ меѓусебе. Сигурно познавате болно амбициозни, искомплексирани личности, саботери, чие его се храни со туѓиот неуспех. Епа тие луѓе ги пропуштаат главните нешта во животот, нив ги одминуваат малите работи кои носат среќа.

Животот ни се претвора во трка за успех. Постојано брзаме да стигнеме негде на време, да задоволиме некакви критериуми, да ги исполниме нашите амбиции. Така забораваме да им кажеме на луѓето дека ги сакаме, да одвоиме време за најдобриот другар, за најблиската пријателка, да го побараме стариот дедо кој мисли на своите внуци.

Тие работи се вистинска магија, чудо е колку се обични, а истовремено посебни. Тоа е вашето омилено кафе кое ќе го испиете на терасата од вашиот дом, тоа е погледот на вашата мајка полн со гордост, тоа е мирисот на свежиот пролетен ветар, новиот цвет во градината, насмевките на луѓето по улица, слаткото лице на девојчето кое купува мастики… Но не, ние сме зафатени ловејќи „големи риби“.

Зошто поради ситните делови кои фалат во сложувалката пропуштаме да се израдуваме на составниот дел? Во потрага по големиот огномет ги пропуштаме малите искри. Како би му се радувале на огнометот ако сте сами, ако ви е скршено срцето, ако патем сте изгазиле илјадници личности? Огнометот без малите искри е лажна среќа.

Можеби не знаеме доволно да го вреднуваме животот, да им се радуваме на малите нешта, да им обрнеме внимание на ситниците. Понекогаш забораваме да се смееме без причина, да запреме и за момент едноставно, да му се израдуваме на животот. Дали дозволуваме навидум незначајните работи, кои во суштина се многу битни, да нè одминат? Со ова брзо темпо на живот и болните амбиции за успех, дали упорно се придвижуваме кон нешто погрешно? И пак ќе прашам, дали пропуштаме многу работи чекајќи го големото „БУМ“?

 


Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.

За авторот
Слободното време го минува со голема шолја кафе и со добра книга во рака или пишувајќи го она што ѝ лежи на душата. Не може да поднесе неправда и негува емпатија кон луѓето. Како перфекционист опседнат да даде сè од себе, сонува да направи промена во светот околу неа. Креативна и желна за нови предизвици, со многу нови соништа секој ден, иако понекогаш плашлива од промена. По малку романтична со голема љубов кон англиските книжевни класици.

Поврзани содржини

  1. Marka Reply

    Ubavini….. :)

Остави коментар