Љ… како љубомора

Точно, и љубов и љубомора започнуваат на „љ“. Ама тоа не значи дека треба да се мешаат во иста каша. Во денешно време е лесно да се биде мудрец по социјалните мрежи, па неодамна прочитав дека за да љубомориш требало да љубиш (со три извичници на крај). Каква мисла. Која длабочина. Со таа реченица тој мудрец стигнал до самата срж на сè што се вика љубов.

Љ... како љубомора

Паметам дека уште бевме средношколки кога на другарка ми ѝ се јави збудалено жениште кое пискаше од другата страна на слушалката прашувајќи ја зошто го бара нејзиниот маж. Се смеевме како будали цел час. Дури мислам дека ја зезавме и ѝ титкавме. Абер немавме ни која е таа, а ниту пак кој е нејзиниот маж. Тоа што го згрешила бројот нам баш ни го разубави денот. Тогаш си го сфатив како добра смешка. Го раскажувавме со денови. Ама денес кога ќе се сетам, жал ми е за неа. Се прашувам, дали уште е со својот сопруг и што тој сторил за да ја направи толку љубоморна? Што е тоа што ги тера луѓето така да се однесуваат? Недоверба, несигурност, во другата личност или во самиот себе?

Некој некогаш (ни знам кој ниту кога, ама многу бил во право), рекол дека љубовта е како песок кој ти стои на дланка. Ако ја стегнеш дланката ќе ти се излизга низ прсти, а ако слободно ја отвориш ќе остане мирна. Едно е сигурно, ако со својата опсесивно-компулсивна љубомора ги загушите оние кои ви значат, гарант ќе ги изгубите и тоа за брзо. Се прашувам, љубомората е доказ за вистинска љубов или доказ дека си шизнал со паметот и дека не си заљубен туку опседнат?

Љубомората е карактеристика на слабите личности со недоволно самодоверба. Да се плашиш да не изгубиш некој, да се грижиш за таа личност, не е исто со љубоморното однесување кое само по себе подразбира држење за врат и кое може да се дијагностицира како патолошка љубомора.

Размена на пасворди, будно следење на профили, чепкање по телефони… Зошто би ѝ го направиле тоа на личноста која ја сакате? Или уште полошо, која е поентата ако и двајцата сте ок со тоа, и мислите дека тоа е политика на здрав разум?

По форуми често ќе сретнете теми како „Дечко ми е премногу љубоморен, што да правам???“. Јас велам, остави го. Ако ти кажува да се облечеш поинаку и да го покриеш телото повеќе, ако бара од тебе извештај 24/7, или не дај Боже одлучи да те следи додека си излезена со другарки, значи дека дечкото си има проблем. Мој совет, прашај го да не сака да шеташ по улица прекриена со чаршаф и дали е љубоморен што попот на крштевањето те држел гола в раце. Ако не ја сфати иронијата, удри му ги клоците уште побрзо. Добро, како ја замислувате иднината во таква врска?

Да скратиме. Љубомората се вбројува во лоши и негативни карактеристики. И точка. Нема потреба од дообјаснување. Ако покажувате љубомора, покажувате колку сте несигурни во себе. Не сум разбрала, а и никогаш нема да го разберам крајно љубоморното однесување на одредени личности. На пример, правиш муабет со колега, а женска му од другата страна те гледа како орел. Се прашуваш во кој момент ќе ти скокне за да ти ја искуби косата. И ајде сега барај ти здрав разум.

Ако сакате здрава и хармонична врска, ве советувам да заборавите на љубомората. Да, некогаш ќе се почувствувате несигурно, некогаш ќе почувствувате страв да не ја изгубите личноста која ви значи, и сè тоа е ок бидејќи сме смртници и оправдано ни е да чувствуваме страв. Ама тоа е многу различно од опсесивна љубомора.

И нешто друго ме интересира, дали постојаното висење по телефони, следење на профили по социјални мрежи, забрана за комуникација со личности од спротивен пол и „проверка“ на инбокс во телефони, навистина ќе ви влее сигурност дека личноста никогаш нема да ве изневери? Дали секогаш ќе бидете толку сигурни? До кога мислите да продолжите со следење на секој чекор, цел живот би го правеле ли тоа? И ако во врската чувствувате потреба да го правите тоа, дали некогаш ќе бидете способни да воспоставите хармоничен однос?

Љубовта се гради на доверба, не на љубомора. Ако љубомората беше добра, ќе се опеваше во песните и за неа ќе се раскажуваше во приказните.

Љубете ама не љубоморете.

Ели

 


Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.

За авторот
Слободното време го минува со голема шолја кафе и со добра книга во рака или пишувајќи го она што ѝ лежи на душата. Не може да поднесе неправда и негува емпатија кон луѓето. Како перфекционист опседнат да даде сè од себе, сонува да направи промена во светот околу неа. Креативна и желна за нови предизвици, со многу нови соништа секој ден, иако понекогаш плашлива од промена. По малку романтична со голема љубов кон англиските книжевни класици.

Поврзани содржини

Остави коментар