Крал под нејзина контрола?

Крал под нејзина контрола

Продолжуваме со музичките референции, овој пат со нешто поново: Years and Years со нивната песна „King“. Ако сте ја чуле, знаете дека текстот пее за крал, односно маж којшто во принцип е моќен, влијателен и има свој став, сè додека не се појави неговата понежна половина. Е тогаш работите се менуваат. Тој сè уште се смета за крал, но полека станува свесен дека контролата не е повеќе во негови раце. Не за џабе се вели: „Мажот е главата на семејството, но жената е вратот“. Таа е таа која има способност да ја врти главата како сака и без која главата не би стоела гордо исправена. Сигурно познавате безброј вакви примери, но ова воопшто не е појава на модерното време. И покрај тоа што во минатото жените немале никакви права и нивниот глас се сметал за безначаен, сепак нивната лукава и пресметлива природа наоѓала начин да го наметне своето влијание, барем врз постапките на нивниот маж.

Крал под нејзина контрола

Дури и големиот Шекспир зборувал за ова во своите драми! Најдобар пример е неговата трагедија „Макбет“. Иако напишана векови наназад, оваа драма совршено ја илустрира моќта на женските зборови и одлично може да се вклопи и во денешен контекст. Мал вовед за оние кои не се запознаени со содржината: Макбет е еден од најсилните, најверните и најблагородните војсководци на кралот. Трите вештерки предвидуваат дека тој еден ден ќе стане крал. По ова сознание тој станува опседнат со оваа помисла и решава што побрзо да стигне до посакуваната цел. Е, сè супер, ама се јавува еден проблем. На Макбет му треба некој да го подбутне и да го окуражи да премине од зборови во дела, затоа што цело време нешто се пишмани. А кој може подобро да го направи тоа, ако не неговата Лејди Макбет? (Жената секогаш крива за сè!). Имено, во моментот кога тој се наоѓа пред својата најголема животна дилема, Лејди Макбет се служи со неверојатни женски техники на убедување кои верувале или не функционираат и ден денес.
Да погледнеме кои се тие:

„Не ме сакаш!“

Жени, велите така признајте! Секогаш кога жената сака да го убеди мажот да направи нешто, оди на најподмолната можна варијанта: Набивање грижа на совест. Таа е несакана, отфрлена и запоставена жртва на која ѝ треба љубов! И некако магично, во тој момент како доказ за љубовта на мажот спрема неа ќе послужи неговата согласност да ги исполни сите нејзини каприци. Не сакате да одите на глупавата изложба со неа? Не ја сакате! Не сакате да го фрлите ѓубрето? Не ја сакате! А ако еднаш „паднете“ на овие зборови чија намера е да допрат до вашите емоции, нема враќање назад! Нема да имате друг избор освен да се покорите (иако сте крал).

„Се плашиш!“

Добро познатата обратна психологија. Ова е малку посуптилен начин на убедување бидејќи не е толку нападен како претходниот и е малку така како на повисоко ниво. Тука жената воопшто не се обидува да глуми жртва, но глуми дека се помирила со одлуката на мажот која е против нејзина волја. Во оваа ситуација жената е најсмирена на целиот свет, има индиферентен израз на лицето и со тивок тон на гласот вели: „Во ред е, знаев дека нема да го направиш тоа. Нормално е да се плашиш, не мораш да направиш ништо, сè е во ред.“ Не. Ништо не е во ред. Тогаш вие почнувате да се чувствувате како да сте ја разочарале бидејќи не сте ги исполниле нејзините очекувања. А тоа не му доликува на еден влијателен крал! Егото ви проработува и се заинатувате дека ќе направите сè што е потребно за да ја докажете вашата сила и бестрашност! Браво за вас!

„Да бев маж, јас ќе го направев тоа!“

Ова важи за поагресивните жени кои сакаат да доминираат, но сепак живеат според некои општоприфатени норми и ги негуваат традиционалните одлики што им се придаваат на жените (или ги користат како изговор да не направат нешто затоа што се жени и не би било соодветно). Со овие зборови тие го чепкаат машкото его и ја доведуваат до прашање машкоста на кралот. А тоа не доаѓа предвид! Во овој момент кралот си помислува: „Зар една обична жена да биде похрабра и посилна од непобедливиот маж?!“ Не му текнува дека станува збор за вториот кондиционал, што автоматски ја прави реченицата една обична хипотеза која воопшто не е остварлива во реалноста.

„Рече дека ќе го направиш тоа!“

Е тука мажите веќе сами си се криви. Ако навистина сте ветиле дека ќе направите нешто или барем сте спомнале , верувајте дека жената никогаш нема да го заборави тоа. Ќе го запечати во оној предел од мозокот наречен „памти за секој случај“ и ќе го извлече токму во оној момент кога најмалку сте очекувале. Неверојатно е тоа како жените не можат да се сетат како да сменат гума, но кога станува збор за паметење на најмалите ситници им нема рамен! Тие знаат точно кога сте го кажале тоа, кои зборови сте ги употребиле и која била интонацијата. Секој добар крал треба да си стои на зборот, така што од ова нема спас. Памет за друг пат.

Ова се само некои од многуте техники на убедување кои ги користат жените, а се немаат сменето веќе стотици години. Зошто би се менувало нешто што функционира совршено добро? Женската моќ на убедување е толку голема што поради неа кралот е во заблуда дека владее. Кралот можеби е тој што владее со земјата, но кралицата е таа што владее со кралот.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Писателот во нејзината глава вели: Дај ми англиска книжевност. Дај ми урбан апсурд и егзистенцијализам. Дај ми мистерии за човечката психа. Дај ми театар и џез како терапија.

Поврзани содржини

Остави коментар