Г. Совршен vs. Г. Реален

Сите имаме некаква замисла за тој некој совршен или пак, таа совршената. На листата на девојките најчесто оди: висок, развиен, богат… немам ништо против ако има кралско потекло. Пред некое време слушнав многу јака теорија (претпоставувам дека е „генијален изум“ на некој од писателите на книги за самопомош или солење памет од типот на „The Secret“): пробај на лист хартија да го нацрташ твојот совршен и ќе видиш дека ќе го запознаеш за брзо. Јас па мислев да нацртам некоја златна песочна плажа во Мексико и да ве поздравам, одам да се сончам!

Г. Совршен vs. Г. Реален

Израснавме во светот на Снежана и Пепелашка чекајќи го принцот со штиклата што совршено ни прилега и бранејќи се од женската конкуренција, што воедно отвара друга тема, но ви ветувам дека ќе ја зачнам некој нареден пат. Продолживме во светот на тинејџерството и филмовите адаптирани според новели на Николас Спаркс, за на крај како капак на сè да ни дојде „романтичниот“ серијал „Самрак“ со вампирот што светка на сончева светлина. Па во листата на многу девојки, совршениот ги доби токму карактеристиките на Едвард, (на кои патем, би им препорачала да ја прочитаат „Дракула“ на Брам Стокер, па да го запознаат „вистинскиот вампир“, а не американизираната верзија).

И така растеме и го чекаме совршениот дури не ни пукне филмот и не свикаме „Каде си бре непрокопсан еден, цел живот те чекам тебе!“ Едно интересно истражување покажало дека дури и жените кои се во брак не се откажуваат од идејата за совршениот, не престануваат да се надеваат дека ќе наиде некој подобар. Таа сонувала за лошо и бестрашно момче, за набилдан батка кој руши сè пред себе и откако видела колку е тежок за „скротување“ се одлучила за оној кој ѝ нуди смирен, семеен живот. Оној кој ќе биде добар татко но никогаш нема да ја возбуди толку, ниту пак ќе ја натера да копнее по него толку колку идеализираната илузија во нејзината глава. Мора ли така да биде? Какви се нашите очекувања? Кои ни се идеалите за совршен партнер? Дали некогаш просто бараме премногу?

Што се случува кога сонуваме за некој од типот на Хју Џекмен и го добиваме но сепак не сме задоволни? Зошто? Можеби тој едноставно не бил оној кој вистински ни бил потребен.

Врските се комплицирани и бараат работа, бараат компромиси и прифаќање на многу несовршености. Дали љубовните врски ги гледаме како обврска? Дали сонот и копнежот по совршениот или совршената е само изговор?

Можеби некогаш вреди да се запрашаме дали ние ги исполнуваме сите критериуми кои би се нашле на нечија листа?

Но ако ме прашувате мене, јас сакам луда љубов, слатко несовршена, сакам љубов исткаена во стихови, сокриена меѓу тревите под летната роса, толку жешка што ги топи сите снегови во душата. Сакам некој кој ќе му ја „изџвака“ душата на оној кој би пробал да ме повреди, кој ќе ме засркнува од смеење секој ден и ќе направи да се чувствувам безбедно и да спијам како бебе кога ќе падне ноќ. И нејќам да плачам на плитки романтични филмови, туку на раат да си се исплачам кога ја читам последната песна на Алан По за својата Анабела Ли. И не сакам мојот идеален да биде жаба, ни вампир, ни потомок на Елизабета II.

Можеби вистинската грешка ни е што не знаеме да ја потцртаме таа линија, да ја видиме разликата меѓу совршениот кој го креираме како илузија во нашите глави, и реалниот, оној кој е тука, кој би сторил сè за нас, кој вистински постои и не е производ на нашата имагинација.

Ели

 


Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.

За авторот
Слободното време го минува со голема шолја кафе и со добра книга во рака или пишувајќи го она што ѝ лежи на душата. Не може да поднесе неправда и негува емпатија кон луѓето. Како перфекционист опседнат да даде сè од себе, сонува да направи промена во светот околу неа. Креативна и желна за нови предизвици, со многу нови соништа секој ден, иако понекогаш плашлива од промена. По малку романтична со голема љубов кон англиските книжевни класици.

Поврзани содржини

  1. M Reply

    premnogu plitko i povrsno razmisluvanje

    • stefan Reply

      Se slozuvam deka e mnogu plitko razmisluvanjeto,i mislam deka si bila licno razocarana od nekoj t.n sovrsen,pa od tamu vakvo razmisluvanje

Остави коментар