Грев

Автор: Искра

Грев

Разменети насмевки, дискретни допири,
невин флерт помеѓу двајца во толпата…
Две енергии, две посакувања, две страсти…
Филмот започна да се снима, а сценариото допрва ќе се пишува.

Копнеж за повеќе, потисната желба,
летно овошје среде зимска сезона.
Пред нас театар, а ние дел од филм,
главните улоги сепак не сме јас и ти.

Вкус на чоколадо, меки усни,
брзи бакнежи, несинхронизирани допири.
Големи очекувања, тешки разочарувања,
но, мислите упорно ја враќаат првата сцена.

Беше сладок грев, јас твојата искусна грешница,
сакав да бидам светица…
Сепак, наместо грижа на совест, повторно изби страст,
а другиот ден веќе ништо од нас.

Јас допирам до срце, ти по моето тело,
посегам по твојата рака, ти по моите гради,
Сепак… го заобиколивме искушението,
го потиснавме привлекувањето, го избегнавме соблекувањето…

Назад во мојот филм, ти во твојата драма,
назад во совршеноста, очи во очи со реалноста.
Нека остане сè таму каде што сè беше,
иако се прашувам што ли беше за тебе.

За авторот
Читај на раат!

Поврзани содржини

Остави коментар