Викенд книга: „Алекс“ - Пјер Леметр

Викенд книга: „Алекс“ – Пјер Леметр

Киднапираната жртва преминува во брутален убиец па повторно преминува во жртва? Звучи како трилер кој ќе го прочитате во еден здив.
Наша оценка: 8
Ваша оценка: 1 ѕвезда2 ѕвезди3 ѕвезди4 ѕвезди5 ѕвезди6 ѕвезди7 ѕвезди8 ѕвезди9 ѕвезди10 ѕвезди (11 гласа, просек: 10,00 од 10)
Loading...

Vikend-kniga-Aleks-Pjer-Lemetr-www.kafepauza.mk

Светот е нефер место за жените. И кога почнувам рецензија со ваква реченица можам однапред да предвидам намалена читаност за онолку колку што изнесува процентот на машки читатели, но овој пат ќе ризикувам, затоа што вреди. Плус, реченицата е точна сама по себе. Но како е поврзана со „Алекс“? Кога имаш дома цела една полица исполнета со трилери во кои главната хероина е напатена жена (киднапирана, малтретирана, силувана, тепана) која и покрај бруталностите успева да се издигне, а писателот ви нуди завршеток кој можеби е утешителен до некој степен, не можете да не се запрашате дали всушност книгите кои би требало да ја величат силата на една жена не се всушност уште еден начин на стереотипизирање? Дилемата ме оттргна од овој жанр некое време, затоа што, не – не сакам уште една книга за неправдите кон жената и како жената мора да најде начин да се справи со тоа, доволно го има сето ова во реалноста.


Доделуваме 2 книги во соработка со издавачката куќа Сакам книги


Е сега, со оглед на тоа што „Алекс“ започнува со киднапирање на една триесетгодишна жена која потоа е брутално измачувана и заробена во кафез неколку метри над земја, може да се каже дека го прекршив погоре напишаното, но со добра причина. Алекс не е обична девојка. Ветување кое ме држеше до крај, додека се трудев да ги сварам сите ужасни сцени и да се надевам дека ова не е само уште една садо-мазо книга каде што жртвата на крај ќе биде оплакувана а потоа заборавена. И ветувањето беше исполнето, затоа што Алекс навистина не е обична девојка, иако со сè што се случува во светот не можам да тврдам дека е редок случај, за жал.

Додека детективот Камиљ и неговите партнери се трудат да дознаат која е девојката која што била киднапирана на сред улица, насилно претепана и пикната во бело комбе додека за целиот настан има само еден несигурен сведок и ниту еден друг доказ, Алекс преживува вистински кошмар. Сцените на нејзиното измачување се како дел од тешко сварлив хорор, но уште пострашен е фактот дека одговорот на прашањето „Зошто јас?“ е веројатно најужасниот што може да биде… „Затоа што сакам да гледам како умираш, ороспијо.“ Без дополнителни објаснувања.

Додека читателот се приврзува со Алекс и се надева дека детективите конечно ќе најдат некаков доказ кој ќе им помогне да откријат каде се наоѓа пред да биде предоцна, Пјер Леметр го вади неговиот најголем адут. Алекс не е невина девојка. Леметр итро си игра со чувствата на читателот кон неговата главна „хероина“ и токму потребата да дефинирате дали ја сакате или мразите, или нешто помеѓу, ќе ве натера да ги вртите страниците до крај. Детективите сега не се во потрага на само киднапирана жена туку се чини дека истата таа жена е опасен убиец кој ги претепува своите жртви и ги полева со сулфурна киселина. Можете да го замислите нивниот ужас кога конечно го откриваат местото каде што е киднапирана, но наоѓаат празен кафез. Жртвите на киднапираната „жртва“ се навидум неповрзани меѓусебно, случајно избрани несреќници чиј живот завршил на трагичен начин. Девојката мора да е луда, си мислите, сè додека не ја откриете линијата која ги поврзува сите ликови во една ужасна приказна.

Голем број критичари се осврнуваат на овој пресврт кога дискутираат за трилерот кој е добитник на престижната награда Dagger за интернационален трилер, во моментот во кој многумина очекуваат да заврши приказната, тој ја започнува најголемата бркотница. И тогаш сфаќате дека нема да ја оставите книгата до самиот крај.

Книгата е навистина брутална, но најголемите страдања се резервирани за самиот крај, кога следува објаснувањето за нејзините постапки и мотивите зад бруталните убиства. И тогаш ќе сфатите зошто ја започнав рецензијата така како што ја започнав. До некој степен, Леметр ме изневери затоа што колку и да е различна неговата книга повторно се вклопува во оној стереотипен жанр. Очигледно е талентиран за пишување трилери, за задржување на вниманието на читателот и дефинитивно ми се допаѓа неговиот стил, но како и останатите потфрла пред позицијата на жената во ова заканувачко општество.

И покрај приказната и мотивите зад убиствата кои ги расветлува на крај, сите ќе се согласат дека жената, нежна, ранлива и незаштитена е повторно искористена овој пат како совршен лик за еден добро структуриран трилер. Леметр само не почестува со чувството на одмазда, кое откако ќе земеме сè предвид, брзо исчезнува.

Зошто вреди да се прочита? Затоа што е феноменален трилер со совршени пресврти и е идеален за сите оние кои обожаваат книги кои брзо се читаат и се интересни до крај. Дополнително, приказната ќе ве следи долго време откако ќе ја свртите и последната страница и веројатно ќе ви ја разгори желбата за правда. А уште поважно, некои ликови во книгата си го добиваат токму она што си го заслужиле, што е сепак многу повеќе од она што можеме да го очекуваме во реалноста.

Изданијата на Сакам Книги можете да ги набавите од сите поголеми книжарници.

За да учествувате во наградната игра треба да оставите коментар, да го твитнете постот или да го пинувате на Пинтерест, користејќи го хаштагот #СакамКнигаОдСакамКниги и вашето име и презиме (ако не може да се прочита точно од вашиот профил). Имате време до недела, 12 октомври 2014.

Добитниците ќе бидат објавени на профилите на Кафе пауза на Фејсбук, на Твитер и на Пинтерест, а наградите ќе бидат доставени по пошта.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Од кога паметам вљубена сум во играта на зборовите и за мене нема поинтимен момент од оној кога сум сама со мислите пред празен лист хартија. Го ценам друштвото на убава книга, квалитетна музика и шолја турско кафе. Сакам стари предмети и ретро фотографии, особено оние кои со себе носат приказна. Дипломиран економист кој студиите ги преживеа благодарение на зависноста од чоколадо.

Поврзани содржини

Остави коментар