Книга: „Препушти се“ – Сара Десен

„Ако во еден убав приморски град оставите двајца осаменици со безброј слободни летни ноќи, навистина може сешто да се случи…“

„Препушти се“ – Сара Десен

Наслов на оригиналот: Along for the Ride – Sarah Dessen

Сара Десен е родена во 1970 година, и детството го поминува во Чепел Хил, Северна Каролина. На универзитетот во Чепел Хил дипломира со највисоки почести за креативно пишување. Таа диплома во повеќе наврати ја потврдува, пишувајќи извонредно добри новели, кои прават целосно да се внесете во светот на ликовите. Почнувате да се поситоветувате со нив, да сочувствувате со нивните загуби, да се радувате на нивните успеси.

„Препушти се“ е неверојатен роман кој раскажува една прекрасна летна романса. Сепак, може нешто навистина добро да се случи кога несоницата ќе ве натера будно да талкате по празните улици во летните ноќи. Македонски превод на книгата има и навистина е одличен.

„Отсекогаш го сакав летото. Од мојата прва книга до оваа, деветтата. Тоа секогаш беше тема и годишно време на кое му се навраќам.“

Синопсис

Оден е млада и многу паметна девојка која е навикната на непроспиените ноќи кои сè повеќе се множеле поради кавгите на нејзините родители. Обидувајќи се секогаш да најде излез во читањето и учењето, таа го исполнува сонот на своите родители, но расте како многу осамено и затворено девојче. После нивниот развод, Оден пати од несоница и уште повеќе се затвора во себе. Нејзиниот брат Холин патува низ светот, додека таа ја прифаќа улогата на зрело, мирно и послушно девојче кое не предизвикува проблеми. Летото пред да замине на факултет, таа одлучува да го посети својот татко во Колби, каде тој живее со својата нова сопруга Хајди и нивната ќерка, малечката и неодолива Тизба. Тука започнуваат авантурите на Оден и нејзиниот живот се менува од корен.

„Препушти се“ – Сара Десен

Почнува да се дружи, да излегува и создава познанства, дури учи и како да вози велосипед. Го запознава Илај кој исто така пати од несоница поради големата трагедија која ја доживеал во минатото. Така ги поминуваат летните ноќи заедно, и го започнуваат процесот „трагање“ во кој Оден треба да надомести за сите детски и тинејџерски авантури кои ги пропуштила, а истовремено му помага на Илај да го заборави трагичниот настан. Како ќе заврши летната романса на Оден и Илај? Дали луѓето можат да се променат? Дали навистина никогаш не е предоцна за искусување на работите кои сме ги пропуштиле, и дали запознавајќи ги другите можеме подобро да се запознаеме себеси?

„Можеби е точно она дека не е лесно да бидеш неверојатен. Тогаш сè би било неверојатно. Највредно е она за што мораш да се бориш и да се мачиш за да го добиеш. Ако е нешто тешко да се постигне, тогаш би требало да се погрижиме да биде уште потешко – ако не и невозможно – тоа да го изгубиме.“

Лична критика

Книгата е буквално волшебна и не може да не ви се допадне. Доколку ви треба предлог за книга, најтопло ви препорачувам да го пополните своето слободно време читајќи ја оваа. Ќе ве натера да помислите на топлите летни ноќи. Живото раскажување ќе направи да почувствувате дека се шетате низ улиците на Колби, ќе ги слушнете звуците од океанот, ќе го почувствувате мирисот на свежото кафе и вкусната пита со јаболка. Бессоните летни ноќи одеднаш ќе ви станат толку многу романтични и ќе посакате да ги доживеете.

„Препушти се“ – Сара Десен

Други дела на Сара Десен:

  • „Тоа лето“
  • „Некој како тебе“
  • „Земја од соништата“
  • „Само слушај“
  • „Што се случи со збогум“



Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.

За авторот
Слободното време го минува со голема шолја кафе и со добра книга во рака или пишувајќи го она што ѝ лежи на душата. Не може да поднесе неправда и негува емпатија кон луѓето. Како перфекционист опседнат да даде сè од себе, сонува да направи промена во светот околу неа. Креативна и желна за нови предизвици, со многу нови соништа секој ден, иако понекогаш плашлива од промена. По малку романтична со голема љубов кон англиските книжевни класици.

Поврзани содржини

  1. boxi Reply

    Во која книжара може да се наде овој дело? Фала однапред : )

    • Ели Радеска Reply

      Книгата може да ја најдете во Матица. Се надевам дека ќе уживате читајќи ја. Поздрав. :)

  2. Anathema Reply

    Книгата е навистина интересна исто и „Некој како тебе“ :)

Остави коментар