Книга: „Забавата може да почне“ – Николо Аманити

Книга: „Забавата може да почне“ - Николо АманитиИма една одлична работа кога земате книги во рака за коишто апсолутно немате никаква идеја за што станува збор – елементот на изненадување. Иако ѕирнав некоја онлајн-критика за делата на Николо Аманити и се трудев да смислам што би барале сатанистички култ и новопечен писател желен за внимание на иста забава, дефинитивно не бев спремна за една ваква „урнебесна трагедија“. Во суштина Николо се дрзнал да го искритикува италијанското општество и вешто служејќи се со сатира да ги исмее неговите најекспонирани претставници – сè останато во книгата се бизарни разговори и трагикомични ситуации.


Доделуваме 2 книги во соработка со Издавачкиот центар ТРИ


Сè започнува со средбата на Ѕверките на Абадон, италијанска секта на која одамна ѝ поминале деновите на славата и сега, за голема жалост на дури четворицата нејзини членови, нивните мрачни подвизи од типот на цртање графити и повремено колење овци повеќе не се популарни помеѓу обожувачите на Сатаната. Со цел да ја врати изгубената слава на некогаш почитуваната секта, нејзиниот водач планира голем потфат кој ќе им загарантира почит каква што заслужуваат. И сè би било во ред со овој мрачен план само кога водачот Мантос, не би бил семеен човек со жена и близнаци (и многу напорен дедо кој го мрази, кога сме веќе тука), кој не може да диши без дозвола од сопствената жена, а камоли да организира сатанистички обред.

Во меѓувреме се запознаваме и со Фабрицио Чиба, писател во четириесеттите години со една успешна книга зад себе и креативна блокада која го држи подолго време. Всушност, неговиот шарм и популарност кај публиката би биле доволни Фабрицио да живее опуштен живот и без да пишува, но неговото его е длабоко повредено кога за време на една промоција на книга, додека споделува интимни моменти со преведувачката на клупа во дворот, ќе го наслушне разговорот на својот издавач кој сака да го намали неговиот тираж.

И двајцата ликови се на некој начин заглавени во своето калливо секојдневие, Мантос преку неговата неспособност, понизност и бескорисност како што би рекла неговата жена, а Фабрицио преку вечната потреба за внимание и стравот дека го прославил само неговиот шарм, а не талентот за пишување.Олајн саем на книгатаКаде една сатанистичка секта би нашла соодветна публика за сериозен потфат и каде еден писател би нашол солиден материјал за новата книга ако не на најголемата забава во историјата на Италија? Николо Аманити нè води во Вила Ада каде милијардерот Кјати приредува забава на којашто треба да присуствува секој што е некој или сака да биде некој. Џет-сетот на Италија е присутен со сиот свој сјај и гламур, но целосно неподготвен за она што ги очекува како што се приближува ноќта.

Може да се каже дека авторот не штедел на имагинација и апсурд кога го подготвувал гранд финалето на забавата на векот на кое можат да завидат и момците од „Hangover“ (секако дека мислам на првиот дел). Како и да е, во целиот тој хаос Николо успева да ни ги приближи Мантос и Фабрицио уште поблиску, едниот останувајќи мизерен како што веќе го познаваме, а другиот откривајќи човечност во себе каква што ни самиот не очекувал.

„Забавата може да започне“ е книга за која можете да прочитате бројни критики, позитивни или негативни, а на крајот повторно да бидете изненадени. Не можам да проценам какви дела треба да сакате за да ви се допадне и ова, но да бидеме реални, кој не сака добро, сочно исмејување на сите оние фаци кои и онака самите не прибираат начини за да се прослават?

Книжарница ТРИ, ГТЦ, I кат
тел: 02/3238-722
knizarnica@kniga.com.mk

За да учествувате во наградната игра треба да оставите коментар, да го твитнете постот или да го пинувате на Пинтерест, користејќи го хаштагот #СакамКнигаОдТРИ и вашето име и презиме (ако не може да се прочита точно од вашиот профил). Имате време до вторник, 29 октомври 2013.

Добитниците ќе бидат објавени на профилите на Кафе пауза на Фејсбук, на Твитер и на Пинтерест, а наградите ќе можете да си ги подигнете со документ за лична идентификација во книжарницата ТРИ.

За авторот
Од кога паметам вљубена сум во играта на зборовите и за мене нема поинтимен момент од оној кога сум сама со мислите пред празен лист хартија. Го ценам друштвото на убава книга, квалитетна музика и шолја турско кафе. Сакам стари предмети и ретро фотографии, особено оние кои со себе носат приказна. Дипломиран економист кој студиите ги преживеа благодарение на зависноста од чоколадо.

Поврзани содржини

  1. Светлана Богоевска Reply

    Аманити, младиот Италијанец кој секогаш ме изненадува и остава горчина во душата, а сепак сум задоволна со пренесеното искуство.

Остави коментар