Книга: „1Q84“ – Харуки Мураками (3)

Последниот дел од возбудливата трилогија за потрагата по љубов помеѓу два света

1-kniga-treta-1q84-haruki-murakami-kafepauza.mk

Наша оценка: 7
Ваша оценка: 1 ѕвезда2 ѕвезди3 ѕвезди4 ѕвезди5 ѕвезди6 ѕвезди7 ѕвезди8 ѕвезди9 ѕвезди10 ѕвезди (7 гласа, просек: 10.00 од 10)
Loading...Loading...
Оценка на трилогијата: 7

Втората книга од трилогијата веројатно веќе ве подели на верни читатели кои нема да пропуштат ниту едно наредно дело на Мураками и оние кои и официјално се откажаа од неговите книги. Е сега, кога останавме оние кои очигледно сметаат дека комбинацијата од љубовна романса, научна фантастика, филозофија, мистерија и акција е генијална, плус оние кои нема да ја остават книгата дури не разберат што се проклетите „човечиња“ па макар не допреле книга на Мураками никогаш пак, е сега може да зборуваме отворено. Каква мустра е овој Мураками, нели? Да ја заврши втората книга на автопатот на кој што сè започна, додека Аомаме држи пиштол на чело и во мислите се збогува од Тенго, кој што патем речено сè уште не го ни сретна по нивната последна средба во основно? Да, се извинувам што не ве предупредив за тој момент во претходната рецензија.


Доделуваме 2 книги во соработка со Издавачкиот центар ТРИ


Нема простор за паника, Аомаме е жива и здрава, плус просветлена од нејзината блиска средба со смртта. Мал проблем е тоа што мора да се крие во еден преубав стан од сектата која сега ѝ е зад петици. Аомаме го уби нивниот водач во една мистериозна ноќ со грмотевици без дожд, и сега членовите на сектата останаа без нивниот духовен канал кој им ги пренесувал пораките на човечињата. И како сето ова да е малку, Аомаме е бремена и нејзината бременост не е на никаков начин поврзана со основните правила на биологијата и човечката репродукција. Во третиот дел Аомаме живее за нејзиното дете и во надеж дека ќе успее да ја пронајде љубовта на нејзиниот живот.

Тенго, како и во претходните два дела прилично спокојно си го живее секојдневието, освен во оние малку непријатни моменти кога му исчезнуваат ретките блиски луѓе од неговиот живот, меѓу кои постарата љубовница и издавачот. Но, како вистински пасивен машки лик од книгите на Мураками, не прави ништо особено во врска со тие мистериозни исчезнувања. Во третата книга Тенго поголем дел од времето го минува во досадното гратче каде што е сместен старечкиот дом во кој престојува неговиот татко. Тенго го посетува секој ден, но не поради грижа за неговото здравје туку во надеж дека повторно ќе ја види куклата од воздух во неговата соба. Со текот на времето станува свесен дека единствената движечка сила во неговото здодевно секојдневие е опседнатоста да ја пронајде Аомаме.

2-kniga-treta-1q84-haruki-murakami-kafepauza.mk

Можеби најважната работа поврзана со третата книга е вклучувањето на трет лик во текот на настаните, кој ги раскажува случувањата од негова перспектива. Ако особено ви се допадна ликот на грдиот Ушикава кој има „епизодна улога“ во првиот и вториот дел од трилогијата, честитки – сега имате можност поблиску да го запознаете. Ушикава е приватен детектив кој работи за сектата со цел да ја пронајде Аомаме и единствениот кој ја поврзува со Тенго. Имено, Ушикава можеби нема нормален живот и нормална работа, но затоа има нос за сомнителни работи заедно со упорност и истрајност на вистински приватен детектив. Ушикава си „изнајмува“ стан во зградата на Тенго, си вградува камера која гледа на надворешната врата и неуморно ги слика сите што поминуваат, секој ден. Упорноста ќе вроди резултат, но не толку поволен за Ушикава.

Во претходната рецензија споменав дека Мураками навлегува премногу длабоко во водите на надреалното и сето тоа можеби е претерано за сите оние кои од трилогијата очекувале љубовна приказна. Но, сега можам да кажам дека всушност тие читатели ќе бидат најзадоволни од крајот. Затоа што настрана сектите, човечињата, куклите од воздух, двете месечини и убиствата, нишката којашто се провлекува од почеток до крај на обемната трилогија е всушност вербата во љубовта. За мене „1Q84“ е едно од најоригиналните дела кои ги имам прочитано, љубовна приказна која се случува во два паралелни света и која дефинитивно ја враќа вербата во судбината.

Книжарница ТРИ, ГТЦ, I кат
тел: 02/3238-722
knizarnica@kniga.com.mk

За да учествувате во наградната игра треба да оставите коментар, да го твитнете постот или да го пинувате на Пинтерест, користејќи го хаштагот #СакамКнигаОдТРИ и вашето име и презиме (ако не може да се прочита точно од вашиот профил). Имате време до среда, 24 септември 2014.

Добитниците ќе бидат известени преку профилите на Кафе пауза на Фејсбук, Твитер и на Пинтерест.

Наградите ќе можете да си ги подигнете со документ за лична идентификација во книжарницата ТРИ.

За авторот
Од кога паметам вљубена сум во играта на зборовите и за мене нема поинтимен момент од оној кога сум сама со мислите пред празен лист хартија. Го ценам друштвото на убава книга, квалитетна музика и шолја турско кафе. Сакам стари предмети и ретро фотографии, особено оние кои со себе носат приказна. Дипломиран економист кој студиите ги преживеа благодарение на зависноста од чоколадо.

Поврзани содржини

Остави коментар