Коренот на врсничкото насилство: Лошото однесување на училишните насилници е прикриен повик за помош

Основно училиште. Едно од момчињата во 6-то одделение секогаш седи само. Никој не сака да се дружи со него затоа што изгледа и се однесува малку „поинаку“. Другите момчиња редовно го малтретираат и тепаат на големите и малите одмори, девојчињата се смеат. Наставниците знаат што се случува, но насилниците секогаш поминуваат само со предупредување и блага казна. Насилството продолжува. Денес, тоа момче има 23 години. Има завршено факултет, но се чувствува многу несигурно во себе. Има проблем со стекнувањето пријатели, бидејќи не знае како да се зближи со луѓето. Се чувствува осамено. Постојано се прашува зошто е таков каков што е. Не се сака себеси. Себеси си ја префрлува вината за тоа што бил малтретиран на училиште. Сака само да знае зошто? Каде згрешил?

Коренот на врсничкото насилство: Лошото однесување на училишните насилници е прикриен повик за помош

Средно училиште. Едно девојче штотуку се запишало во прва година. Веднаш се забележува дека се издвојува од останатите. Постојано се облекува во црно, има необична фризура, уникатен стил и слуша „чудна“ музика. Соучениците препознале лесна мета во нејзиното интровертно однесување. Постојано ја измачуваат психички и емоционално за да си го исполнат времето помеѓу часовите. Малтретирањето од реалниот живот еволуира и се префрлува во виртуелниот свет на социјалните мрежи. Постојано кружат нејзини фотографии со навредливи натписи чија цел е да ја исмеат и понижат нејзината уникатност. Девојчето ги гледа фотографиите. Ги гледа и целиот свет на Фејсбук. Не се осмелува да каже ништо никому, бидејќи се срами и се плаши да не ја влоши ситуацијата. Уште повеќе се повлекува во себе. Секоја вечер заспива плачејќи. Неколку пати помислува на самоубиство. Нејзините родители немаат поим што се случува. Таа сака само да знае зошто? Што им згрешила на нејзините соученици?

„Зошто?“ е прашањето што сите жртви на врсничко насилство сакаат да им го постават на насилниците. Зошто ги одбрале токму нив? Дали ги изнервирале со нешто? Дали ги навредиле? Каде згрешиле? Најчесто, нема одговор на овие прашања, бидејќи и самите насилници не знаат зошто малтретираат одредени соученици. Врсничкото насилство е голем проблем во училиштата во Македонија, но речиси секогаш се занемарува. Наставниците не знаат да препознаат кога се случува и ретко кога преземаат нешто. Жртвите остануваат незаштитени и сами.

Децата знаат да бидат навистина злобни. Но, под површината на нивните ужасни постапки најчесто се крие голема болка. Ниту едно дете не решило да малтретира друго дете затоа што сакало да стане насилник или да повреди некого. Во повеќето случаи, самите насилници се жртви на некакво насилство. Можеби живеат во лоши услови, каде што се сведоци на семејно насилство. Можеби нивните постари браќа или сестри ги малтретираат и исмеваат. Можеби и тие се жртви на некој маалски насилник кој постојано ги повредува, па решиле да го истурат својот гнев на послабите ученици од нивното одделение. Насилниците не се раѓаат. Само насилниците можат да создадат други насилници. Станува збор за маѓепсан круг од кој тешко се излегува. Некој посилен од вас ве удрил, но вие не сте можеле да му вратите нему, па затоа сте решиле да удрите некој послаб од вас за да се чувствувате подобро.

Коренот на врсничкото насилство: Лошото однесување на училишните насилници е прикриен повик за помош

Тоа е вистината за повеќето насилници и тоа е главниот корен на проблемот, но речиси никогаш не се стигнува до таму. Ако воопшто дојде до разрешување на некој случај на врсничко насилство, училиштата се фокусираат на самиот проблем, но не и на неговата причина. Се разговара со жртвите, се казнуваат насилниците и толку. Но, ова решение е само привремено и не гарантира дека ќе го спречи понатамошното насилство. Психичката состојба на жртвите е ставена во фокус и тоа е во ред, меѓутоа не треба да се занемари и состојбата на насилниците, бидејќи и тие најверојатно страдаат длабоко во себе. Нивното насилничко однесување е всушност прикриен повик за помош. Тие сакаат некој да им обрне внимание и да им помогне. Не знаат како да побараат помош, па затоа одбираат лоша и деструктивна тактика. За жал, нивниот повик најчесто останува нечуен.

Не постои сомнеж дека врсничкото насилство остава длабоки траги кај двете засегнати страни: И кај насилниците и кај жртвите. Жртвите никогаш не ги забораваат деновите кога биле малтретирани, а тоа остава последици на нивниот подоцнежен живот како возрасни луѓе. Повеќето насилници чувствуваат грижа на совест понатаму во животот за нивните постапки, но сметаат дека е премногу доцна за да ја поправат ситуацијата, па затоа решаваат да живеат со вината.

Искоренувањето на врсничкото насилство од училиштата е долг процес кој си бара голема посветеност од страна на наставниците, психолозите и родителите. Најпрво, многу е важно да се подигне свеста за неговата сериозност и зачестеност. Факт е дека постои насилство во сите училишта, само треба да ги отвориме очите и да станеме свесни за него. Вториот чекор би бил наставниците да научат како да ги препознаваат формите на насилство, особено кога се работи за емоционално и физичко малтретирање. Понекогаш, знаците не се толку очигледни, но секој наставник може да забележи дали некој од учениците се повлекува во себе, не сака да се дружи и не се чувствува безбедно во училишната средина. Откако ќе се утврди дека постои врсничко насилство во училницата, не треба веднаш да се прибегне кон казнување на насилниците. Најважно е да се разговара со двете страни посебно, но и заедно.

Коренот на врсничкото насилство: Лошото однесување на училишните насилници е прикриен повик за помош

Нема да биде лесно да се открие зошто насилникот се однесува на таков начин, но вреди да се вложи труд и да се истражи неговиот случај. Психолозите би требало да разговараат и со родителите за да ги согледаат сите можни страни на проблемот. Постои голема веројатност дека по некое време ќе се открие вистинската причина за насилничкото однесување и ќе може да му се помогне на детето. Многу е важно и соочувањето на жртвата со насилникот, при што обајцата ќе имаат можност отворено да разговараат, да ги откријат своите сличности и разлики, да се извинат и да простат.

Ова е многу потешко од казнувањето на насилниците со укор или бркање од училиштето. Потребна е голема ангажираност од страна на училиштето за целосно да се реши проблемот. Сѐ додека ги решаваме ваквите сериозни проблеми на површен начин, нема да можеме да им обезбедиме на децата здрава средина за учење и дружење. Нема да можеме да изградиме здрави и самоуверени личности кои ќе можат да дадат свој придонес во општеството. Градењето на една личност започнува дома и на училиште. Време е наставниците и директорите да станат свесни за моќта што ја имаат и да ја употребат на правилен начин. Време е да сфатиме дека главната цел на училиштата е да создадат способни и успешни возрасни луѓе, а не несигурни индивидуи кои целиот живот ќе се прашуваат „Зошто мене?“.

За авторот
Писателот во нејзината глава вели: Дај ми англиска книжевност. Дај ми урбан апсурд и егзистенцијализам. Дај ми мистерии за човечката психа. Дај ми театар и џез како терапија.

Поврзани содржини

Остави коментар