Викенд книга: „Во врска со онаа ноќ“ – Џули Џејмс

Опуштен роман кој оди совршено во комбинација со плажа, коктелче и добро расположение
Наша оценка: 8/10
Ваша оценка: 1 ѕвезда2 ѕвезди3 ѕвезди4 ѕвезди5 ѕвезди6 ѕвезди7 ѕвезди8 ѕвезди9 ѕвезди10 ѕвезди (18 гласа, просек: 9.72 од 10)
Loading...Loading...

(1) Викенд книга: „Во врска со онаа ноќ“ - Џули ЏејмсПретпоставувам дека поголем дел од вас веќе ја имаат својата листа на книги кои планираат да ги читаат ова лето, па овој пат ви нудиме нешто што оди совршено во комбинација со плажа, коктелче и добро расположение. Јас барем ја прочитав во ден и пол, додека слушав од другарките дека сум најдосаден човек за дружење на плажа, па во обид да се извадам од ситуацијата решив да им ја предадам и до крајот на продолжениот викенд сите три бевме заљубени во Кајл Роудс. Ќе се вратиме на Кајл малку подоцна, на мое и ваше задоволство :)

Има интересен момент кој решив да го споделам, а е поврзан со ова симпатично романче и со трилогијата „50 нијанси сиво“ која сакале да признаеме или не – нè опседна сите. За оние кои не сакаат ни да слушнат за неа, без гајле, книгите не се никако поврзани ниту по содржина ниту по стил на пишување… никако. Освен еден мал, интересен момент – главниот машки лик и во двете книги е неверојатно згоден, паметен и безобразно богат. Во една од претходните рецензии пишував дека додека постојат книги кои значат нешто веројатно никогаш нема да ѝ дадам предност на тралалајка како што е „50 нијанси сиво“. Добив коментар дека одбивам да ја читам бидејќи е надвор од мојата комфор зона, што нема врска, но во принцип не беше фер да критикувам нешто што го немам ни прочитано. Па измислив време и ја прочитав целата трилогија во една недела. И додека се рехабилитирав од возбудливи сцени, секси милијардери, клише фрази и напади на феминистичка треска сфатив дека новата книга која ме чека на полица – во овој случај „Во врска со онаа ноќ“, чиј главен лик е паметна и способна девојка со добра адвокатска кариера, веројатно многу подобро ќе ми легне. Па така книгата заврши во куфер, а веќе во наредната сцена јас удобно се сместувам на лежалка и го игнорирам остатокот од светот. После петнаесетина минути:

„Добро, од кога е толку лесно да се најде маж кој изгледа како Адонис да се симнал на земјата, кој е паметен и начитан и на дваесет и кусур години има неколку свои фирми и милијарди во банка?!“

Жими сè, спремна бев да ја откачам книгата и веројатно сега ќе читавте (или не) далеку поздодевна рецензија. Супер е да си фантазираме ама малку reality check нема лошо да ни дојде, нели? Прво нема врска со реалност, второ од кога една книга за да биде популарна, особено меѓу женската популација, мора да подразбира лик кој претставува „совршен“ маж и ништо помалку? Тука веќе некои флешови поврзани со иритантниот и неодолив Кристијан Греј ми ја напаѓаа психата и предвреме пресудив, пак.

Среќа, читнав на корицата дека работите не се така како што изгледаат на почетокот и дека книгата има навидум добар заплет, па ѝ дадов втора шанса. И драго ми е, затоа што иако никогаш нема да се најде на мојата листа на најдобри книги кои сум ги прочитала, сепак е кул романче кое може да ви разубави неколку саати во денот. Ако го преживеавте воведов, сега може да се сконцентрираме на содржината.

Рилан е студентка на постдипломски студии по право и доста амбициозна девојка која точно знае што сака од животот и кариерата и како тоа да го постигне. Додека со своите колеги го прославува крајот на испитната сесија во еден од најпознатите барови во кампусот, случајно се запознава со еден тип, кој освен згоден и самоуверен, е прилично арогантен и по малку ја вади од такт. Рилан решава да пристапи кон најпаметната стратегија кога станува збор за „лоши“ момци – бегање. Но, секоја добра чик-лит книга има еден спореден лик, а тоа е обично најдобрата пријателка, која е задолжена да ги замрси работите. Па така, Рилан наместо да си оди после неколку пијачки заедно со својата пријателка/цимерка, останува сама во барот и наидува на истиот тип кој е решен да ја испрати дома. Типот е Кајл Роудс – IT гениј, познат по парите, интелигенцијата и фирмата на татко му. Рилан му дава шанса и меѓу нив двајца се создава некоја хемија која ескалира во супер секси бакнеж и договорен состанок. Само што, состанокот пропаѓа во вода кога Кајл воопшто не се појавува.

После девет години, Рилан живее во друг град, има завидна карира како јавен обвинител и долга врска која завршува неславно и ја остава со скршено срце и желба за промена. Рилан барајќи можност да побегне од целата ситуација наоѓа нова работа поради која мора да се врати назад во Чикаго. Иако веќе докажана во своето поле, сепак има потреба да се истакне на новото работно место и спремна е да го добие секој случај. Она што не очекува Рилан, е на нејзиното биро да се појави папката за славниот „Твитер терорист“ – никој друг, туку Кајл Роудс. Имено, додека Рилан била зафатена со својата кариера и врска (повеќе со првото), Кајл продолжил да ја гради империјата од татко му и да си го живее својот убав, богат и возбудлив живот. Сè додека, девојка му не му го скрши срцето и не го остави преку Твитер, јавно.. и Кајл се решава да ги искористи своите IT способности и да го сруши Твитер на неколку дена. Па така завршува со судење и затворска казна од неколку месеци, а на последното судење се појавува новата адвокатка од канцеларијата која му го загорчила животот – и работите стануваат интересни.

Ќе уживате во саркастичните коментари на Рилан која е остра на јазик, во провокациите на Кајл кој секогаш знае да ја каже вистинската работа во вистинското време, а уште повеќе во хемијата која се чувствува меѓу ликовите и која се одржува сè до крајот. Како што споменав, совршена книга за релаксирање која нема да ве оптовари ниту умствено ниту емоционално, туку ќе ви овозможи добра забава и инспирација за нов имагинарен дечко или девојка.

Изданијата на Сакам Книги можете да ги набавите од сите поголеми книжарници.

За да учествувате во наградната игра треба да оставите коментар, да го твитнете постот или да го пинувате на Пинтерест, користејќи го хаштагот #СакамКнигаОдСакамКниги и вашето име и презиме (ако не може да се прочита точно од вашиот профил). Имате време до недела, 14 јуни 2015.

Добитниците ќе бидат објавени на профилите на Кафе пауза на Фејсбук, на Твитер и на Пинтерест, а наградите ќе бидат доставени по пошта.

За авторот
Од кога паметам вљубена сум во играта на зборовите и за мене нема поинтимен момент од оној кога сум сама со мислите пред празен лист хартија. Го ценам друштвото на убава книга, квалитетна музика и шолја турско кафе. Сакам стари предмети и ретро фотографии, особено оние кои со себе носат приказна. Дипломиран економист кој студиите ги преживеа благодарение на зависноста од чоколадо.

Поврзани содржини

Остави коментар