Неправдите во светот се должат на смелоста на глупавите и несигурноста на паметните луѓе

„Тивките луѓе имаат најгласни умови.“ – Стивен Хокинг

Неоткриените таленти и генијалци се насекаде околу нас. Дали имате пријателка со ангелски глас која одлично пее, но никогаш не се осмелила да го покаже својот талент во јавност? Од друга страна, постојано гледате како „пејачи“ без ронка музикалност снимаат видео спотови и храбро настапуваат пред илјадници луѓе. Дали познавате дечко кој сите мисли знае да ги преточи во зборови и пишува извонредна поезија што никој ја нема прочитано? А сепак, секојдневно гледате како неписмени луѓе објавуваат по неколку книги годишно. Нивната поезија се состои од „Ако не е само твоја, брат, не е твоја“ и тоа го читаат илјадници луѓе, па дури и му се восхитуваат, а ливчињата на вашиот пријател кои се полеани со вистинска емоција стојат затрупани во некоја фиока.

Неправдите во светот се должат на смелоста на глупавите и несигурноста на паметните луѓе

Овие примери не завршуваат тука. Луѓе кои газеле преку лешови за да добијат улога во театар стануваат познати глумци, „режисери“ без идеја, но со многу кеш, режираат претстави и филмови, поединци кои крадат туѓи визии, но имаат „врски“ основаат свои бизниси, лажливци кои ги интересира само материјалното богатство стануваат лидери и владетели на држави, додека индивидуите кои навистина се грижат за општото добро никогаш не се осмелуваат гласно да ги кажат своите мислења и решенија.

Постојано гледаме како погрешни луѓе зафаќаат важни места во светот и донесуваат одлуки што влијаат на целото човештвото. Тоа нѐ тера да си помислиме дека нема правда на светов и дека понекогаш луѓето не го добиваат тоа што го заслужуваат. Па, на што се должи сето тоа? Зошто глупавите луѓе успеваат во животот, а голем дел од талентите и генијалците остануваат неоткриени?

Можеби ќе помислите дека многу од паметните луѓе се мрзеливи и немаат волја да ги следат своите соништа, додека тие што не се толку интелигентни, сонуваат на големо и работат напорно. Во некои случаи тоа е точно, бидејќи сепак интелектот нема да може да го исполни својот потенцијал доколку не се негува и развива преку вложениот труд и работата. Но, понекогаш станува збор за нешто сосема друго.

Што мислите, која е разликата помеѓу паметните и глупавите луѓе? Под „глупави“ не се мисли на луѓе со понизок коефициент на интелигенција, туку на поединци кои се површни, лицемерни, полни со предрасуди и кои негуваат погрешни морални вредности. Тоа се луѓето кои секогаш го одбираат полесниот пат и се обидуваат да ги искористат другите за да ги постигнат своите цели. И покрај недостатокот на талент, писменост и интелект тие успеваат да фасцинираат голема толпа на луѓе. Паметните луѓе, од друга страна, пак, се слободоумни, добродушни и талентирани, но сепак им недостига клучната особина од која зависи нивниот успех.

Неправдите во светот се должат на смелоста на глупавите и несигурноста на паметните луѓе

Главната разлика помеѓу овие два типа луѓе лежи во начинот на размислување. „Глупавите“ луѓе не размислуваат премногу за последиците од нивните постапки. Тие знаат која е нивната цел и се обидуваат да го најдат најлесниот можен начин за да ја постигнат. Нивниот начин на размислување е едноставен и лишен од претерани грижи. Тие не се плашат од неуспех и не се грижат многу за реакциите на другите луѓе. Подготвени се да преземаат ризици и големи чекори, без оглед на цената што ќе треба да ја платат. Кога ќе им дојде некаква идеја, не остануваат заглавени во своите мисли, туку веднаш дејствуваат. Не ја обмислуваат доволно добро, па затоа резултатите се површни. Нешто ќе им успее, нешто не, но тоа не им ја намалува самодовербата. Тие никогаш не се сомневаат во своите способности, па оттаму произлегува и нивната храброст.

„Вистинскиот проблем не е во тоа што многу скромни, благородни и надежни луѓе страдаат, туку во тоа што некои воопшто не страдаат.“ – К. С. Луис

Таквиот начин на живот им носи успех, бидејќи повеќето луѓе сакаат едноставни работи за кои нема потреба да го вклучуваат мозокот. Тоа им го одвлекува вниманието од сериозните проблеми што ги имаат и го одложува нивното решавање. Токму затоа, многумина читаат бестселери наместо класици, гледаат комедии со лош хумор наместо трагедии, слушаат турбофолк наместо џез и се восхитуваат на едноставни мислења и реченици, бидејќи тие не им го заморуваат умот, туку им служат како бегство од реалноста. Покомплицираните идеи бараат од нив да анализираат, прашуваат и да се соочат со своите демони и стравови.

Паметните луѓе имаат сосема поинаков начин на размислување. Кога тие ќе добијат некаква идеја, не избрзуваат со нејзината реализација, бидејќи секогаш мислат на последиците. Тие ја разгледуваат ситуацијата од секој можен агол и се обидуваат да го најдат најдоброто решение, а не првото што ќе им дојде на памет. Откако ќе дознаат како да ја остварат својата замисла, дури тогаш започнуваат вистинските проблеми. Тие се грижат за тоа како ќе реагираат луѓето, дали ќе сметаат дека идејата е добра, дали нејзината реализација ќе биде успешна и дали ќе ги постигнат посакуваните резултати. Овој процес трае со денови, месеци, па дури и години. Паметните луѓе никогаш нема да се осмелат да ги претстават своите визии во јавност, доколку имаат макар и ронка сомнеж за нив. Токму затоа, тие многу ретко ја собираат потребната храброст за да преземат големи ризици.

Нивниот најголем страв е неуспехот. Многу тешко ги прифаќаат поразите кои ги обесхрабруваат и ја намалуваат нивната самодоверба. Тие се толку многу свесни за своите недостатоци што наместо да ги прифатат и да научат нешто од нив, им дозволуваат да ги попречат во остварувањето на нивните соништа. Извонредните писатели не се осмелуваат да објават ниту статус на Фејсбук, а не па книга, бидејќи се плашат од реакциите што ќе ги предизвикаат. Талентираните музичари пејат и свират само во парк пред друштво, бидејќи секогаш мислат дека нивните дела не се доволно добри и дека можат да станат уште подобри.

Неправдите во светот се должат на смелоста на глупавите и несигурноста на паметните луѓе

Тоа е главниот проблем кај паметните луѓе. Тие не се задоволуваат со површни и просечни работи. Кај нив важи правилото „Сѐ или ништо“. Тие веруваат дека секогаш можат подобро и нема да се осмелат да преземат што било, додека не се уверат дека нивното дело е најдобро. Но, она што мора да го сфатат сите таленти и генијалци на светот е дека не постојат совршени идеи, замисли и визии, а уште помалку совршени реализации. Нема ништо лошо во тоа да се биде претпазлив, меѓутоа за да се сонува на големо, мора и да се ризикува на големо.

Паметните луѓе треба да ги сфаќаат неуспесите како можности за учење и напредок, а не како крај на светот. Во ред е да пробаат дури и да не се сигурни во генијалноста на својата идеја. Не мора сите дела да бидат ремек-дела. Сѐ додека не станат свесни за грешката што ја прават, ќе продолжат и понатаму да живеат во туѓа сенка, уверени дека не постои правда на овој свет. Погрешни луѓе и понатаму ќе заземаат значајни позиции и ќе владеат со човештвото, а големите маси нема да знаат да препознаат квалитет, бидејќи никогаш немале можност да сретнат такво нешто.

Паметните луѓе мора да соберат храброст и да излезат од својата глувчешка дупка. Човештвото не смее да биде лишено од нивната генијалност само поради нивната несигурност во себе. Тоа си го должат не само себеси, туку и на целиот свет. Секоја чест за интелигентните индивидуи кои покрај тоа што се талентирани, истовремено се и многу храбри. Сигурно ја стекнале потребната храброст по потешкиот пат, но најважно е тоа што стигнале таму каде што треба да бидат. Иако тие се многу ретки, треба да ни послужат како пример и инспирација за да се осмелиме и да ги оствариме и нашите соништа. Не плашете се од вашата генијалност – дозволете ѝ да процвета!

За авторот
Писателот во нејзината глава вели: Дај ми англиска книжевност. Дај ми урбан апсурд и егзистенцијализам. Дај ми мистерии за човечката психа. Дај ми театар и џез како терапија.

Поврзани содржини

Остави коментар