„На работ од времето“ — Книга која има моќ да го сопре времето околу вас, да ве пренесе на неочекувани места и да ве впушти во незамисливи авантури

Илјада години од денес… Со светот владеат совршени луѓе со чисти гени кои живеат во беспрекорно општество каде што сѐ е подредено на највисоката цел — одржување на совршеноста и чистење на населението од сите кои би можеле да ја нарушат. Една навидум изгубена девојка има моќ да го промени тоа…

„…кога шетате по улиците на мојот град или во кој било друг град, може да забележите само луѓе со одлично здравје, прекрасни заби, бујна коса… Во овој наш свет, сѐ е совршено. Градот, паркот, луѓето.. Па, добро, сѐ освен мене…“

Ако имате намера да ѝ дадете шанса на книгата „На работ од времето“, најпрво треба да знаете во што се впуштате. Се работи за книга од македонската писателка Моника Трајковска, издадена од книжевниот центар Антолог, која жанровски припаѓа во редот на научната фантастика, со елементи на љубов и авантура. Доколку ја следите македонската издавачка дејност, веројатно сте свесни дека овој жанр не се освежил со ново книжевно дело многу години, па токму тоа може да биде и вашиот прв предизвик за да ја прочитате оваа книга. Иако жанровски вака определена, сепак мора да се напомене дека се работи за современа популарна литература, какви што слични книги и нивни филмски адаптации во неколку продолженија сме склони да голтаме со голема жед и внимание изминативе неколку години. „Игрите на гладните“, „Различна“ и „Лавиринт“ се некои од нив.


Кафе пауза доделува два примероци од книгата за нашите читатели.


За што се работи? Дејството веднаш нѐ фрла многу години напред во иднината, во постапокалиптично општество настанато како резултат на генетски мутации кои довеле до покосување на животите на многу луѓе. Со цел да се изборат со стравот од тотално уништување, луѓето со чисти гени успеале да изградат нова држава, Нов Почеток, распространета по линијата на екваторот и составена од градови во кои животот функционира добро, но според строги правила. Тие правила, меѓу другото, овозможуваат проширување на семејствата само со сто проценти чисти гени и комплетна компатибилност на брачните партнери. Во спротивно, би постоела опасност од раѓање на генетски мутирано бебе, што е апсолутно недозволиво. Но, што се случува со луѓето кои не се беспрекорно „чисти“? Оние кои преживеале се населиле надвор од новите градови, во разрушени средини каде што постојано се на штрек дека ќе бидат нападнати и тоа ќе биде крај на нивниот обид да го вратат светот во состојба како некогаш… како денес.

Вероника е млада девојка која целиот живот го поминала во еден од градовите на Совршените, но бидејќи нешто не било во ред со нејзините гени, никогаш не го напуштила домот на родителите. Сѐ до оној ден кога е приморана да излезе надвор од страв дека нејзините родители, а и таа самата, се во некаква опасност. Така започнуваат нејзините авантури. Но, надвор од нејзиниот град таа, сепак, не е сама. Најпрво ја запознава Дијана, со која за многу кусо време развива голема блискост и пријателство, а таа пак, ја води кон една напуштена болница каде ги запознава луѓето со чија помош ќе се обиде повторно да дојде до нејзините родители. Меѓу нив се професорот, научникот Туари, Марко (млад амбициозен истражувач кој има некаков недефиниран однос со Дијана) и Мартин. Тие овде имаат лабораторија во која ги истражуваат гените со надеж дека ќе дојдат до сознанија кои ќе можат да го променат човештвото.

2-na-rabot-od-vremeto-kniga-koja-ima-mokj-da-go-sopre-vremeto-okolu-vas-da-ve-prenese-na-neochekuvani-mesta-i-da-ve-vpushti-vo-nezamislivi-avanturi-kafepauza.mk

Ликот на Вероника, која воедно е главниот лик и носител на дејството во романот, е пренесен во прво лице еднина, што на читателот му овозможува поблиску да се запознае со нејзините размислувања, емоции и ставови. Ова можеби нема да му се допадне секому, па иако се работи за вкус кон различните стилови на пишување, незанемарлива е улогата на вештината со која тоа е овде направено. Од друга страна, уште веднаш се навестува дека Вероника е различна (живеела 19 години без воопшто да погледне од прозорците во нејзиниот дом), па излегувањето надвор во светот неизбежно го менува нејзиното однесување, кое на моменти е наивно, детско, па дури и пренагласено, за понатаму да се развива во храбро и самостојно. Таа е вистинска хероина која ги движи нештата напред. Силно ни ги пренесува емоциите и ефектите од нив, па благодарение на нивото на детали, во секој момент знаеме како се чувствува и што размислува.

Мартин е ладно симпатично момче, кое постојано е облечено во црна облека од глава до петици и изгледа како да нема емоции кон другите луѓе. Сепак, и неговиот лик доживува трансформација, која по малку очекувано, се случува под влијание на Вероника.

И останатите ликови се носечки во текот на целото дејство, а особено позитивен впечаток остава ликот на Дијана, додека особено негативен (што значи добро доловен) — ликот на Човекот од огледалото.

Покрај добро разработената психолошка страна на ликовите, авторката многу обрнала внимание и на описот на физичките карактеристики. Така, додека ја читате книгата, постојано ќе ги гледате црвените долги кадрици кои висат од главата на Вероника и секси изгледот на темноокиот Мартин. Подеднакво ефектно ќе го доживеете Човекот од огледалото со неговата иронична насмевка зад која не може точно да се разбере што се крие.

Приказната има нелинеарно и непредвидливо дејство. Почнува со една делумно нејасна сцена за веднаш потоа да нѐ врати неколку месеци порано во домот на Вероника, и потоа да нѐ фрли во сивилото на урнатините од стариот свет, постојано воведувајќи нови ситуации, места и ликови кои се испреплетуваат и поврзуваат за на крајот да ја откријат својата важност и улога. Динамиката и текот на приказната повеќепати се менуваат и не постои класична кулминација од која понатаму би се очекувало целосно разоткривање и спуштање на дејството. Последните неколку глави пак, умешно ја комплетираат приказната, па така и го оправдуваат нејзиното продолжување со уште два други дела.

3-na-rabot-od-vremeto-kniga-koja-ima-mokj-da-go-sopre-vremeto-okolu-vas-da-ve-prenese-na-neochekuvani-mesta-i-da-ve-vpushti-vo-nezamislivi-avanturi-kafepauza.mk

„На работ од времето“ е типична приказна за дејство сместено во постапокалиптично време. Таа е и книга за гените, нивната мутација и употребата на напредна технологија за нивно тестирање, како и за праќање на луѓето во состојба во која можат да ги контролираат времето и просторот. На моменти ќе се почувствувате како да читате веќе познато научно-фантастично дело од овој вид, за на крајот да сфатите дека се работи за комплетно оригинална приказна во која со сигурност се вложени многу труд, време и креативност. Фантазијата на авторката е неоспорно видлива. Толку се живописни описите на просторите покриени со штитови кои овозможуваат совршена глетка, толку се детално опишани технолошките уреди и начините за идентификација во објектите, што на моменти како да може да се видат живите и флуоресцентни бои и магичните физички облици на времето замрзнато во мигот. Впрочем, описите се толку детални како да е книгата пишувана за филмско сценарио.

Стилот на пишување е едноставен, по малку и слаткаст, претежно базиран на кратки реченици кои јасно ја пренесуваат мислата. На сметка на деталните описи и долгите интерпретации на размислувањата и емоциите на главниот лик, недостасуваат повеќе дијалози кои би овозможиле поцврсто и пофокусирано држење на читателот до приказната и поактивно пренесување на дејството.

Првата книга од трилогијата „Наследството на Вероника“ е апсолутно книжевно освежување. Верувам дека младата тинејџерско-адолесцентна публика ќе биде најнаклонета кон приказната, но делото генерално не поставува возрасни рестрикции. Иако се работи за идни и замислени дејства, кои вклучуваат сложени операции околу анализа на гени и употреба на напредни технологии, сето тоа е доволно јасно поставено за да би можела да го следи младата публика, а креативната приказна со екстремно високо ниво на детали не би го оставила рамнодушен ни повозрасниот читател. Па… дали вие сакате ја прочитате „На работ од времето“?


Ако сакате да добиете примерок, оставете Фејсбук-коментар или пуштете твит вклучувајќи го хаштагот #НаРаботОдВремето. Со среќа!


Автор: Ирина Мицов


Добитници на книгата се Моника Ангелковска (преку Твитер) и Мартина Стојанова (преку Фејсбук). Им честитаме и се надеваме дека ќе уживаат во приказната.

За авторот
Читај на раат!

Поврзани содржини

Остави коментар