Дали јас пораснав или ти се измени?

Интересно е колку мислите и ставовите ни се менуваат како што растеме и созреваме. Неверојатно е како може некој на кого сте му се восхитувале, или сте го сакале (или барем сте мислеле дека го сакате), одеднаш да го гледате од сосем поинаква перспектива. Луѓето се менуваат или ти созреваш и поинаку гледаш на нештата?

Растеш и полека си ги поврзуваш точките. Кој колку вредел, кој колку лажел, кој колку се потрудил. Полека сфаќаш дека ти си многу повеќе од тоа. Реално си ја мериш и сопствената вредност. Еднаш негде прочитав дека сегашноста е илузија. Никогаш не ја гледаме сосем јасно. Дури откако ќе помине доволно време можеш да се навратиш, и јасно, и до некаде објективно, да ги погледнеш работите.

Дали јас пораснав или ти се измени?

Грешки, кој не направил? Но треба ли да се каеме за нашите избори и постапки од минатото? Не, барем според мене. Не дека сè сум направила исправно, напротив, туку сосем сум свесна дека без лошите избори не би била она што сум денес. Колку и да се каете за вашето минато едно нешто треба да сфатите – тоа ве направило такви какви што сте денес. Многумина би зборувале лошо за оние со кои некогаш делеле сè. Но интересното прашање е, нели тогаш зборуваш лошо сам за себе? Нели покажуваш дека самиот себеси не се почитуваш? Кога и да помислиш да отвориш уста за да кажеш нешто лошо за некој од твоето минато размисли, што тој/таа некогаш ти значел/а, и најважно од сè не заборавај, тоа бил твој сопствен избор и израз на твоите чувства, емоции, расудувања.

Кога некој ќе те потпецне да зборуваш за бивш/а, или ќути или кажувај сè најдобро – во спротивно испаѓаш кретен кој не знае да го остави минатото зад себе. Кога ќе отвориш албум со слики и ќе видиш каква ти била косата некогаш или како си се облекувал/а пред 5 години, имаш право да се насмееш, но не и да се критикуваш. Буквално секој наш избор од минатото го претставува патот кој сме го минале за да станеме она што сме денес.

Муабетот ми е, треба да се каеме за нашите погрешни избори? И како воопшто да знаеме дали биле погрешни? Можеби едноставно треба да оставиш времето да покаже, а во меѓувреме да продолжиш со животот, најдобро што можеш. И кога доволно ќе пораснеш ќе сфатиш дека тоа што одредена личност го напуштила твојот живот некогаш било трагично, но вистината е дека всушност тоа е најдоброто што можело да ти се случи. Не се менуваат луѓето – ние созреваме и ги разбираме вистинските вредности во животот.

Ели


Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.

За авторот
Слободното време го минува со голема шолја кафе и со добра книга во рака или пишувајќи го она што ѝ лежи на душата. Не може да поднесе неправда и негува емпатија кон луѓето. Како перфекционист опседнат да даде сè од себе, сонува да направи промена во светот околу неа. Креативна и желна за нови предизвици, со многу нови соништа секој ден, иако понекогаш плашлива од промена. По малку романтична со голема љубов кон англиските книжевни класици.

Поврзани содржини

  1. hristina Reply

    eli prekrasni kolumni sekoja cest nekoi gi citam po 2-3 pati pozdrav.

Остави коментар